Кој, колку и зошто финансира во науката и истражувањето

Изразено ниската вредност на вложување во науката и истражувањата во Македонија е јасен знак за отсуство на грижа на државата за овие суштински дејности. 

Со интензивно инвестирање во науката и истражувањата се помага да се зачува човековата околина, да се изгради граѓанското општество, да се обезбеди прифатливо ниво на живот и да се спречи одливот од Македонија.

Времето во кое живееме е обележано со суштинската улога на технолошкиот развиток заснован на науката и истражувањето. Огромниот број технолошки иновации што се појавија во текот на претходниот век и продолжуваат да се појавуваат, доведоа до огромни промени во општеството. Со џиновските научно-технолошки исчекори што беа направени до крајот на претходниот милениум се затвори еден период од историјата на човештвото и започна друг со сосема поинакви карактеристики. Начинот на производство се промени од кoрен, а со тоа и начинот на живот воопшто. Така, информатичките и заснованите на нив информациски технологии го променија начинот на функционирање на индустриските системи и начинот на комуникација помеѓу луѓето воопшто. Пренесувањето на информациите помеѓу различните делови на Земјата се сведе практично на фундаменталната физичката граница од десетинка на секундата. Така, многу од физичките ограничувања што во претходниот период биле суштински, денес исчезнуваат и единствените граници се оние до кои човештвото успева да се организира во даден момент за остварување на ефикасна комуникација во полза на понатамошното подобрување на условите за живот. Едновремено со овој напредок и во врска со него направен е џиновски исчекор во добивњето на нови материјали и на материјали со нови и подобрени својства за постоечки и нови примени во индустријата и домаќинствата.

Сето ова е постигнато благодарение на продлабочените фундаментални познавања на природата на материјата и созададените нови уреди што револуционерно го менуваат начинот на фукционирање на производствените системи. Од своја страна, овој напредок води до усовршување во огромна мера на истражувачките уреди и системи што дополнително го забрзува натамошниот развиток на науката и технологијата и уште повеќе влијае врз развитокот на економијата и на општеството во целина.

Финансирање на науката и истражувањето во современи услови

Со оглед на тоа што големите постигања во науката бараат големи материјални и човечки ресурси, прашањето за финансирањето на науката и истражувањето има посебно значење. Иако бизнисот има голема добивка од истражувачките резултати, непосредното финансирање на истражувањата, што било пракса на почетоците на новиот век, во денешни услови е многу тешко изводливо.

Ограничувањата главно произлегуваат од следниве три причини: (1) резултатите од истражувањата се ефектуираат на долг рок, често пати повеќе децении; (2) вложувањата се од многу голем обем и мора да бидат одржливи на долг рок за да бидат исплатливи и (3) голем број компании имаат полза од спроведените истражувања.

Поради тоа, само мал број моќни корпорации со специфично поле на работа организираат и изведуваат истражувања од поголем обем. Најголемиот дел од компаниите изведуваат истражувања во функција на непосредениот и среднорочниот развој.

Државата има посебно место во унапредувањето на науката и истражувањата, затоа што таа има потенцијали за организирање и поддршка на научноистражувачката дејност на долг рок. Притоа, тоа може да се изведе на најрационален начин со поврзувањна истражувањата со високото образование, каде што овие две дејности образуваат природна целина и меѓусебно се надополнуваат. Посебно значајно за оваа дејност на државата, како финансиер на науката и високото образование, е што економијата на земјата се поддржува на неселективен начин. Имено, добиените знаења од истражувањето се употребуваат за развој на огромен број претпријатија, без директна интервенција на државата, која во многу други слуачи би можела да доведе до појава на селективна поддршка или дури и на корупција.

За значењето на науката и истражувањето просперитетните држави се целосно свесни и на ова прашање му посветуваат многу големо внимание. Така, инвестирањето во истражување и развој и иновации е прва точка на приоритетот за остварување на умен раст (smart growth) на Европската Унија. Конкретно, во стратегијата за раст на Европската Унија (Европа 2020) е предвидено до крајот на декадата вкупните издвојувања за истражување и развој и иновации од државни и приватни извори (GERD, Gross domestic expenditure on R&D; БТИР, Бруто трошоци за истражување и развој) да достигнат до 3 отсто од БДП на Унијата. Ова е поврзано со една од главните цели на обединувањето во Европската Унија, а тоа е парирањето на големите технолошки сили САД и Јапонија, кадешто вредностите на БТИР се на ниво од 2,7 проценти, односно 3,5 отсто.

Колку издвојува Македонија за науката и истражување?

Бруто трошоци за истражување и развој: просек за ЕУ-28 земјите (четириаголници) и Македонија (кругови)

На графиконот на слика 1 е претставено временското менување на бруто трошоците за истражување и развој (БТИР) за Македонија (податоците се од базата за земјите кандидати). За споредба е прикажан текот на менување на БТИР за земјите членки на ЕУ (податоците се од БТИР за ЕУ). Се забележува дека за ЕУ-28 земји постои систематски раст од околу 0,5 отсто на период од дваесет години. Набљудуваното движење е во правилна насока, но постигнувањата се уште далеку од поставената цел. Кај Македонија се забележува изразено ниска вредност – во целиот период на набљудување под 0,5 проценти. Забележлив е пад и долг застој од времето на безбедносната криза до последниве години. Видливо соземање се забележува дури од 2013 година наваму. Треба да се забележи дека податоците од последните години не се потврдени од ЕВРОСТАТ.

Во Република Македонија поттикнувањето и помагањето на науката е обврска на државата утврдена со Уставот (член 47). Од почетокот на осамостојувањето во првата декада беше остварен определен подем од 0,2 отсто до 0,4 отсто во првата декада. Падот кај 2002 година целосно може да се објасни со непосредните ефекти на безбедносната криза. Меѓутоа, понатамошниот пад и ниското ниво во текот на цела една декада не може да се поврзе со непосредни проблеми на земјата, туку е јасен знак за отсуство на грижа на државата за овие суштински дејности. Одреденото подобрување во последниве години е далеку од доволно не само за доближување до целта поставена со стратегијата на ЕУ, туку и од вредноста што требаше да се очекува доколку главниот тренд од првата декада на самостојноста продолжеше до денес, што спооред средниот тренд од тој период ќе донесеше до 1 процент БТИР од БДП.

За споредба, најголемиот дел од земјите во регионот имаат поголеми издвојувања за науката. Така, делот на БТИР од БДП во Србија и во Хрватска е околу 0,8 проценти, во Грција 1 отсто, а во Словенија 2,2 насто.

Зошто прашањето за развитокот на науката е особено значјно за Македонија

Развивањето на научната дејност во делот на фундаменталните истражувања кои се неопходни за технолошкиот развој е еден од главните потпори на забрзаниот економски развој. Секако, заинтересираните претпријатија за технолошкиот развој не се во состојба самите да ја обезбедат целата поддршка потребна за научните истражувања кои се во основата на тој развој, па поради тоа поддршката од државата е неопходна. Покрај тоа, државата има улога и во помагањето на истражувањата кои се неопходни во зачувувањето на човековата околина и изградбата на граѓанското општество. За една земја како што е Република Македонија, која допрва се афирмира како самостојна, посебен приоритет претставува и развитокот на националните дисциплини, со кои треба да се афирмира посебноста на нацијата и државата на полето на историјата, јазикот и слично.

Особено е важно да се истакне дека само со интензивно инвестирање во науката и истражувањата може да се подигне нивото на технолошки развој доволно високо за да се обезбеди прифатливо ниво на живот на земја што е неразделен дел од Европа и да се спречи мобилноста на кадарот во насока на одлив од Македонија. Ниту една политика на задржување на младите во земјата не може да биде ефикасна ако во позадината не се потпира на забрзан технолошки развој, кој може да се обезбеди само со изразено значајно учество на науката и истражувањата.

 проф. д-р Ненад Новковски
(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Сведоци сме на уште едeн во типично балкански стил политички „реалити шоу“ со повлекувањето на целокупниот персонал (!) на амбасадата на Србија во Скопје, вклучувајки ја и нејзината екселенција амбасадор!?

повеќе

Собранието треба да се врати во претходната состојба.

повеќе

Нашата страна или многу наивно играла според некои свои знаења и без правила и принципи или ја свиткала кичмата.

повеќе