Колумна на Божин Павловски

Кожата ќе ни ја одерат ако им дозволиме

Зошто не смееме да се однесуваме рамнодушно кон големата закана дека поради скудоумноста на политичарите веќе стануваме жртва на балканските пропаганди?

Заедно со благодарноста до сите што ми го честитаа 78. роденден, драги мои, би сакал да споделам некои свои грижи.

1. Мислам дека ризикот да ја изгубиме веќе добиената битка за полна афирмација на македонската нација е драматично зголемен. По инсталирањето на сосема бесмислената и прескапа двојазичност и двонационалност, финансиски исцрпени затоа што тоа ќе чини исто колку и електрификација на земјата, ќе ја сфатиме големата измама.

Во ера на висока технологија со електронски помагала, тоа униформирање со знамиња и симболи на две држави ќе се доживее како нова фрустрација, односно како плаќање на воени репарации. Ако на еден народ му ја одземеш гордоста, не можеш да го мотивираш за ништо и со ништо.

Националното ткиво повторно ќе се испарцелизира, како во 1908 година, меѓу бугарските, српските, грчките и албанските интереси. Веќе никој не ќе може да го спречи легалното дејствување на нивните институции.

По „демократски“ пат ќе биде елиминирана тешко спечалената национална еманципација. И секоја од тие пропаганди ќе биде присутна на теренот со своите врвни национални јуришници. Ќе се повтори историјата, но сега како иронија.

2. Лично ќе се чувствувам губитник, иако во животот не загубив ниту една битка. Од својата 22-годишна возраст до заминувањето во туѓина посветено му служев на македонското книгоиздавачко дело, за што ми беше доделен и највисокиот Орден заслуги за народ, а потоа три децении ги унапредував македонските етнички неделни весници на дијаспората и никогаш не побарав никаква помош од нашите влади. Денес тие два неделни весника се носат рамо до рамо со најдобрите италијански и грчки весници, иако ние сме мала заедница во споредба со нив.

Во рамките на грижите и болката не ги земам предвид моите 22 романи затоа што тие, по законите на естетиката, можат да живеат во други простори и на други јазици.

Со оглед на тоа што во мојот живот напишав повеќе од илјада колумни, секогаш на дистанца од тие што располагаат со народните пари, често јуришниците на власта ми порачувале: „Море гледај си ја работата таму и не мешај се ваму“. За жал, тоа не беше можно затоа што иселениците ги третирав како вредни пчели, и во колумните ги храбрев да си ја посетуваат својата прва татковина и дел од нектарот да си однесат таму. Анализите на Светска банка за тоа од каде се големите заштеди во македонските банки, во услови на економија со ниски добивки, велат дека не сум згрешил.

3. Зошто не смееме да се однесуваме рамнодушно кон големата закана дека поради скудоумноста на политичарите веќе стануваме жртва на балканските пропаганди? Многу јасно, затоа што бевме на чекор од полна афирмација на нацијата со сите нишани.

Џабе тврдиме дека политичарите се криминалци спремни да го продадат и своето дете за да ја држат власта. Неопходен е проактивен однос на секоја еманципирана личност. Само така ќе стигнеме до квалитетна демократија.

4. Зошто нашата интелигенција не смее „да го преспие“ ова драматично време? Затоа што таа и никој друг го изведе чекорот од седум милји за побрза и поквалитетна еманципација на својата нација. Нејзината постепена деградација во самата Македонија и валкањето на самиот образовен систем нималку не е одразен на меѓународен план. Од близу 600.000 наши иселени луѓе, петтина се интелектуалци, доктори, технолози, машинисти, професори, учители, најмногу медицински кадар, сите дипломирани на школите во Македонија. Уживаат углед на вредни, успешни и ценети луѓе во новите татковини.

Не е можно нивните професори да биле лоши едукатори.

Без разлика што сега тие кадри се зависни од политичарите за кои, да повторам, мислиме дека се криминалци, токму тие се најповикани да го спречат нашето паѓање во амбисот на пропагандите.

Да подвикнат: „Еј, вие бараби, научете веќе еднаш. Европа не сака да види кај нас ни трета албанска држава, ни втора српска или бугарска“.

Конечно, мора политичарите да се казнуваат секогаш кога го лажат народот.

5. И на крајот, мементо мори.

Се навршија 40 години откако на нашиот духовен светец Блаже Конески му ја врачував наградата за творечки опус. На втората фотографија ќе ја препознаете и внуката на Гоце Делчев, Лика Чопова, како и неколку идни добитници на наградата.

Таа награда стигна до деветтиот лауреат и по моето заминување од „Мисла” во туѓина веќе не се доделуваше.

Целите на тоа признание беа особено благородни: со оглед на фактот дека нашето духовно творештво имаше неспорни хоризонтални успеси, полека да почнеме со ѕидање на „Македонскиот Пантеон”, односно да се постават вертикали што ќе овозможат живот за позитивната енергија во автентично национално творештво.

Опусите на Конески, Шопов, Јаневски, Чашуле, Тодоровски, Матевски, Солев, Поповски, Котески, Андреевски, и други големи имиња тоа го заслужуваа. Освен пристојната материјална подлога, се правеше и тротомник од творештвото на лауреатот.

За жал, и тогаш како и сега, ние минувавме низ фаза на самонегација и презир кон сопствените вредности. Опинците ги киневме патувајќи до селишта и градишта убедувајќи ги луѓето да ја сакаат и читаат македонската книга, да ја слушаат македонската песна. И во еден период жнеевме плодови од таа грижа за локалните вредности. За жал, тоа не го преживеа ни распаѓањето на сојузната држава, ниту ударите на глобализацијата.

(Американскиот пример дека во творештвото на еден народ не се признава феноменот на глобализацијата треба да биде поука за секого. Тие совршено го сочуваа амбиентот за развој и афирмација на своите локални вредности. На пример, во ниту една од илјадниците книжарници не ќе сретнеш на излог книга што не е американска. Додека им требаше Солженицин го имаа на секој чекор, сега мораш да го бараш под тезга. Американците знаат дека тоа не е глобално прашање туку длабоко национално во социјален поглед - за да жнееш треба да посееш и да му овозможиш на семето соодветни услови, почва, храна, вода, без разлика дали плодот ќе го наречеш производ или уметничко дело). 

Можеме ли во последен миг да извлечеме поука дека без автентична култура и творештво немаме шанса за самоидентификација во големото семејство на народите? Дека џабе ќе ни биде и чадорот на НАТО кој ќе прокиснува над нашите глави? А низ дупките сите ќе не плукаат.

Мора да се учи и од Франција затоа што е најкултурната европска нација. Кога се распадна нашата сојузна држава, прво што направи таа беше отворањето на свои културни центри.

Драги мои, зимава е вистинско време да се разгледа прашањето кој толку многу ги раскарува луѓето за потоа да ги манипулира. Мојот колега и пријател Горан Стефановски многу одамна го има напишано „Лет во место”. Нели е време да извлечеме поука? Да не летавме во манирот на мувосерки околу светилка (парафраза на Петре М. Андреевски).

 

Академик Божин Павловски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кога политичарите сватија за каква моќна алатка се работи, час поскоро побрзаа да менуваат закони со кои „бомбите" нема да бидат докази.

повеќе

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе