Лекција за Заев, Османи и Димитров не само од Франција

Улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица.

Излишна е глумата за изненаденост и навреденост. Самитот покажа и какви се внатрешните состојби во ЕУ, а особено дека нам ни е потребно повеќе од политика заснована на шарм, „стара слава“ и тезата „сменивме име за датум“. Исто како што се потврди предупредувањето што го прецизирав уште во јуни: „...Емпатијата на ЕУ-членките и комесарите кон Македонија и Албанија нема да надвладее над преговорите на националните политичари за распределбата на функциите што ќе ја водат... ЕУ во следните години и... за идните позиции во Унијата.“

Власта повеќе сака(ше) реторика, одошто да работи и испорача: прво во и за Скопје, а потоа и кон Париз, Берлин и Брисел. Затоа, предупредувањата до вчера стануваат задачи за утре: тоа што за македонскиот граѓанин е егзистенција не може за Владата да е само дневна реторика. Надворешната политика не е само билатерала со тие што те претпочитале на власт ниту пак регионалната соработка е „маалска“ игра. Оваа лекција на Заев, Османи и Димитров им ја испорачаа неколку ЕУ-членки, а не само Франција.

И иако реториката на европските лидери е утешна, треба да се помириме дека улогите на „добар и лош полицаец“ ќе ги играат кон нас уште долго, доколку не сфатиме дека со итроманска политика не се може подалеку од Табановце до Богородица

Муртино не е Мадрид, Кочани не е Копенхаген, Берово не е Берлин, ниту Прилеп е Париз за македонскиот премиер да очекува дека низ бриселските лавиринти ќе се провлекува со трикови на струмички градоначалник. На вицепремиерскиот инспектор по двојазичност му порачаа дека чекалната во Брисел не е исто што и општински партиски огранок во Чаир, а на првиот македонски дипломатски поет, дека дипломатијата е повеќе од поезија, слаткоречивост и смешкање пред камери.

Уште по пролетните избори за Европскиот Парламент и ставот на Макрон за потреба од идно реорганизирање на ЕУ, стана јасно дека работите ќе се одвиваат многу потешко одошто Заев ги замислувал, посакувал или му биле ветени, сеедно. Но веќе беше предоцна да ја промени реториката и активностите, откако името го вложи покерашки, all in, како карта за европската интеграција на земјата – без за тоа да бара или добие гаранции, економско-финансиски и политички.

Игнорирањето на новите реалности во пост-брексит ЕУ, историските констелации и односи и начини на договарање меѓу нејзините членки настанати и пред самата ЕЗ покажа колку оваа Влада и нејзините чинители и експоненти немаат поим за тоа што е ЕУ и нејзините членки. Накусо, аматеризмот на праксата на Димитров „Ние со Берлин, а останатите кој ве тркала“ е до тука. Затоа, време е да се организираат улогите:

Политиката на политичарите, политиканството на политикантите

Предупредувањето на Хојт Ји во раната пролет, беше навремен аларм дека и во САД има свесност дека З.Балкан и С.Македонија можат да бидат стабилизирани и во Унијата само доколку политиката на САД и ЕУ за регионот е заедничка. Дефиницијата дека (парафразирано) „земјите од З.Балкан глумат реформи, а ЕУ глуми дека глумата им е успешна“, покажа колку САД се свесни дека реторичкото реформирање и фактичкото корумпирање на политиката создава само клепто-политички елити што на крај сите ги прави извор на нестабилност и меки точки за пенетрација на Истокот и во регионот и во Унијата.

 

На недобивањето датум во 2019 предупредувавме поради владините политики и потези, но и разбраните пораки.

Се сеќавам на критиките што ги добивав за сите тие ставови, заради кои поднесов оставка на претходната партиска должност и го иницирав организирањето на Движењето за нова Република.

Единствено за што жалам е што предупредувањата се остварија. Но одбивам да се сожалуваме како нација. Затоа што знаевме што (не) исполнуваме, дека за тоа е виновна Владата и дека тоа ќе нѐ соочи со нови проблеми: „...Вонсистемското, партиски-службењачко-медиумски-правосудно „спонзорирано“ прибирање средства низ „Рекет“ за редистрибуција на капитал во паралелен медиумско-невладин-финансиско-партиски „картел“ не може да се ограничи на пар тривијални ликови и води кон македонскиот владејачки политички, партиски и бизнис врв, а до судско расчистување на аферата и казнување на инспираторите и сторителите – интеграциите се загрозени поради системската корупција и политичката неказнивост...“.

Јасно е дека Владата неформално е падната, но нема автоматизам за тоа дали и каква друга ќе ја наследи.

Оценките на премиерот за последиците по неговата влада се и точни и – небитни. Тој цела година пробува да изигрува некаква регионална „единица мерка“ за стабилност, но обидот му пропадна кога го јавна бранот на политичката нестабилност во Албанија и охрабри пристап на издвоен датум за преговори само за Македонија. Затоа, со сето досега кажано, смешна е реториката „ако не можеш по Заев, удри по Макрон“.

По оваа, од денес треба да се пристапи кон креирање нова поширока Влада од сегашната, што во таргетирано време ќе постави правец на корекција на системските слабости, ќе го дочека следниот ЕУ самит и членството во НАТО, ќе ги санира политичките односи со соседите (и вон рамката на постигнатите договори) и ќе подготви предвремени парламентарни избори. Бидејќи моментумот на ЕУ-проширувањето претходно беше пропуштен поради политиките на Груевски, ниту Мицкоски не е во состојба инстантно да произведе исчекор што класично партиски ќе го покрие политичкиот јаз. Дури, ако сега не поттикне ваква Влада, таква може да му се случи по изборите, предвремени или редовни – сеедно. И, секако, да не заборавиме дека Европа не испорача кон нас и Балканот воопшто.

Тоа е чувството на јавноста со огромни очекувања, но особено затоа што беа направени тешки отстапки и преседани кои ја трауматизираа особено Македонија (а и Албанија). А пред сѐ затоа што никој не сакаше да слушне дека едно е бриселската хан-могерини-јункер реторика, а друго е реалноста во европските метрополи.

Секако, недобивањето датум за преговори на крајот на краиштата не е крај на светот и не ќе ги вознемири претерано граѓаните. Нивното чувство за онеправданост доволно долго и упорно го хранеше сопствената држава, па сега неправдата од Брисел и не е некаков шок. Но, медиа-политичко-невладината провладина камарила, нејзините партиски ботови и експоненти во јавноста и социјалните мрежи денес се избезумени затоа што сфаќаат дека привилегиите им се лизгаат од рацете онака како што Владата се доближува до сопствениот пад.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе

Добро е, во прво време, г. премиер, да го поттикнете Вашиот министер за култура да најде погодна форма да се преобјави книгата „По повод најновиот напад на нашиот јазик“ од Конески, пишува професорот Атанас Вангелов во отворено писмо до премиерот Зоран Заев.

повеќе

Мислам дека Европа нема ни да дозволи полемика за македонскиот јазик затоа што тоа е строго научна работа. Освен нашите политичари-шупелки, никој друг не би посегнал по таа светост.

повеќе