Која беше улогата на Бугарија во недобивањето датум за преговори со ЕУ?

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

Освен Франција која го употреби правото на вето за Македонија и Албанија, дознаваме дека во Брисел воздржаност за проширувањето на ЕУ искажале и Данска и Холандија. Но, тука во Брисел сега се дознава дека не мала била улогата и на Бугарија.

И покрај тоа што високите претставници на Бугарија официјално, во билатералните односи со Македонија никогаш официјално не изјавиле дека се против интеграцијата во ЕУ, сепак на теренот изгледаше поинаку. Не случајно во овој период, и пред и после одлуката за одложување на датумот за преговори на Македонија, високи претставници на бугарската држава изјавуваа дека имаат сериозни забелешки во однос на спроведувањето на одредбите од Договорот за пријателство и добрососедство. Тоа нивно незадоволство во однос на работата на Мешовитата комисија за историските прашања, бугарските политичари се обидоа да го искористат како уцена во македонската интеграција.

Според моите информации, тука во Брисел, во тој период сериозно беше ангажирањето на лобистите на Бугарија да го поддржат францускиот претседател Макрон во одложувањето на процесот на проширување на ЕУ.

Оваа нивна политика не случајно ја најави уште во септември нивниот претседател Румен Радев кога одржа состанок со бугарските претставници во Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија. Тој тогаш рече дека Бугарија треба да ја поддржува Македонија во евроинтеграцијата, но не на сметка на бугарската историја, јазик и идентитет. „Ако наредниот месец не биде постигнат договор за спорните прашања, треба да се изготви нова национална позиција за заштита на бугарскиот интерес“, рече тогаш Радев.

А договор сѐ уште не е постигнат.

После тоа се појави и Декларацијата на Народното Собрание на Бугарија со која се поддржува македонската евроинтеграција, но се повторија условите во однос на тоа. Во документот се нагласува дека европската интеграција „нема да биде на штета на искривување на историските настани, документи и артефакти, како и на улогата и ставовите на лицата од бугарската историја“. Со Декларацијата Софија го повика Скопје да го спроведува ефикасно, без одлагање и со добра волја Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, што беше потпишан од премиерите на двете земји, Бојко Борисов и Зоран Заев на 1 август 2017 година. Во текстот, исто така се наведува дека Бугарија „се залага за прифаќање на историската вистина за заедничка историја што ја споделуваат двете држави и народи“. Бугарското Собрание бара земјава целосно да го спроведе „договореното и постигнатото во рамки на заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, како и тие да бидат вклучени во училишните програми и материјали во најкус можен рок“ и се бара „да прекине секаква форма на говор на омраза кон Бугарија и кон граѓаните на Република Северна Македонија со бугарско национално чувство, вклучително и во медиумите и на натписите на спомениците“.

Во меѓувреме со појавуваа и изјавите на вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов кој е многу поотворен во изјавите за постоењето на Македонија, македонскиот народ и македонскиот јазик. „Не можеме безусловно да ја поддржуваме Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, овие луѓе нè исмеваат“, изјавуваше Каракачанов за работата на билатералната комисија. „Ние мора да поставиме јасни услови за закажување на меѓувладината конференција за да имаме јасни и дефинитивни резултати. Се надевам дека тоа што ќе го направиме ќе биде многу јасен сигнал за управувањето во Скопје“, рече тој.

„Времето на удирање со топка заврши. Овие луѓе се забавуваат со нас и прават да играат со нас. Забележете дека последниот состанок на комисијата е закажан за 15 септември, ден пред состанокот, на кој ЕУ ќе одлучи“, додаде тој.

„Доколку Комисијата за историски и образовни прашања нема рок, тогаш ќе нема рок и патот на Северна Македонија кон Европската Унија. Неприфатливо е некој да мисли дека тие едноставно ќе ја искористат Бугарија само за влез во Европската Унија“, изјави Каракачанов, коментирајќи едно интервју на претседателот Стево Пендаровски.

И конечно пред два дена се појавува соопштението на Бугарската академија на науките во кое се вели дека „официјалниот јазик во Република Северна Македонија е писмено-регионална норма на бугарскиот јазик... Таканаречениот македонски јазик всушност е континуитет на бугарскиот јазик... тоа што македонскиот јазик се изучува на голем број странски универзитети се должи на државната политика на РСМ за целисходно субвенционирање на лекторатите во странство, како и дека „претставувањето на бугарските книжевници и дејци Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Григор Прличев, Браќата Миладиновци и други како македонски е извртување на историската и научната вистина”... Македонскиот јазик има бугарски корени и производ на манипулацијата со историските факти и прикривање на вистината...“.

На оваа лицемерна политика се надоврзува и бугарското инсистирање на бришење на употребата на терминот бугарски окупатор во македонските учебници по историја. Со тоа тие се обидуваат да кажат дека Бугарија отсекогаш оваа територија (Република Македонија) си ја смета за своја, а не за окупирана. Тие не окупирале никого во Втората светска војна кога биле на страната на фашистите, туку само се обидувале да си ги вратат „своите“ територии, да си го искористат „историското право“. А сето ова е кршење на принципите на меѓународното право, на вредностите на кои почива Европската Унија, и е во спротивност со потпишаниот Договор за добрососедство.

Овие ставови на бугарските политичари и историчари се константна. Со Договорот за добрососедство и пријателство очигледно не се постигна многу, освен само парадните средби на премиерите Зоран Заев и Бојко Борисов.

Од сето ова произлегува дека Македонија во наредниот период ќе има многу посериозни проблеми со источниот, отколку со јужниот сосед. Бугарија станува многу почувствителна на можното скорешно затворање на македонската приказна за зачленувањето во ЕУ. Заклучокот е многу едноставен - влегувањето на Македонија во ЕУ за Бугарија ќе значи крај на нејзината долгогодишна асимилаторска од 19 век  доктрина кон Македонија.

Александар Стојановски, Брисел

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе

Отповикот или импичментот на претседателот Доналд Трамп од страна на Претставничкиот дом покажува дека членовите на Конгресот на САД прво се партијци, а потоа Американци.

повеќе