Кој владее во Република Македонија?

И јас би сакал на премиерот да му упатам една доза на загриженост како што тоа го напишав и лани во октомври.

Некаде на почетокот на 90-те години еден влијателен американски политичар во разговор со тогашниот наш дипломатски претставник во САД му го поставил следново прашање: „Who the hell is in charge in Macedonia?“ (Кој, по ѓаволите, владее во Република Македонија?)

Деновиве, а особено во текот на викендот, сѐ почесто сме сведоци на колумни со критичен однос кон премиерот Заев – директно или индиректно. Критиките доаѓаат од луѓе што беа најголемите критичари на претходната власт, односно сојузници на (тогашниот опозиционер) Заев. Разочараност, критики, дефетизам...

Во тој контекст би сакал да потсетам дека на 18 октомври 2017 година (пред речиси  четири месеци) во една колумна, на еден наш портал (пишувајки за т.н. „груевизам“ го напишав следново: „Сега, оправдано, г-динот Заев е премиер и најодговорниот човек во државата. Верувам дека со досега покажаното трпение и мудрост ќе ја води државата во правилна насока и развој, кон нормална и европска Р. Македонија. Не верувам дека постои можност еден ден некој да пишува за „заевизам“ (во негативна конотација). Сепак, земам слобода на г-динот Заев да му сугерирам да посвети внимание и на пониските ешалони на власта. Бидејки, „…-измот“ не мора секогаш да биде инициран од најгорниот ешалон, од првиот човек. Многу често може да се одвива и во подолните ешалони, а тоа граѓаните и засегнатите го чувствуваат како „владеачки….изам“.

Како и: „На „пониските ешалони“, пак, би им советувал да не ги заборават многу често дадените изјави на г-динот Заев за транспарентност и инклузивност“.

Сакав тогаш, но не го напишав, да потсетам дека секоја прес конференција на (опозиционерот) Заев завршуваше со (многу ветувачкиот) слоган: „за никогаш веќе да не се повтори“.                                                                                  

Реакциите (јавни) кои денеска ги читаме и слушаме (после само неколку месеци владеење) и оние кои се кажуваат кога разговарате со пријатели, роднини, колеги... се сериозен показател на веќе зголеменото незадоволство кај граѓаните кои 11 години чекаа промени и се надеваа на вистински промени во РМ, а се сведоци на déjà vu (веќе видено).

Лично, свесен сум дека „големите теми“ не можат да се решат за неколку месеци. Свесен сум дека стандардот и вработеноста можат уште помалку да се решат за толку кус период. Свесен сум дека премиерот Заев не е во можност да има целосен увид во секојдневното живеење на граѓаните на РМ и со проблемите со кои тие се соочуваат – во институциите, на работното место или во приватниот сектор.

Сепак, повторно земајќи слобода, би сакал на премиерот да му упатам и јас една доза на загриженост како што тоа го напишав и во октомври месец:

„Г-дине премиер на РМ, доколку лицата на пониските ешалони (нека овој термин си го толкуваат секој по свое видување) Вие сте ги определиле или, пак, сте се согласиле (секако, не се однесува на сите), размислете и одлучите дали ќе дозволите поради нивното однесување (не на сите) и нивните лични интереси, свесно да прифатите да расте незадоволството кај граѓаните во државава и тоа да го сврзуваат со Вашето име и функција? 

Премногу енергија, елан, храброст... вложивте, за (објективното) незадолството да го насочуваат кон Вас. Премногу сте посветени да го решите најважното прашање за иднината на РМ и оттука објективно немате можност да ги согледувате сите присутни слабости. Но, мислам дека би требале.

Александар Тавчиовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе