Колумна на ЕУобзервер

„Културно вето“ - новата закана за пристапувањето во ЕУ

Југоисточноевропската политика одамна е преплавена со ветоа и закани со вето.

Фото: Роберт Атанасовски

Напредокот на Северна Македонија кон членството во НАТО и ЕУ од 1991 до 2019 година го кочеше Грција поради нејзиното име, вели ЕУобзервер.

Во 2009 година Словенија ги блокираше преговорите на Хрватска кон ЕУ поради обележувањето на поморската граница во заливот Пиран.

Во април 2016 година Хрватска ја блокираше кандидатурата на соседна Србија врз основа на загриженоста за третманот на хрватското малцинство во Србија, српската соработка со судот за воени злосторства на ООН во Хаг и јурисдикцијата на српските судови за воени злосторства извршени во други делови на поранешна Југославија.

Овие ветоа честопати ги одразуваат лошите односи меѓу балканските земји.

Сепак, една од најновите закани за вето, онаа на Бугарија кон членството на Северна Македонија во ЕУ, не е заснована на меѓународни политички размислувања, туку на културата.

Ваквото вето нагласува дека соседските односи би можеле да бидат лоши ако на културата не ѝ се даде исто значење како и на другите прашања, како што е територијалниот иредентизам, кој традиционално се смета за поголема закана за мирот во регионот.

Сегашното бугарско вето на процесот на пристапување на С Македонија во ЕУ делумно се фокусира на бунтовниците од 19 век што се бореа против османлиската власт во областа тогаш позната како Македонија, која ја вклучуваше С Македонија и делови од сегашна Бугарија и Грција.

Бугарските историчари долго време тврдат дека овие бунтовници биле Бугари по етничка припадност и јазик, додека за С Македонија тие се најраните артикулатори на современиот македонски идентитет.

Границата меѓу бугарскиот и македонскиот идентитет секако била нејасна во 19 век, велат колумнистите на ЕУобзервер.

Идејата да се дојде до единствен одговор дали тие биле Бугари или Македонци во време кога Бугарија била многу млада држава, а Македонија воопшто не била независна земја е крајно тешка.

Како и да е, оваа дилема влезе во современите политички размислувања предизвикувајќи потенцијално бугарско вето на членството на С Македонија во ЕУ.

Слични полемики го опкружуваат прашањето за јазикот, каде што Бугарија се противи на споменувањето на терминот „македонски јазик“ за време на преговорите со ЕУ.

Камен на сопнување

Затоа, и покрај севкупните добри односи меѓу Софија и Скопје, историските наративи станаа камен на сопнување на главното стратешко прашање за пристапување на С Македонија во ЕУ.

Ова во најголем дел се должи на домашните бугарски проблеми, односно сегашната влада, која сака да си ја зајакне поддршката кај националистичките гласачи во време на големи антикорупциски протести и претстојните парламентарни избори, закажани за април 2021 година.

Бугарската употреба на ветото значи дека иако се решени виталните прашања за територијалните спорови меѓу двете страни, длабоките историски и културни несогласувања никогаш не биле доволно разгледани.

Прилично техничкиот пристап што ЕУ го прифаќа во справувањето со многу земји од регионот често ги занемарува ваквите битки околу културата.

На пример, од 2013 година, ЕУ го олеснува дијалогот помеѓу Србија и нејзината поранешна провинција Косово.

Стратегијата на ЕУ е да заземе технички пристап, фокусиран на обезбедување договори за технички прашања, како заемно признавање на дипломите и регистарските таблички. Сепак, ваквиот технички пристап ја занемарува важноста на културните работи за односите меѓу двете страни.

Во 2016 година, дијалогот скоро пропадна кога Косово поднесе барање за членство во УНЕСКО, против што лобираше Србија. Ова беше дел од дипломатската политика на Србија за негирање на државноста на Косово, што вклучува и обиди да се убедат одделни земји да го укинат признавањето на независноста на Косово.

Понатаму, Србија тврди дека Косово не го штити српското културно наследство.

Студенти на Универзитетот во Приштина, во Митровица, на северот на Косово, каде што доминираат Србите, покренаа кампања на социјалните медиуми насловена „УНЕСКО без Косово“.

Тоа во голема мера беше засновано на слики и видеа од антисрпските немири во 2004 година за да се порача дека не може да ѝ се верува на косовската влада за заштита на српското културно наследство на Косово. Србија беше успешна, а кандидатурата за членство на Косово беше одбиена.

На подлабоко ниво, желбата на Србија да го задржи Косово е под силно влијание на историскиот наратив што го смета Косово за света српска земја.

Битката за Косово, која во овој наратив се смета за голем пораз од Османлиите што го воведоа исламот над Србија, игра голема улога во дефинирањето на Косово како загубена српска земја.

Овој наратив беше користен од Слободан Милошевиќ во 90-тите години на минатиот век за да го подигне српскиот национализам до треска и доведе до злосторства низ поранешна Југославија, а конфликтот на Косово стана оружен конфликт во 1999 година.

Ова, исто како неодамнешното бугарско вето на аспирациите на С Македонија кон ЕУ, покажува дека културните несогласувања се длабоко вкоренети и бараат исто толкав, ако не и поголем напор да се решат како територијалните, така и другите политички спорови.

Сѐ додека ЕУ не го сфати ова, несогласувањата околу културата ќе продолжат да ги поткопуваат регионалните односи и европската интеграција.

Лук Бацигалупо е независен истражувач фокусиран на историјата и политиката на Балканот. Џорџ Кирис е предавач по политика на Универзитетот во Бирмингем

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе