Лекарите да престанат да дефинираат што е „нормално“ во контекст на сексуалните полови

Операциите направени кај повеќето интерсексуални новороденчиња е од козметички причини.

Намерата не е да се добијат исправни телесни функции во согласност со здравствените потреби, туку се прават за телото да изгледа онака како што наложуваат прифатените норми за половите. Целта е да се произведат машки и женски лица кои изгледаат вообичаено, со тоа што ќе се отстранат секакви можни причини за неразјаснет пол.

На 26 октомври 1996 година, мала група активисти протестираа пред местото каде се одржуваше конференцијата на Американската академија на педијатри во Бостон, со цел да ѝ соопштат на јавноста дека козметички хируршки зафати се вршат рутински на интерсексуални деца и новороденчиња. Денес, 26 октомври е познат како Ден на свесност за интерсексуалноста и се одбележува секоја година.

За да се означи денот во 2017 година, Пиџен Пагонис (Pidgeon Pagonis), борец за правата на интерсексуални лица, организираше протест пред Болницата за деца „Ен и Роберт Х. Лури“ во Чикаго. Пред повеќе од една деценија, лекарите во таа болница извршиле медицински непотребна операција со која го измениле клиторисот, вагината и тестисите на Пиџен, без да добијат согласност од Пиџен. За Пиџен и другите кои присуствувале, протестот бил мотивиран од политички, но и од длабоко лични причини.

Пред да се одржи протестот, болницата објавила пријателска јавна изјава, во која стоело: „Ние се залагаме за отворена комуникација со заедницата на интерсексуални лица и целосно ги почитуваме различните мислења што постојат кај поединците кои се засегнати“. Но, покрај тоа, во јавноста беше обелоденет и еден интерен допис од болницата во кој ставот беше сосема различен. Во дописот, секторот за односи со јавност на болницата ги опишува протестантите како пропагатори на „екстремистички став за прашањата кои се однесуваат на интерсексуални лица“.

Тоа се две пораки што многу се разликуваат. Во првата се прикажува дека се отворени за дијалог, а во втората лицата што се борат за правата на интерсексуалците негативно ги категоризираат како екстремисти. Гледано заедно, спротивставените пораки откриваат дел од претпоставките кои се основата за хируршки зафати на интерсексуални деца. Поконкретно, тие покажуваат точно зошто лекарите и натаму ги вршат овие зафати кои се медицински непотребни и високо ризични на интерсексуални деца кои се премлади за да ја дадат својата согласност, и покрај тоа што оваа пракса веќе со децении се смета за контроверзна во медицинската заедница.

Операциите направени кај повеќето интерсексуални новороденчиња е од козметички причини. Намерата не е да се добијат исправни телесни функции во согласност со здравствените потреби, туку се прават за телото да изгледа онака како што наложуваат прифатените норми за половите. Целта е да се произведат машки и женски лица кои изгледаат вообичаено, со тоа што ќе се отстранат секакви можни причини за неразјаснет пол.

Секако, некои лекари ги оправдуваат овие процедури со тоа што велат дека тие се потребни за психолошка добросостојба. Тие тврдат дека операциите се хумана интервенција за деца чии полови карактеристики не се јасно определени и кои би можеле да имаат проблеми да се вклопат со врсниците доколку не се изврши зафатот. Велат и дека им помагаат на родителите, на кои можат да им дадат дете со „нормален“ изглед. Впрочем, на веб-страницата на детската болница Лури дури и се рекламираат операции за „намалување на голем клиторис“ и „помош за корекција на анатомијата кај девојчиња“.

Активистите за интерсексуалност тврдат дека всушност општествените ставови и медицинските пракси – а не нивните тела – се проблемот. При соочување со штетните стигми, тие имаат заедничка кауза со лицата кои се лезбејки, хомосексуалци, бисексуалци и трансродови лица. Не многу одамна, „терапијата за преобратување“ за хомосексуалци и лезбејки, која некогаш вклучувала и процедури со електрични шокови, беше прифатена медицинска пракса. Трансродовите лица, пак, редовно добиваат медицински дијагнози во кои идентитетот е претворен во патологија.

Минатото искуство покажува дека социјалните ставови, а не поединците, треба да се сменат. Земете го како пример Меѓународниот ден против хомо-, би- и транс-фобија, кој се одржува секоја година на 17 мај, како одбележување на одлуката на Светската здравствена организација од 1990 година да се отстрани хомосексуалноста од нејзината класификација на ментални нарушувања. Ваквата промена на медицинскиот консензус барала широко прифатена културна смена со која хомосексуалноста е прифатена како природна варијација на човечкото искуство.

Исто така, веќе знаеме дека интерсексуалните тела се природна варијација од спектар на телесни видови. Земајќи го тоа предвид, не треба да дозволиме непријатноста која доаѓа заедно со нејаснотијата да биде наметната на телата на деца кои се премлади да зборуваат или да разберат што се случува. Ова особено важи за медицинските професионалци кои вршат козметичка хирургија на интерсексуални новороденчиња. Тие треба да запрат и да ги разгледаат културните претпоставки кои се основата за нивните медицински мислења.

За да разбереме како може да настане културна смена, корисно е да пристапиме кон нештата од антрополошка гледна точка, а за тоа е потребно да проучиме други општества и да ја погледнеме нашата култура од поинаква перспектива. Кога ќе го направиме тоа, ќе видиме дека она што порано ни изгледало чудно кај некоја друга култура станува познато и разбирливо, а делови од нашата култура кои сме ги зеле здраво за готово може да почнат да ни изгледаат прилично чудни.

Начинот на кој културите се справуваат со нејаснотиите и аномалиите е централно прашање на антрополошките истражувања. Телата на интерсексуалните лица ги доведуваат во прашање основните културни претпоставки за полот и родот во многу општества. Сепак, сега кога имаме широки познавања за оваа тема, можеме критички да ги разгледаме и да ги смениме овие претпоставки или можеме да инсистираме поединците да се усогласат со постојните културолошки норми и општествени очекувања.

Сегашната медицинска парадигма ја одбрала втората дадена опција. А не е тешко да се види што вели талогот од кафе на оваа тема. Медицинските експерти од Лекари за човекови права (Рhysicians for Human Rights) и од СЗО (WHO), Управниот одбор на Американското медицинско здружение и многу други групи за човекови права веруваат дека само интерсексуалните лица, а не нивните родители или лекари, треба да одлучат дали да се оперираат.

Пред болницата во Чикаго во октомври, протестантите држеа плакати со пораки како што се „Едуцирајте, не оперирајте“ и „Нашиот екстремистички став: најважно е да не наштетите некому“. Тие се во право. Почитувањето на разновидноста не е екстремистичка идеја. Екстремистичкиот став е дека интерсексуалните тела треба да се направат „нормални“ преку хируршки интервенции, без да им се даде збор за тоа на луѓето кои живеат во тие тела.

Најдобро е детската болница Лури и други болници да размислат што прават. Во иднина, кога ќе се навратиме на ова прашање, ќе биде јасно кои – хирурзите или протестантите пред болницата – стоеле на исправната страна.

Греам Рид (Graeme Reid)

(Авторот е директор за права на лезбејки, хомосексуалци, бисексуалци и трансродови лица во „Хјуман рајтс воч“ (Human Rights Watch) и е хонорарен професор на Студиите за жени, родови прашања и сексуалност на Јеил и на Институтот за проучување на човекови права при Универзитетот на Колумбија)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Природната и суровата храна се заменува со фабрички подготвени оброци и со обработена храна.

повеќе

Гувернерот, кој и да е, не е ничиј должник. Ниту на предлагачот, ниту на тие што ќе го изгласаат.

повеќе

Родовото прашање е клучен двигател за резултатите на здравството.

повеќе