Клио

Со договорот со Бугарија, меѓудругото, се откажуваме од Македонците во Бугарија, откако со менување на Уставот во 1992 се откажавме од грижата за Македонците во Грција.

Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, во емисијата Отворено на ТВ 24 вести рече дека е на ризична линија и не може да даде детали за договорот со Бугарија кој во моментот е предмет на актуелни преговори.

Сепак, на прашањето на водителот за промена на фактите во учебниците, Димитров несвесно спомна само „Клио“, дополнувајќи соработка и заеднички проекти, од што може да се изведе аргументот за штетноста на договорот со Бугарија кој треба да се потпише на големиот македонски национален празник Илинден.

Што е Клио?

Една од наменските меѓународни невладини организаци наречена Центар за демократија и помирување во Југоисточна Европа, пред петнаесетина години започна проект насловен како „Политики на историското образование“ од чии резултати во 2002 година во Солун произлезе книгата Клио на Балканот, според старогрчката божица на историјата.

Централно место на книгата претставува блокот текстови со заеднички наслов македонски идентитети. Првото писание е на македонски автор, извесен д-р Никола Јордановски, кој вели дека македонската историографија лажно ги прикажува апостолите на историското ВМРО дека се втемелувачи на македонската нација, бидејќи тие се бореле за проектот „Велика Бугарија“. Се разбира, во книгата, на антимакедонска основа се и писанијата на бугарскиот историчар Цветан Цветанов и грчките автори Власис Власисдис и Деспина Каракацани.

Значи, македонскиот, бугарскиот и грчките автори во овој меѓународен проект се на иста линија, односно, да се разбијат наводните лажни историски факти за постоењето на Македонците.

И така тргна проекот за разбивање на Македонците. Издавачката куќа „Форум“ на почетокот на 2006 испечати примероци на англиски јазик и ги дистрибуира во балканските држави. Директор на „Форум“ и член на спомнатиот Центар за демократија и помирување е добро познатиот Сашо Ордановски. Остана уште Министерството за образование да ја преведе книгата Клио на Балканот и македонските ученици да почнат да ја учат својата национална историја слушајќи ги историските вистини на своите соседи, односно, дека Македонците се измислени и непостоечки.

Меѓутоа, токму кога проектот требаше да стартува во училиштата, во јуни 2006 дојде до промена на власта и овој проект на антимакедонска основа запре.

Сега, во 2017, непријателите на македонското дело, повторно најдоа лица налик на министерот Димитров со изгубено национално чувство за оживување на проектот за промена на македонските учебници по историја во контекст на Договорот за добрососедство со Бугарија.

Инаку, проектот „Политики на историското образование“ и книгата Клио на Балканот е моќен проект за обезличување на Македонците бидејќи е во корелација со влијателната меѓународна невладина организација-Меѓународната кризна група (МКГ).

Впрочем, Клио на Балканот е во тесна врска со Извештајот на МКГ од 10 декември 2001 насловен како „Името на Македонија: Зошто е важен спорот и како да се разреши“ кој се сведува на нашето преименување и одземање на континуитетот на македонската историја.

Што е поинтересно, сега се оди чекор понатаму и решенијата од Клио на Балканот како и од Извештајот на МКГ ќе се вградат во претстојниот Договор за добрососедство со Бугарија.

Така, во Извештајот на МКГ се вели да се повика УНЕСКО; Советот на Европа или некоја трета страна да го испита македонскиот образовен план, особено по предметите историја и географија, сите отстапки направени од страна на Скопје ќе бидат унилатерални и нереципрочни. На пример Извештајот не предвидува рецензија и на грчките учебници, за етнички македонски топоними во Грција, или пак, декларација за македонското наследство или пак етничко македонско малцинство кое Грција не го признава.

Сето ова пак, сега ќе се преслика и во договорот со Бугарија со кој ќе се преиспита македонската историја и нашите отстапки спрема Бугарија ќе бидат нереципрочни.

Исто така, во договорот со Бугарија ќе биде вградена и формулацијата од Привремената спогодба со Грција од 1995, дека Република Македонија изјавува оти ништо од нејзиниот Устав не може и не треба да се толкува дека претставува или некогаш ќе претставува основа за мешање на Република Македонија во внатрешните работи на Република Бугарија со цел да го заштити статусот и правата на лица кои не се државјани на Република Македонија.

Оваа наша нереципрочна обврска Димитров невешто се обиде да ја оправда велејќи дека таква компарабилна одредба нема во бугарскиот Устав иако би требало да знае дека таква компарабилна одредба има во грчкиот Устав, а Македонија со брзопотезното менување на Уставот на 6 јануари 1992 се откажа од грижата за Македонците во Грција.

Имено, според членот 108 од грчкиот Устав, грчката власт се грижи за Грците што живеат во странство, а ги одржува нивните врски со мајката татковина. Значи, членот 49 од македонскиот Устав кој Грција го оспоруваше и го променивме, а во грчкиот Устав постои членот 108 кој го има истиот карактер, остана непроменет.

Значи, со договорот со Бугарија, меѓудругото, се откажуваме од Македонците во Бугарија, откако со менување на Уставот во 1992 се откажавме од грижата за Македонците во Грција.

Во телевизиската емисија Димитров ламентираше дека сето ова не е проблем бидејќи за него било само суштествено да се произведува пријателство со Бугарија не водејќи сметка дали се загрозуваат националните и државните интереси. Дури, Димитров беше револтиран што на сеалбанската платформа за уривање на Македонија, замислете, дошло до етничка мобилизација на Македонците. Очигледно мозокот на Димитров застанал некаде во 1942 кога неговите истомисленици-македонските Бугари јаничари кои не издржале во историјата сметале дека бугарскиот цар во Скопје треба да се дочека со сол и леб, па, така, Македонците и сега требало да бидат мирни на албанските провокации со некакви тирански платформи.

Како и да е, Македонија не смее да дозволи своевидните четири јавачи на апокалипсата (1.промена на името и идентитетот, 2. промена на историјата, 3. промена на етничкиот состав и 4. федерализација, најпрвин јазична/духовна, па територијална) со предводник од еден од најповиканите - министерот за надворешни работи да успеат во своите лоши намери бидејќи Македонија дефинитивно го губи темелот на нацијата и државата.

Јанко Бачев

(Авторот е универзитетски професор и претседател на Народно движење за Македонија)

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Референдумот во Дојран во недела е поделикатен од оние во Гевгелија, Богданци и Валандово, зашто отворањето рудник во Казандол може да го кутне во уште потешка агонија eзерото кое е прогласено за споменик на природата. 

повеќе

Во Франција, пред, по и за време на Втората светска војна, пушењето, особено француски марки цигари, било чин на патриотизам. 

повеќе

Не постојат „повисоки интереси" од типот на членството во Европската Унија или НАТО алијансата за кои вреди да се прават потценувачки компромиси.

повеќе