Поглед од ЕУ

Кризата е пред вратата која е ширум отворена од - вирус!?!

Во овие кризни времиња државнатаа помош за стопанството и за приватниот сектор мора да биде навистина помош, а не само одложување на обврските кои со камати кога-тогаш ќе се врати пак на сметката на стопанствениците

Дали е можно едно од најмалите суштества на земјата да ја запре моќната капиталистичка машинерија, поттикната од незаситната алчност за акумулирање долари, евра, франци и други валути, најсаканото хоби на светските моќници?

Да!

Пред околу еден месец и неколку дена, ковид-19 затропа на европската врата, не само што тропна, туку ја урна и тоа онака жестоко, со нога.

Ретко која земја беше подготвена на заканите од ваков размер и почна да се подготвува, да одделува ресурси, како материјални така и финансиски, за кои се покажа дека се неопходни. Вирусот не избира и зафати сè, од оние што носат „Ролекс“ на раката, до оние кои чепкаат по кантите барајќи по некоја мувлосана корка леб.

Денес, кога е веќе јасно дека и економијата ќе преземе дел од штетите предизвикани од вирусот, а не само здравствениот систем и сегашните и идни заразени луѓе, државниот апарат почна да ги дефинира мерките за ублажување на разорните ефекти од карантинот, неработењето, изолацијата и застанувањето на животот онаков каков што досега го знаевме и живеевме.

Во Хрватска, земја во која најдоходовната гранка е туризмот и угостителството, забраната за намалување на социјалните контакти како една од мерките за спречување на ширењето на вирусот, е како да си пукате во двете колена пред стартот на една атлетска трка.

Сепак, ова не е единствената лоша работа, ионака нема туристи, сè е застанато, па нема ни за кого да се работи. Резервациите се откажуваат, хотелите се празни, рестораните и кафеаните се затворени, нема само зомбија да лутаат по улиците.

Згора на сето ова, хрватската Влада се досети и излезе со низа мерки за помош на стопанството за да може„машки“ да се преброди оваа криза - но се разбира не на своја штета, туку на товар на стопанствениците. Како и секогаш до сега.

Една од главните мерки, според нивното ценето мислење, е ОДЛОЖУВАЊЕ на плаќањето на сите придонеси и даноци за државата. Да, добро прочитавте - ОДЛОЖУВАЊЕ.

Нема шанси државата да се откаже од она што ѝ припаѓа, ни случајно не може дел од своите мерки и акции за кои мисли дека се неопходни да ги преземе на свој грб. Не, товарот мора да падне на даночните обврзници. Одложено.

Нема шанси ни случајно да им текне да ги намалат своите плати за 20 % и во овие тешки времиња тоа да го дадат на стопанството, каде, патем, за овие 15 дена без работа останаа 150.000 луѓе.

Не, тие бараат тоа само да се одложи, а кога економијата ќе закрепне, повторно ќе јавнат на грбот на стопанството и ќе си го побара своето назад.

Се појави и мислење на еден „угледен“ владин службеник кој вели дека стопанствениците ќе можат да земат кредит и на државата да ѝ го платат она што за време на кризата го одложиле, па така државата да си го добие своето. А бизнисот, кој го е... Стопанствениците ќе добијат само уште поголем товар на своето работење кое кашлаше и кога ситуацијата беше нормална.

Нешто попаметна мерка е онаа да се одложи обврската за граѓаните кои имаат финансиски проблеми на рок од три месеци, за да се заштитат најзагрозените групи - репрограмирање на кредитите и продолжување на рокот за отплата за да се намалат месечните рати. Овде се разбира продолжувањето на рокот не мора да биде само за споменатите три месеци туку и повеќе, а тоа пак зависи и од одлуката на банките и солидарноста со нивното работење.

Продолжување на мерките за секој сезонски работник, што кај нас е многу битна категорија, затоа што најголем дел од нив работат во туризмот, чија сезона кај нас за жал трае само шест месеци, а оваа сезона, според сѐ, ќе биде катастрофална. Тоа значи дека ќе се организира некаква надокнада од работодавецот за оние кои требаа да почнат да работат во април, а тоа ќе биде на отплата од три месеци.

Уште една мерка е и минималната плата за лицата со инвалидитет со задржување на работното место, а за работодавците пак е одложено само плаќањето на придонесите.

Забрзано враќање на ДДВ, значи на данокот за кои граѓаните го оствариле тоа право, нема да има. Ако тоа досега беше во август или септември, сега би почнало во мај.

Од мерките за самостојните уметници кои останаа без приходи затоа што се укинати сите претстави и изложби, Министерството за култура ќе треба да организира некаква финансиска поддршка за работниците од оваа област.

Пред неколку дена слушнавме уште една мерка - минимална плата за работниците од загрозените стопански гранки од кризата, што ќе изнесува не мали 3.250 куни (околу 450 евра), но придонесите за тоа да бидат на сметка на стопанствениците и тоа, кога тогаш, ќе мора да ѝ се плати на државата. Се разбира со ова не се опфатени сите загрозени, туку само некои, кои немаат повеќе од 200 куни даночен долг.

Да скратам, поефтино е да му се даде на работникот отказ и тој да оди во завод за вработување, каде што ќе добива безмалку еднаков минималец, отколку да остане на плата во фирмата и со тоа да прави додатен трошок, a државата ќе се фали дека нешто сторила. А не сторила!

Знам дека ова звучи грубо, но државата се обидува целиот товар да го префрли на грбот на стопанството кое по кризата ќе мора да се врати, да се придвижи, само прашањето е дали тоа ќе може да го стори ако се истроши во овие три-четири месеци, а можеби и подолго.

Затоа, ако можете, обидете се да влијаете на тоа таа помош за стопанството и за приватниот сектор да биде навистина помош, а не само одложување на обврските кои со камати кога-тогаш ќе им се врати на стопанствениците. Ослободете го од нешто за што нема да мораат да платат, a не сѐ да биде само шминка и непопустлива политика кон оние кои ја создаваат новата вредност, од која, на крајот, државата и државните службеници живеат и примаат плата. Мислам дека ова лесно го забораваат.

На крајот, ако ситуацијата така не се усклади, се прашувам кој ќе го полни буџетот после кризата која дефинитивно ќе пројде. А тогаш...

 

Даниел Иванагиќ, Загреб

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе