Кој ќе одговара за криминалот во високото образование?

Отворено писмо до претседателот Пендаровски и  академска фела во Македонија.

Во последниве неколку седмици македонската влада, и другите државни институции како и македонската јавност беа запознати преку медиумите за меѓународниот образовен криминал на Универзитетот во Тетово. Сомнежите се лоцирани на Медицинскиот факултет во Тетово и тие се откриени преку  истражувачката сторија и публикација на „Веритас“ за разни докторати-плагијати кај одредени професори (наведени се примери од седум лица наставен кадар на овој универзитет за чии научни трудови е утврдено дека се плагијат). Злоупотребата на ректорот на овој универзитет продолжуваат  на тој начин што   бара да се „протуркаат“ 15 докторанти со докторски плагијати и да бидат дел од академскиот кадар. Откако е одбиено барањето од страна на деканот, ректорот го суспендира од деканското место. Овој меѓународен скандал доби широки размери на Балканот и пошироко, спомнувајќи го тетовскиот и крагуевачкиот универзитет од Република Србија. Во Србија, министерот за образование и наука го разрешува тамошниот ректор и се покренуваат истражни мерки за откриени незаконски добиени докторски титули од Косово и Македонија и истрагата е на највисоко ниво со ангажирање на сите институции. А кај нас?

Почитуван  претседател Пендаровски,

Владата на Р.Македонија, и сите надлежни органи и институции  (премиерот има специјален советник за образование, професорката д-р Татјана Стојановска Иванова, министерката за образование и наука Мила Цароска и нејзиниот заменик министер) за откриениот меѓународен образовен скандал изјавуваат дека не се надлежни, а исто таков несериозен однос демонстрираат и првите луѓе од Агенцијата за квалитет во високото образование и нивните органи Одборот за акредитација и Одборот за евалуација на високото образование, не реагираат, не се огласуваат. Државниот просветен инспекторат по доставена претставка извршил вонреден инспекциски надзор на Универзитетот во Тетово, но од извршениот инспекциски надзор, нема ни глас ни извештај. Зошто не се произнесуваат ДПИ и МОН. Што се крие?

Почитувани од академска фела,

Дека состојбите во високото образование во Република Македонија се алармантни и загрижувачки, покажуваат меѓународните ранг-листи каде се наоѓаат нашите универзитети. Нашето високо образование е на дното. Не се препознаваат на Балканот и пошироко.

Со донесувањето на новиот Закон за високо образование (Сл.весник на РМ бр.08.05.2018), кој теоретски е добро срочен, се формираше Агенција за квалитет за високо образование, со два органи кои се во составот на Агенцијата и тоа Одбор за акредитација и Одбор за евалуација на високото образование. Убаво е срочен и законскиот рок за формирање на оваа Агенција (една година од стапувањето во сила на новиот ЗВО од 2018 година), рок кој длабоко го прегазија надлежните македонски институции.

Почитуван Пендаровски и академска фела,

Немам намера да ви објаснувам од какво значење е формирањето на Агенцијата за квалитет на високото образование, како и формираните Одбори за акредитација и евалуација на високото образование. И тоа од едноставна причина што пред отпочнувањето на претседателскиот мандат и Вие бевте професор на приватен универзитет и познати Ви се овие прашања. Проблемот е во тоа што поставените претседатели на овие одбори и поставениот од Владата директор на Агенцијата за квалитет во високото образование, не си ги извршуваат своите професионални работни задачи (конкретно е дадени во ЗВО).

Почитувани,

Знам дека знаете, ама треба да ве потсетам, што покажува практиката, а таа вели: Со Агенцијата за квалитет во високото образование раководи и нејзин директор е Агим Рушити, кој треба да ги проверува универзитетите во Македонија. Именованиот завршил докторски студии по математички науки на Факултетот за информатички науки на универзитетот во Нови Пазар, Р.Србија. Почитувани, овој универзитет е познат по многу образовни меѓународни скандали на магистри и докторати. Затоа е потребно да се формира независна експертска комисија да ја провери точноста на докторската титула на Агим Рушити, како и стекнатите наставно-научните звања на градоначалникот на Струга - Рамиз Мерко и нотарката Беса Кадриу на Струшкиот универзитет без нострификација од МОН, а чии дипломи и покрај законската обврска, остануваат ненострифицирани од страна на МОН. Ова е сериозен законски прекршок. Агим Рушити со титула доктор на педагошки науки се стекнал на Филозофскиот факултет на УКИМ-Скопје. И тоа го стекнува во време кога бил раководител во секторот за високо образование при МОН. Истиот го ангажираат на Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, како насловен вонреден професор (извршен му е избор во наставно-научно звање), истовремено, е и насловен вонреден професор и на Факултетот за информатички науки при Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Што може да се констатира дека има судир на интереси и злоупотреба на својата службена должност! Дотолку повеќе што според новиот Закон за високо образование: „едно лице не може да биде избрано во насловно звање на повеќе од еден универзитет“. Тогаш како да очекуваме дека гореспоменатата Агенција за квалитет под раководство на именуваниот Агим Рушити може да врши контрола на универзитетите каде се откриени и има доста незаконитости, кога самиот Агим Рушити скандалозно ги прекршил правилата и стандардите кои треба да ги контролира и спроведува. Да не се заборави и фактот дека директорот Агим Рушити е активен член на политичката партија ДУИ, парципиент во Владата на Република Македонија. Дали не ни е веќе на сите јасно зошто директорот Агим Рушити молчи и не дава никакви изјави за скандалите во високото образование, поконкретно на Универзитетот во Тетово со плагијати, докторски плагијати на научни трудови, докторски дисертации и слично, кои претставуваат најголем срам за академската фела. Чин со кој се прегазува професионалната етика, моралноста и високото образование во Република Македонија. Ова е исто така работа и на Државната комисија за спречување на корупција, во борбата во судир на интереси. Како и на МВР.

Затоа претседателе Пендаровски, должни сте да се одважите и преку вашите образовни советници да алармирате до сите институции за загрижувачките состојби во високото образование. Да побарате одговорност од директорот на Агенцијата за квалитет во високото образование и да ви одговори: Дали и кога ќе го преиспита Универзитетот во Тетово, втор и трет циклус и нивните дипломи добиени од други земји? Дали ќе го преиспита Универзитетот во Битола, каде што има голем број студенти на постдипломски студии од Косово, но и од други универзитети? Или како функционираaт факултетите на приватниот Европскиот универзитет, Струшкиот универзитет, ФОН-универзитетот, Битолскиот, Охридскиот – УИНТ универзитет, Факултетот за Безбедност-Скопје при Битолскиот универзитет, Ветеринарниот факултет во Битола, и други, кога немаат соодветен кадар (согласно ЗВО) или оној Струшкиот на Рамиз Мерко, каде има и имаше влијателни судии од Управен суд и од Апелациониот суд од Битола. А секако да не се заборави и приватниот универзитет МИТ-Скопје, за кого кривичната пријава за сериозни прекршувања на ЗВО, за што дури се вмеша и една странска амбасада, се уште дреме во некоја фиока!?.

Почитуван претседателе Пендаровски и академска фела,

Недопирливиот академик Владо Камбовски го води Одборот за акредитација за високо образование. По пензионирањето, академикот зема активно учество  и се активира во разни матични комисии за формирање на приватни универзитети, како и активно учествува како ректор на приватниот ФОН универзитет. Па со право академската фела го поставува прашањето - дали академикот Камбовски има контрола врз  акредитирање и реакредитирање на студиските програми на универзитетите (факултетите)? Ќе поставам конкретни прашања: Зошто господинот Камбовски го штити приватниот универзитет ФОН-Скопје? Дали се акредитирани студиските програми на англиски јазик на овој универзитет? Да, претседателе, треба вие да побарате одговор. Што презел академикот Камбовски за незаконитостите на овој универзитет? Дали има соодветен наставен кадар согласно ЗВО? Кои се странците на овој твој универзитет? Како ќе се акредитира новиот Правен факултет на универзитетот „Мајка Тереза“- Скопје, кои немаат соодветен наставен кадар или студиска програма по Царина-шпедиција и осигурување? Дали Агенцијата за квалитет во високото образование е надвор од каква било контрола? Дали е побарана одговорност од директорот и претседателите на одборите на Агенцијата за нивната работа? Зошто овие лица се надвор од каква било контрола? Кој ги штити? За ова треба да побарате претседателе Пендаровски одговор од академик Камбовски. За ова треба да се  носи одговорност, ова е соучесништво во образовниот криминал во високото образование во Македонија. За ова треба академик Камбовски да одговори и како член на  МАНУ, во спротивно ги крши правилата и етичкиот принцип како највисока научна институција во државата. МАНУ треба да се позанимава и со овој образовен криминал во високото образование. Тоа е должност. Очекувам и се надевам дека (имам верба) новиот претседател академик професор д-р Љупчо Коцарев ќе отвори стручно-научна расправа во највисоката научна академија во однос на образовните скандали во високото образование. Тоа е и обврска на МАНУ.

Почитуван претседател Пендаровски,

Можеби знаете, можеби не, но претседател на Одборот за евалуација на високото образование, односно вреднување на акредитираните студиски програми на јавните и приватните универзитети е професор д-р Марина Митреска. Именованата претходно била член на Одборот за акредитација, но лично со поддршка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е поставена за претседател на Одборот за евалуација за високо образование. Активен член на политичката партија на СДС.

Сакам да Ве запознам како претседател, и вашите советници за образование, дека по донесувањето на Законот за високо образование, овој Одбор за евалуација на високото образование, што го води професорката Митреска, нема извршено ниту една евалуација (вреднување) на ниту еден јавен и приватен универзитет во Македонија. Во нормална и правна држава веднаш после вакви образовни скандали во високото образование се поднесува оставка. Ама таму постои високо развиена свест и чувство за одговорност и при помали аномалии во високото образование. А кај нас! Кои се одговорни за ваквите аномалии во високото образование? Како го оправдуваат нивното постоење како орган, кога ништо не сработиле? Колку финансиски парични средства земаа за неработење? Самиот овој чин доволно говори за учество и самоучество во образовниот криминал во високото образование, состојби кои се загрижувачки и алармантни. Затоа, како што бара академската фела, исто така треба да се одважите претседателе и да ги повикате Агим Рушити, академик Владо Камбовски, Марина Митреска, и Мила Цароска, да поднесат оставки од морални причини. Тие се виновни за криминалите и состојбите во високото образование. Заради нив, високото  образованието е таму каде што е. На дното. Ако имаат малку доблест, разум и свест, веднаш треба да поднесат оставки. Претседателе вие сте на потег!

Ѓорѓи Илиевски, виш просветен инспектор

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе