Кoaлиција на граѓаните

Граѓаните сѐ повеќе ја согледуваат неопходноста од непартиска форма на самоорганизирање.

Mедиумите едвај постигнуваат да ги објават сите глупости што ги прави Владата. Но, без разлика колку е тоа тешка и макотрпна работа, сепак е нивна работа. Но, не е во ред тоа да го прават и опозициските политички партии. Нивна работа е да нудат решенија за излез од оваа мочвара, во која останаа само неколку мали острови без жив песок. За жал, тоа не се случува.

За среќа, дојде денот кога и на последното дете во државата му стана јасно дека граѓаните станаа заробеници на четири-пет политички лидери, кои заедно имаат  поголема власт од кој било монарх, султан, па дури и диктатор. Многу би рекле феудализам, а можеби и модерно ропство. 

Сите аномалии и проблеми лежат во два дефекта на државата: прво, изборниот модел, каде се избираат партии, а не личности и второ, тотален  центризам на власта и администрацијата. Овие два дефекти во државата, предизвикуваат невладеење на правото, вазалско судство, корупција на секое ниво, катастрофално здравство и образование, колапс на економијата, кражба и злоупотреба на парите на граѓаните, иселување на народот, апатија, безперспективност, чувство на загрозеност, безпомошност... Од друга страна, овие дефекти во државата овозможуваат раскошен живот на политичките елити и нивните фамилии и милионски профити на заштитените бизниси (енергија, телекомуникации, снабдувања на владините министерства и јавни претпријатија, експлоатација на природни богатства, банки, извршители...) и неограничена можност да манипулираат со народот.

Затоа граѓаните сѐ повеќе ја согледуваат неопходноста од непартиска форма на самоорганизирање. Коалиција на граѓаните. Оваа коалиција ќе ја спроведе основната реформа во државата, а тоа е враќањето на суверенитетот на граѓаните. За тоа се неопходни два чекора: децентрализација на власта и промена на изборниот модел.

Децентрализацијата е првиот чекор што треба да се спроведе веднаш. Општините мора да ги вратат сите ингеренции кои ги имаа до 1991 година. Општините мора да функционираат со сопствена влада (извршен совет) на чело со градоначалникот и подрачни началници (општински министри) за финансии, урбанизам, земјоделие, образование, здравство, економија и култура. Овие „општински министри“ ќе бидат бирани од советот на општината. Членовите на советот на општината ќе се бираат на отворени листи и тие што ќе добијат мнозинство од гласовите ќе станат советници. Важна е одредбата, дека и градоначалникот и советниците ќе може да се отповикат со собирање на потписи на најмалку половина од гласовите  кои ги добиле при изборот. На директни избори на општинско ниво, ќе се избираат и претседателите на судовите и началниците на полицијата.

Клучен елемент при децентрализацијата, е и децентрализацијата на финансиите. Општините мора да станат основна клетка на прибирање и распоредување на сите даноци, придонеси и такси.

Со процесот на децентрализација ќе се изврши огромно кратење на непотребни работни места во државната администрација на ниво на министерства, агенции, јавни претпријатија и огромните трошоци кои ги прават овие нефункционални и мегаломански институции.

Само на ваков начин е возможно граѓаните да воспостават контрола врз работата на сите столбови на власта и при секоја појава на неправилно и незаконско работење да можат да извршат нивна промена.

Инаку, децентрализацијата е обврска која ја има нашата држава согласно пристапното партенрство со ЕУ и Рамковниот договор. За жал, во пракса тоа е процес кој се одвива со два чекори напред, три чекори назад. Декларативно, децентрализацијата е секогаш на прво место во програмите на сите претходни влади, реално од неа нема ништо.

Затоа граѓаните ќе се самоорганизираат во коалција, која ќе ја  спроведе оваа реформа.

Ангел Наков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За жал многумина, а особено оние што треба, не може да ја видат историската димензија на оваа посета на еден папа на нашата земја.

повеќе

Кога знаеме како функционира кризата на претставеност, можеме да спречиме повторување на историјата, кое можеби овој пат би имало и многу полоши последици по демократското општество.

повеќе

Деновиве Владата донесе одлука за формирање на ново министерство. А и така, по глава на жител, верувам, рекордери сме по министерства и министри. Оттука, размислував зошто да не предложам да се формира уште едно – за „спречување автоголови".

повеќе