Кога, тогаш, ќе биде! – Бавното темпо на вакцинација во Македонија

Бројот на заразени и смртни случаи значајно се зголеми во изминатиот период, а епидемиолошката состојба во државата е критична.

Со оглед на тоа како институциите се справуваат со оваа криза, се наметнува дилемата: дали здравјето на граѓаните или економијата е прв приоритет во оваа пандемија.

Договори со производителите

Владата на Република Северна Македонија договори 833 илјади дози од вакцината Астра зенека преку КОВАКС системот, 800 илјади дози од Фајзер и по 200 илјади дози од Синофарм и Спутник В. Последната најава од Владата е дека ќе бидат набавени и 500 илјади дози Синовак.

Иако СЗО ги оцени како самоуништувачки, овие договори беа канал преку кој државите обезбедија ран пристап до вакцини. Државите, меѓу другото, се согласија на повисоки цени за набавка, ги ослободија производителите од одговорност од несакани последици, без притоа да гарантираат датум на испорака на вакцините. Во нашиот случај, податоците за условите на договорот се непознати. Она што е видливо е дека државата се вклучи доцна во директни преговорите со производителите, во споредба со останатите земји. Според изјавите, државата пристапи кон преговори во декември, а испрати барање за понуда до Фајзер, веднаш по авторизацијата на оваа вакцина од страна на ЕМА.

За разлика од нас, голем број на држави склучија пред-договори со овие компании уште пред нашата Владата да стапи во преговори со нив. Србија потпиша ваков договор во ноември, па така, од оваа количина Србија ги обезбеди првите вакцини за Северна Македонија. Покрај вакцините од Фајзер, на крајот на март во државава пристигнаа дополнителни дози на Спутник В, повторно донација од Србија. Додека владата постојано настојува дека ќе ги обезбеди вакцините договорени директно со производителите, најголемиот број на вакцини со кои располага Македонија пристигнаа токму како донација Србија. Односно, 10 илјади дози повеќе од оние кои пристигнаа како резултат од договорите кои ги склучи владата со КОВАКС механизмот и со производителите.

Неизвесни вакцини, намалена доверба во институциите

Фактот што Македонија како НАТО членка и земја кандидат за членство во Европската унија, не успеа навремено да обезбеди вакцини, а македонските граѓани бараат решение во земји како соседна Србија, е голем пораз за македонската влада во нејзината борба со пандемијата. Дополнително, гласините во јавноста дека владините функционери веќе се вакцинирале, кои беа демантирани од Владата, покажува дека дури и да се лажни вести, тие лесно проаѓаат кај граѓаните, поради тоа што довербата на граѓаните во институциите е на „стаклени нозе“.

Проблемот околу недовербата во институциите не е нов, а и самите (особено) здравствени власти не помагаат во решавање на ситуацијата. Од првата изјава дека е постигнат директен договор со Фајзер (30.12.20), за потоа да следи изјавата дека договорот „беше дефиниран утрово“ (04.01.21), за после две недели од првата изјава, да следи изјава од министерот за здравство дека „за кратко време ќе го склучиме договорот“ (16.01.21), не може да не остави сомнеж дека нешто во целава ситуација не е во ред.

Празни ветувања

Понатаму следеа уште неколку „најави“, најнапред дека се во завршна фаза од директните разговори со Фајзер (27.01.21), потоа дека драфтот на договорот треба да стигне „следната недела“ (11.02.21), за после две недели да изјават дека „се финализираат прашања во договорот“ (26.02.21). После сета оваа конфузија, логично е граѓаните да се запрашаат дали можеби нешто не е како што треба.

Следна ситуација која раѓа сомнежи во однос на процесот за вакцинација и имунизација, а со тоа и дополнителна институционална недоверба, е набавката на кинеската вакцина. Откако се појавија гласини дека кинеската влада го има вратено авансот бидејќи македонската влада вклучила фантом фирма од Хонг Конг, следеа неколку изјави кои ги демантираат или потврдуваат овие гласини, најнапред од премиерот кој изјави дека „при набавката на вакцините била користена приватна фирма како посредник и дека тоа било причината Кина да го врати капарот, но негира било каква злоупотреба“.

Потоа од Министерството за здравство изјавувајќи дека „Не се точни тие шпекулации. Нашата земја има склучен договор за 200.000 вакцини од Синофарм, кинески производител на вакцини против ковид-19. Вакцините наскоро ќе пристигнат во нашата земја“, за на крај изјава да даде министерката за одбрана која сепак ја потврди првично најавената шпекулација велејќи дека „можевме да не кажеме за вратениот капар но сакавме да бидеме транспарентни“, кои на крајот не помогнаа да се разјаснат работите до крај и доведе до уште поголема конфузија кај населението. Зошто некоја влада би одела преку вакви канали за набавка не може да се тврди, но дефинитивно повторно раѓа сомнеж и ја поткопува довербата во институциите.

Сомнеж во намерите на Владата

Слична е ситуацијата околу набавката на Спутник В. Имено, за руската вакцина, амбасадата на Русија има упатено повеќе известувања за достапноста и можноста за добивање на вакцината. Првото известување амбасадата го има испратено уште на 18 август, 2020 година до министерот за здравство, а веќе на 25 септември истата година испратено е и писмо од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции, до шефот на Националниот комитет за имунизација, но без никаков одговор од нашите власти.

Ова дополнително го покажува несериозниот пристап на владата кон ова клучно прашање за справување со пандемијата. Дали владата се „прецени“ во нејзината способност да ги набави вакцините или пак остави да се потпре целосно на други, без план Б? Во секој случај, двете опции се подеднакво лоши. Одговорот на властите, односно на министерот беше дека „постапиле согласно постапките и процедурите за одобрување од мегународните регулаторни тела и врз основа на тоа се донесени одлуките.“ Сепак, почитувањето на постапките и процедурите, не ја намалува перцепцијата на граѓаните дека вакцините не се набавуваат со темпото кое институциите го прикажуваат.

Иако официјално интересот за вакцинирање не изгледа доволно голем, со бројка од нешто над 100 илјади граѓани пријавени на официјалната страница на МЗ за искажување заинтересираност за вакцинација, оваа бројка можно е да е прилично поголема имајќи ја предвид институционалната недоверба кај граѓаните.

Што може да научиме од другите држави?

Недостатокот на вакцини не е единствениот проблем со кој државата се соочува во процесот на вакцинација на населението. Впрочем, држави кои обезбедија поголема количина на вакцини се соочуваат со предизвик за нивно целосно искористување. Премиерот Зоран Заев нашето доцнење со набавка на вакцините го нарече потенцијална „предност“. Иако имавме можност да научиме од грешките и предизвиците со кои се соочуваат другите држави, од досегашните постапки на институциите, не сме уверени дека доволно научивме.

Страв и скептицизам

Недовербата и несигурноста на граѓаните доброволно да се вакцинираат е проблем со кој се соочуваат земјите кои веќе располагаат со (условно) доволно количество на вакцини. Покрај Франција која подолг период се соочува со анти-вакциски сентимент, Србија е најблизок пример во поддршка на ова тврдење. Таа ги повика за вакцинација граѓаните на соседните држави, додека мнозинството од нејзините граѓани не се вакцинирани.

Анкетата на Министерството за здравство покажа дека, за разлика од неколку развиени држави68% од нашите здравствените работници изразиле интерес за вакцинирање. Сепак, податоците кои даваат увид во ставовите на целата популација покажува спротивни резултати. Пред почетокот на вакцинацијата, мнозинството граѓани не биле сигурни дека би се вакцинирале, односно 40.9% одговориле дека е многу веројатно дека нема да се вакцинираат додека 17% дека до некаде е веројатно дека нема да се вакцинираат. Новите податоци, прибрани по почетокот на вакцинацијата, покажуваат дека 50% од населението би се вакцинирале. Сепак значајни 34% не би се вакцинирале додека 16% не знаат или немаат одговор.

Повеќе фактори може да бидат причина за колебливост кај граѓаните во нивната одлука да се вакцинираат. Почесто посочуваните причини се безбедноста на вакцините, стравот од несакани појави, и загриженост дека клиничките студии се одвиваат премногу брзо. Токму изолираните, но истакнати вести за несакани ефекти, ги потикнаа европските влади под притисок на јавноста да ја стопираат употребата на Астра зенека, без претходна препорака од страна на ЕМА. Дополнително, дезинформациите на интернет ја искривуваат перцепцијата на ѓраѓаните и може да го намалат интересот за вакцинација.

Нетранспарентен пристап кон одобрување на вакцините

Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, институцијата одговорна за одобрување на вакцините во државата, покрај ефикасна имплементација и надзор на регулативите, и нивното приближување кон стандардите на ЕУ, има за задача да ја „информира стручната и пошироката јавност“. Агенцијата ниту еднаш не информираше директно за својата работа во однос на процесот и критериумите според кои ги одобрува вакцините за користење. МАЛМЕД, според стратегијата за вакцинација, треба да ги прима пријавите на граѓаните за несаканите дејства преку својата веб страна, а таа е достапна само на македонски јазик, што укажува на тоа дека агенцијата не е подготвена да одговори на задачите за кои е задолжена подеднакво за сите граѓани на државата.

При набавката на вакцините, министерот за здравство Венко Филипче на самиот почеток укажа дека, како и за други медицински препарати, така и за вакцините за ковид-19 „ќе ги следиме одлуките на ФДА и ЕМА“. Само 10 дена подоцна, при одобрувањето на вакцината Синофарм, која се уште е во процес на разгледување во ЕМА, документите од нивните национални агенции беа доволен услов за нејзино одобрување. Во случајот на Спутник В воопшто не беше објаснето што ја прави оваа вакцина безбедна. За споредба, ЕМА на својата веб страна објавува податоци за авторизацијата и информации поврзани со сите одобрени вакцини и вакцините кои се во фаза на одобрување, но и објаснување за проверките на Астра зенека во однос на несаканите ефекти. Во Северна Македонија, Министерството за здравство креираше посебна веб страна каде информира за безбедноста, ефикасноста и несаканите за секоја од вакцините. Достапните податоци на оваа веб страна се оскудни и таксативно набројани, и не се доволни за да дадат јасен одговор на дилемите кои граѓаните можеби ги имаат за секоја од вакцините.

Астра зенека: безбедна или не?

Мантрата дека „сите вакцини кои ги набавивме се безбедни“ се поништи со одлуката да се супсендира вакцинирањето на граѓаните помлади од 60 години со Астра зенека, следејќи го примерот на Германија и Канада. Впрочем, одлуките на владите на земјите членки на ЕУ да ја суспендираат Астра зенека беше причина за драстично намалување на довербата во оваа вакцина во Европа. Одлуките на институциите во вакви ситуации се навистина тешки, па така одлуката за повикување на принцип на претпазливост треба да бидат базирани на докази и подеднакво важно е да бидат транспарентни. Избрзаните и неаргументирани одлуки за суспензија на една вакцина може да иницираат анти-ваксерски движења и да го засилат скептицизмот и кон останатите вакцини.

Оваа одлука дојде само само два дена откако министерот за здравство даде поддршка на одлуката на граѓаните да се вакцинираат во Србија токму со оваа вакцина. Досега, ниту на информативните веб страни на министерството ниту на веб страната на МАЛМЕД не може да се најдат информации за причините за оваа одлука, но и насоки како треба да постапуваат луѓето кои што веќе се вакцинираа. Молкот и задоцнетото информирање на граѓаните создава паника и можност нерелевантни извори да бидат прва инстанца на информирање на загрижените граѓани.

Борба без рестриктивни мерки

Вакцинацијата е најдобриот начин за борба против ковид-19. Сепак, започнување со процесот на вакцинација не значи крај на пандемијата. Впрочем, во европските земји во кои се вакцинираше поголем процент од населението се уште владеат порестриктивни мерки за превенција на ширењето на вирусот во споредба со Северна Македонија.

Бројот на заразени и смртни случаи значајно се зголеми во изминатиот период, а епидемиолошката состојба во државата е критична. Со оглед на тоа како институциите се справуваат со оваа криза, се наметнува дилемата: дали здравјето на граѓаните или економијата е прв приоритет во оваа пандемија.

Кусокот на вакцини со кој се соочува државата и скептицизмот кај граѓаните не влеваат доверба дека во блиска иднина ќе можеме да го употребиме „најдоброто оружје“ против ковид-19. Она што е важно е дека со почетокот на вакцинацијата не треба да се наметне лажен оптимизам дека вирусот ќе исчезне веднаш откако мнозинството граѓаните ќе се вакцинираат. Можеби досегашниот процес на вакцинација е конфузен и нетранспарентен, но тоа не значи дека така треба да продолжи.

 Стефан Ристовски, Ангел Мојсовски

Текстот е објавен во рамки на иницијативата „Приказни од регионот“ која ја спроведуваат Рес публика и ИКС, во соработка со партнерите од Хрватска (Lupiga), Косово (Sbunker), Србија (Не давимо Београд), Босна и Херцеговина (Анализирај.ба), Црна Гора (PCNEN), Бугарија (Sega.bg), и Грција (Macropolis).

 


Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе