Колумна

Кој ќе ни помогне?

Авторот на песната „Кој ќе ни помогне“, Атанас Раздолов, е застапник на идејата за самостојна Македонија и за остварување на нејзините национални и социјални права. Соработник е на Васил Главинов и еден од најверните приврзаници и следбеници на делото на Гоце Делчев.

Насловов на текстот е инспириран од песната „Кој ќе ни помогне“, објавена во книгата „Слобода или смрт“ од Атанас Раздолов (1872, Берово – 1931, Софија), познат револуционер, публицист и поет. Припаѓа на групата политички писатели, што ја сочинуваат: Ѓорче Петров, Димо Хаџи Димов, Петар Стојков, Трајко Китанчев, Милан Војницалија, Ѓорѓи Капчев, Димитар Влахов, Лазар Поп Трајков, Васил Чакаларов, Арсениј Јовков и други. Основно образование завршил во своето родно место, а учителска школа во Ќустендил, Бугарија. На млади години се вклучил во социјалистичкото движење, пројавувајќи се како приврзаник на анархо-социјалистичките идеи, подоцна станал и член на македонската социјалистичка организација во Бугарија.

Атанас Раздолов е застапник на идејата за самостојна Македонија и за остварување на нејзините национални и социјални права. Соработник е на Васил Главинов и еден од најверните приврзаници и следбеници на делото на Гоце Делчев. Живеејќи во осаменост и во крајна сиромаштија, како и многу други македонски родољуби, во 1931 година самиот си го одзема животот.

Во периодот од 1895 до 1914 година објавил дваесет и четири книги, од кои повеќето остануваат како скромни записи за времето во кое настанале. Речиси во сите нив доминантно место имаат Македонија и борбата на македонскиот народ за остварување на својата слобода. Повеќето книги на Атанас Раздолов може да се прифатат и како храбри обраќања кон „свирепа, гнила и заблудена Турција“, но и како востанички восклици за борба против поробувачите. „Поетската реч на поетот-револуционер има функција да мобилизира, да предизвикува, да поттикнува, да предупредува и да разјаснува“, констатира Гане Тодоровски во предговорот кон книгата „Слобода или смрт“ (издание на „Матица македонска“,1992 година). По овој повод би ги споменале најкарактеристичните негови дела: „Долу султанот, да живее Македонија“, „Слобода или смрт“, „Спомени и воздишки за Трајко Китанчев“, „За сеќавање на дедо Иљо Војвода“, „Бунтовни песни на револуционерот-емигрант“, „Зошто клинка македонско-одринското дело“, „Злото во македонското свето дело“ и други.

Во песната „Кој ќе ни помогне“, Атанас Раздолов во првата строфа се обраќа до Македонците, со концизно прашање, но во исто време дава уште поконцизен одговор. Со силни патриотски чувства тој им порачува на следбениците:

 

„Слобода сакаме –

Народот вика така.

Кој да го слушне кутриот народ,

Бугарија ли? Тракија?

 

Дали учената Европа,

Која што гробот нам ни го копа?

Или пак сениште од некој храм

Спас ќе ни донесе нам?

 

Во втората строфа од песната, поетот и револуционер тревожно заклучува дека:

 

Бугарија или Тракија

Од друго вино се опија;

А од просветената Европа

Без „Батак“ не ни тропа

 

И нигде никому чуда

За спас не ни се нудат;

Затоа: кутрете-чинете

И – сами на кај правдините!

 

Ако внимателно се проанализираат пораките на поетот-револуционер, ќе дојдеме до констатацијата дека тој бил пред времето, зашто сегашнава наша ситуација е пресликана во неговите стихови, напишани пред 120 години. Во времето кога доживеавме ренесанса во сите области, а посебно во литературата, ние им се препуштивме на авантуристите, кои лековерно и неуко се пазарат за сѐ што е со национален македонски предзнак. И, катаден, како навиени го повторуваат рефренот дека го забетонирале идентитетот во меѓународни рамки, како божем, за време на своето школување да не прочитале ниту една книга на својот милозвучен мајчин македонски јазик. Но, сепак, не треба да забораваат на податокот дека во изминативе децении на македонски јазик се објавени илјадници книги од бројни македонски писатели, публицисти и научници. Исто така, илјадници книги од сите светски јазици се преведени на македонски јазик. И, затоа треба да им го поставиме прашањето: Во чие име зборуваат политичарите: дали во име на македонската книга, со која очигледно се скарани од детството.

Историјата ни се повторува, зашто како народ малку учиме од неа, мислејќи дека сѐ знаеме и повторно коленичиме пред Бугарија и учената Европа. Катадневно зјапаме во телевизиските екрани следејќи ги мудрословијата на нашите фантазери-политички првенци. Но, еден ден кога ќе разбереме дека за заблудите лек нема, дури тогаш ќе си го поставиме прашањето: Зошто нашите „планетарни“ првенци дијагонално ги читаат историските факти и болно ќе воздивнеме, дека за нас и слободата е претешка задача.

 

Раде Силјан

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе