Koго брани ОМД и Мето Колоски во Вашингтон?

Мето Колоски, а со тоа и Обединената македонска дијаспора на трибина во Вашингтон отворено застана против изградбата на гасоводот Јужен тек во Македонија и во одбрана на американските интереси во региното. Чии интереси брани ОМД? 

Мето Колоски

На 18 јули во Вашингтон се одржа тркалезна маса, „Енергетските грижи и можности во Југоисточна Европа по Г7“ во организација на Јужноевропската коалиција и Ричард Лугар институтот за дипломатија. Јужноевропската коалиција е составена од коалиција на разни етнички организации кои делуваат во овој дел од регионот „за да придонесат за подобра американска надворешна политика која рефлектира заеднички интереси и цели на етничките групи во САД, во рамките на заедничките американски вредности”. Претседателот на Обединетата македонска дијаспора Мето Колоски подвлече дека САД треба да имаат поактивна улога во изградбата на енергетската инфраструктура на Балканот и дека Македонија, а и другите земји во регионов треба да се откажат од Јужниот тек за да ги диверзифицираат своите енергетски набавки од различни земји и да се приклучат кон Транс-јадранскиот гасовод. Овој гасовод треба да води од границата на Грција со Турција, преку Грција, Албанија под Јадранско море, до гратчето Лече на југот на Италија, би имал капацитет од 10 милјарди кубни метри гас, една шестина од капацитетот на Јужен тек, и се очекува да биде изграден од 2018 до 2020.

Ваквиот став на овие невладини лоби групи го рефлектира американското владино делување на просторов, што во моментов е истакнато анти-руско.

Македонија има слабо развиена гасна инфраструктура со еден гасовод од Деве Баир до Скопје со капацитет од 800 илјади кубни метри гас со можност за проширување до 1,2 милијарди кубни гас и со искористеност од околу 20%. Само Струмица е гасифицирана, во тек се активностите за гасификација на Скопје и мал дел гасна инфраструктура има во Куманово.

Слабата гасна инфраструктура карактеристична за Македонија и повикот на Мето Колоски за поголема американска инволвираност во гасната инфраструктура, на прв поглед е логичен.

Но, САД имаа 22 години да покажат лидерство во регионов и во Македонија, да влезе со инвестиции во енергетиката и гасната инфраструктура. Наместо лидерство од САД, имаме повик да не се приклучуваме кон Јужен тек и да бараме други извори од каде ќе купуваме енергенси.

Македонската влада, од друга страна, е потписник на договорот за проектот Јужен тек, а македонската страна, како посебен договор склучи и договор за враќање на рускиот долг кон Македонија како остаток од југословенскиот долг. Со овој договор, руска компанија ќе гради дел од гасната инфраструктура во Македонија, од Деве Баир до Неготино, со што ќе се приклучи електраната Неготино на гас и ќе испорачува евтина струја за граѓаните на Македонија која сега скапо се увезува. Исто така, по патот на овој магистрален гасовод можност за приклучок ќе имаат повеќе градови и индустриски капацитети од источна Македонија, со што дополнително ќе се реализираат економски бенефиции кои се неопходни за овој сиромашен регион.

Значи, договорот што Македонија го има со Русија е во прилог на развивање на гасната инфраструктура која ѝ е неопходна на Македонија.

Исто така, Јужен тек, сам по себе е алтернатива на сегашниот наш гасовод зошто не поминува преку Украина која во неколку наврати досега го блокирала рускиот гас кон Европа. Имајќи ја предвид сегашната ситуација во Украина за очекување е нареднава зима Украина ја изполитизира испораката на рускиот гас кон Европа, со што би се прекинале испораките на гас кон Европа, а можеби и кон Македонија.

Штета од ова би имало нашето стопанство кое користи гас и би морало да почне да користи многу поскапи енергенси за да продолжи со своите производствени активности. Во услови кога ние би биле приклучени на Јужниот тек, ваквото сценарио не е можно зошто би имале алтернатива од гасот што се испорачува преку Украина.  

Значи, Јужен тек донесува само бенефиции за Македонија. Како и да е, мора да се има предвид дека Македонија плаќа најскап гас во Европа зошто е многу мал корисник, а и затоа што нема алтернативни можности за снабдување. Но, за да има алтернатива на рускиот гас, цената на гасот нема да биде претерано поевтина зошто испорачаните количини би биле мали, но сепак ќе биде по помала цена од сегашнава. Како и да е и во сегашните услови, користејќи го рускиот гас, тој е најевтин енергенс во ист ранг како и огревното дрво, многу поевтин од бензинот, струјата, мазутот...

Повеќе од очигледно е дека Македонија со договорите што ги склучи со Русија ќе ја подобри својата гасна инфраструктура, трошоците за енергија ќе се намалат, а и со тоа ќе се подобри економската позиција и ќе овозможи на своите граѓани и индустриски капацитети стабилен извор на евтин енергенс од чија корист ќе имаат сите што ќе го користат овој енергенс.

Со други зборови, Јужен тек и договорот за градење гасна инфраструктура е од стратешки интерес на Македонија.

Владата на Македонија и покрај американските настојувања не отстапува од договорите со Русија, а претседателот Иванов неодамна јавно го поддржа Јужниот тек.

Обединетата македонска дијаспора, лани е добитник на наградата на шегот на државата за истакната организација на дијаспората и е учесник на  трибината во Вашингтон на која се повикува Македонија да се откаже од Јужен тек и од договорот со Русија.

Ваквиот став на ОМД преку Јужноевропската коалиција дефинитивно е на штета на интересите на Македонија и оттука се поставуваат редици прашања меѓу кои:

Дали ОМД  и единствениот вработен во неа претседателот на организацијата Мето Колоски пропагира антимакедонски интереси? Дали Колоски кој нема македонско државјанство ова го прави од личен интерес или ова е став на целата ОМД?  

Немам одговор на овие прашања.

На Македонија ѝ се потребни алтернативи и потребно е да се пристапи кон приклучување кон Транс-јадранскиот гасовод, но во никој случај не треба да се откажеме од Јужниот тек. Ниту пак е потребно да ѝ се сервираат сценарија слични на оние за Украина - или си со нас или со нив. Судејќи според заклучоците од тркалезната маса на која ОМД присуствувала, на Македонија и се нуди „или - или“ шема.

Со ова над организацијата чија задача е да ги промовира македонските интереси, култура и влијание во САД и Канада,  останува да виси еден голем сив облак.

Токму Мето Колоски е најзаслужен за сево ова.

Но, дали ОМД е на раскрсница и во критични моменти делува за да ѝ штети на Македонија и нејзините интереси во корист на американските?

Сепак треба да се знае дека ОМД е регистрирана во Вашингтон како лоби група и нејзиниот опсег на дејство е во границите на американските интереси. Дејствувањето на ОМД, а со тоа и на работното место на Мето Колоски не би се довело под знак прашање, ако организацијата делува надвор од тие воспоставени американски интереси во одредена географска сфера. Одржувањето на ваква тркалезна маса  е потврда за ова тврдење.

Сега се поставува главното прашање, ако американските интереси во одредени политики кон Македонија се дијаметрално спротивни од македонските, а се од суштински, битен карактер за Македонија, имајќи го предвид проблемот со нашиот идентитет, на чија страна ОМД би застанала?

Сашо Maневски 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во Мексико, Индија и Турција, жените завршуваат трипати повеќе обврски поврзани со грижа од мажите.

повеќе

Сега свесно или несвесно се оди во друг правец, сведувајќи ја  партијата  на ниво на  дебатен клуб.

повеќе

Најчести места каде што може да се препознае (и шири) говорот на омраза на интернет се всушност онлајн медиумите кои дозволуваат простор за коментирање.

повеќе