Кој и зошто брза со ратификацијата?

И од ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО македонските политичари се обидуваат да добијат предизборни политички поени.

Во почетокот на декември опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложи предвремена ратификација на Протоколот за членството на Македонија во НАТО, пред одлуката на шпанскиот парламент, последната земја членка која треба да се согласи со членството. Такви случаи имало и порано. Идејата е овој собраниски состав, пред распуштањето на Собранието на 12 февруари, да ја заврши работата.

Тогаш (лани на 4-5 декември), власта веднаш реагираше негативно и потсмешливо на овој предлог. Но, веќе на 28 декември Владата до Собранието испраќа предлог за предвремена ратификација на истиот Протокол за членството на Македонија во НАТО. Претседателот на Собранието веднаш ја стави оваа точка на дневен ред на последната пленарна седница, 11 февруари.

И сега веднаш се отворија две прашања околу кои секоја партија си ја прави својата предизборна стратегија. СДСМ ќе сака ова да го прикаже како нивна голема победа на целиот процес на зачленувањето на Македонија во НАТО. ВМРО-ДПМНЕ безрезервно ја прифаќа предвремената ратификација, но заборава токму на овие предизборни ефекти и можна злоупотреба на ова зачленување кое е резултат на сите досегашни влади и на сите досегашни парламентарни политички партии. Ова прашање е едно од ретките за кое сите партии се сосема усогласени.

ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека ќе гласа за ратификацијата, но не и за измените во Законот за одбрана во која името на Армијата на Република Македонија се менува во Армија на Република Северна Македонија. ВМРО-ДПМНЕ вели дека тоа мора да оди посебно, не во пакет, а за СДСМ измените во Законот за одбрана се дел од прилагодувањата на македонската армија со НАТО стандардите и принципите. Но, и ова е дел од секојдневните меѓупартиски пресметки.

Тука во Брисел оваа одлука на власта за предвремена ратификација се толкува како можна предизборна манипулација. Едноставно, 60 дена пред изборите власта оваа ратификација може да ја искористи како добар податок во предизборната кампања, како нивен голем успех. Вообичаената процедура е парламентите на сите земји членки поединечно да дадат согласност со членството на Македонија во НАТО, а потоа и македонското Собрание да го ратификува Протоколот и потоа сѐ се завршува на наредниот самит. Од бриселските тинк-тенк институти веќе се анализира оваа ситуација и еден од заклучоците е дека нема зошто да се брза, дека нема никаква пречка и новиот пратенички состав на македонското Собрание да го направи тоа веднаш по конституирањето. Веќе е јасно дека шпанскиот парламент согласноста за Македонија ќе ја изгласа во февруари-март.

Токму таа манипулација со членството во НАТО во Брисел се смета како обид за партиски бенефит пред изборите. Оттука, дали овој предлог на ВМРО-ДПМНЕ за предвремена ратификација може да се смета како стратешка грешка пред изборите. Дали со ова опозицијата едноставно ѝ подаде на владеачката партија еден добар џокер за изборите на 12 април. Ионака навистина е тешко да се замисли на што ќе се основа кампањата на СДСМ за нивното речиси четиригодишно владеење. Ова за нив е вистински џокер.

Зошто вакво брзање на оваа Влада, прашуваат во Брисел. Нема никаква пречка оваа ратификација да оди по нормален, редовен пат и тоа да биде задача на новата влада. Случајот со предвремената ратификација на протоколот за Црна Гора имаше сосема поинакви предуслови. Во слулчајот со Македонија нема такви стравувања.

Александар Стојановски, Брисел

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе