Легализација на корупцијата во македонскиот јавен сектор?

Според Законот за вработените во јавниот сектор, службениците можат да примаат подароци во вредност до 3000 денари годишно, што се смета за „пониска вредност“.

Корумпираноста на јавниот сектор во Република Македонија е повеќе од ноторна. Независно дали станува збор за сериозните кривични дела сторени од поранешните високи функционеринепотизмот или пак редовното подмитување на административните службеници во управните постапки, македонскиот граѓанин секојдневно се соочува со коруптивни практики. Тие се всушност до таа мера раширени, што веќе стануваат вообичаени – правило, наместо исклучок. Така, фактот што во 2017 година Република Македонија беше рангирана на 107 место од 180 држави (180 – најкорумпирана држава, 1 – најмалку корумпирана држава) според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл (Transparency International) воопшто и не претставува изненадување. Оттаму, сериозно се поставува прашањето што преземаат македонските институции по овој повод? Освен што може да се забележи сериозен недостаток на системски и стратешки решенија, загрижувачки е што законодавецот дури и ја „легализирал“ ситната корупција со Законот за вработените во јавниот сектор.

Што претставува корупцијата и како е уредена во македонското законодавство?

Поимот корупција, независно за чија дефиниција говориме (Transparency InternationalЕвропската комисијаОрганизацијата за економска соработка и развој), секогаш е составен од две компоненти, односно претпоставки: (1) злоупотреба на доверена моќ или положба и (2) лична корист. Корумпиран може да биде секој функционер кој злоупотребува буџетски средства и ги пренебргнува правилата на јавните набавки. Тоа може да биде секој административен службеник кој не ја извршува својата законска должност без да му биде дадена извесна сума на пари или секој судија кој одлуките ги заснова не на законот туку на својот приватен интерес. Се разбира, тука би се вброиле и обвинителите, униформираните и неуниформираните полициски службеници, инспекторите, но и давателите на јавни услуги или вршителите на јавни дејности како што се професорите, лекарите и слично. Поинаку речено, секое лице кое располага со државни средства, креира политики и усвојува прописи, одлучува за правата и обврските на граѓаните, со своите дејствија влијае на тие одлуки, или пак кое ѝм пружа услуги од јавен карактер, може да биде корумпирано ако ги злоупотреби своите законски овластувања за лична корист.

Практично кажано, дела на корупција се сите случаи од македонското законодавство кои во извесна мера соодветствуваат на наведените дефиниции. Законот за спречување на корупцијата во членот 1-а предвидува дека под корупција „се подразбира искористување на функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за остварување на каква и да било корист за себе или за друг“. Кривичниот законик, пак, предвидува низа инкриминации како што се примањето поткуп (член 357), давањето поткуп (член 358), противзаконско посредување (член 359), злоупотреба на службена положба и овластување (член 355), несовесно работење во службата (член 353-в), проневера во службата (член 354), измама во службата (член 355) и слично.

Сепак, без разлика на овие одредби и инкриминации, ситната корупција или практиката на ситно поткупување е легализирана. Станува збор за Законот за вработените во јавниот сектор. Поставувајќи ги општите правила за работниот однос на сите вработени во јавните институции како што се административни органите, општините, установите (болници, училишта, факултети, театри итн), агенциите, фондовите, јавните претпријатија и слично, овој пропис го содржи членот 39 насловен „забрана за примање подароци“ чиј прв став гласи:

„Вработените во јавниот сектор не смеат да примаат подароци поврзани со нивната работа со исклучок на протоколарни и повремени подароци од пониска вредност. Подароци што не ја надминуваат вредноста од 1.000 денари, или подароци добиени од иста личност чијашто вкупна вредност не надминува 3.000 во дадена година, се сметаат за подароци од пониска вредност […]“

Дополнително, ставот 3 од истиот член предвидува дека подароците над утврдената номинална вредност стануваат сопственост на работодавачот. Со други зборови, ако подарокот на граѓанинот го надминува законскиот максимум тој не се враќа туку станува сопственост на министерството, органот во состав, установата и слично. Наместо да се поштедат граѓаните од (и онака тешко оправдливите) трошоци, самите јавни органи стекнуваат дарови. Овие одредби тешко можат да наидат на логично и издржано образложение, а нивната крајна цел е ништо друго туку конфузија и пораст на поткупувањето.

Нелогичноста на одредбата од Законот за вработените во јавниот сектор и нејзиниот (можен) ефект

Апсурдноста на наведениот член 39 од Законот за вработените во јавниот сектор може да биде образложена низ повеќе аргументи.

Прво, нејасно е зошто македонскиот законодавец воопшто сметал дека е потребно да се дозволи вработените во јавниот сектор да примаат подароци од граѓаните. Додека поголемиот дел од државите постапуваат токму спротивно, поточно предвидуваат забрани, Република Македонија пристапила кон легализирање на нешто што дотогаш било незаконито – граѓаните да изразуваат благодарност кон вработените во јавниот сектор поради тоа што тие ги исполниле обврските за кои во секој случај биле задолжителни. За илустрација, Законот за државни службеници на Хрватска(за кој е нужно да се напомене дека има потесен опсег од македонскиот закон за вработените во јавниот сектор бидејќи ги уредува само вработените во „класичната“ администрација, а не и оние во установите – театри, болници, универзитети, стручните организации како заводи и слично) во членот 17 определува дека секој државен службеник е должен да ги одбие понудените подароци поврзани со неговата работа. Слична одредба е содржана и во германското федерално право, но и во правните системи на земјите кои според Индексот за перцепција на корупција се традиционално меѓу најмалку корумпираните во светот: Данска (забраната е предвидена во Кодексот за однесување во јавниот сектор), НорвешкаФинскаСингапурКанада и слично. Се разбира, заговорниците на ова македонско законско решение би истакнале дека постојат и слични примери во компаративното право (на пример Словенија). Независно, македонското законодавство треба да биде прилагодено на постоечката општествена реалност во државата, на фактот дека корупцијата и онака е сериозно присутна, како и дека законите треба да бидат првиот чекор во нејзиното сузбивање.

Понатаму, разумно е да се јават сомневања во поглед на ефектот на оваа норма во македонскиот правен поредок. Зарем може да се очекува дека секој вработен во јавниот сектор ќе остане имун на искушението за фаворизирање, т.е. дека ќе постапува исто спрема сите граѓани, независно дали тие го дарувале во дозволената мера или не? Исто така, какви се гаранциите дека вработените во институциите нема да бараат вакви подароци од граѓаните? Евидентно е дека ваквата злоупотреба тешко би се докажала, што всушност е и стимул за корумпираност. Тоа произлегува од согледувањата на економистите согласно кои веројатноста да се биде корумпиран ќе зависи од две варијабли: (1) очекувана добивка и (2) веројатност да се биде санкциониран. Конкретниот случај е таков што очекуваната добивка е значителна, а веројатноста да се биде санкциониран, поради потешкотиите да се докаже злоупотребата (секогаш би можело да се тврди дека тоа било волја на граѓанинот и ништо повеќе), е мала.

Во крајна линија, збунувачка е и самата формулација на проблематизираната законска одредба. Никаде во законодавството не постои дефиниција на термините „протоколарен“ и „повремен“ подарок (еднаш месечно, еднаш годишно и слично). Освен тоа, не е дадена ниту цврста забрана за примање на парични износи (иако се претпоставува дека тоа не е интенцијата на одредбата), а и самото оценување на вредноста на добиениот подарок е нејасно. Во 2014 година Владата на Република Македонија донела Уредба за начинот на располагање со примените подароци според чијшто член 4, ст. 4 вредноста на подарокот се утврдува врз основа на неговата пазарна цена, меѓутоа изостануваат било какви дополнителни насоки – колку стручни треба да бидат оние што ќе ја вршат процената, во која постапка тоа ќе биде сторено, воедно и како ќе биде утврдено колку еден предмет пазарно вреди.

Идни чекори?

Иако беа наведени само дел од дилемите поврзани со членот 39 од Законот за вработените во јавниот сектор, ризиците излегуваат на повидок. Следствено, доколку постојната владејачка коалиција е сериозна во заложбите за борбата против корупцијата, ваквата законска одредба мора во најкус можен рок да биде укината или барем соодветно изменета. Пасивноста, во спротивно, би можела да ја доведе државата во уште понеповолна положба, односно да придонесе за уште полош резултат во поглед на нивото на корупција.

м-р Константин Битраков

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе