Ќе има ли правда за „големите, важните и богатите“

Веќе е јасно дека не треба да има никакво сомневање дека прислушуваните разговори треба да бидат прифатени како докази во постапките.

Законот му дава процесна можност на првостепениот суд повторно да одлучи да ги исклучи прислушуваните разговори како докази, ценејќи дека се работи „од слуај до случај“, но тоа ќе биде спротивно на други одлуки како на македонските судови, од кои веќе на актуелни предмети на СЈО, така и на Европскиот суд за човекови права, а секако ќе биде спротивно на јавниот интерес и со тоа на колективната правда која ќе резултира во чувство на изиграност на сите граѓани.

Еден од светски најекспонираните и најконтроверзни судски случаи на денешницата е случајот на О. Џеј Симпсон, обвинет за убиствата на неговата поранешна сопруга и нејзиниот пријател во 1994 година. Случајот, кој во судот траел непрекинато речиси цела година и во исто толку време поротата била изолирана, е толку неверојатен од почетокот до крајот што самиот Холивуд, кој е на растојание од неколку километри од местото на настанот, може да позавиди на трилер моментите кои од него направија светска сензација.

Но, она што му остава впечаток на кој било правник е постапувањето на судијата Ленс Ито, од моментот на неговата одлука судењето да се пренесува во живо на телевизија поради огромниот јавен интерес која до ден-денес е критикувана и нарекувана „почетокот на крајот на правдата“, преку дозволувањето да се внесе прашањето за расизам во случај за убиство во кој реално нема никакви расни прашања, па се` до однесувањето на судијата кога обвинителството од него ќе побара изземање од случајот поради фактот што неговата сопруга е дел од полицијата во Лос Анџелес.

Во американскиот правосуден систем одлуката за вината ја носи поротата, но сите важни процесни одлуки што значат насока и динамика на предметот ги носи судијата. Затоа, без оглед што резултатот на случајот О. Џеј Симпсон е ослободителна пресуда која до денес се оценува како изигрување на правдата и потврдување на ироничната изрека „што не можеш да купиш со пари, можеш со многу пари“, имајќи предвид дека О. Џеј Симпсон имал дури шест скапо платени адвокати, никој не го доведува во прашање интегритетот на судијата Ито и сите се согласни дека овозможил фер судење во кое двете страни имале „еднаквост на оружјата“ која ја искористиле пукајќи со сите сили.

Звучи едноставно, но во основа тоа е се` што бараме секогаш од судот - шанса, можност за фер процес, непристрасен суд и судија, интелигенција и разбирање на духот на законот, а не голо, формално и неправедно применување на сувопарни законски одредби.

Често велам законот се чита, правдата се чувствува. Откако имаме обвиненија покренати од СЈО по повод незаконски снимените разговори чија разрешница се очекува да донесе правда во општеството, дали стигнувањето до таа правда е возможно доколку судот не создаде услови за фер, транспарентен и непристрасен процес?

Дали судот ќе ги прифати „бомбите“ како докази во сите предмети?

Што може да се очекува?

Обвиненијата на СЈО треба да поминат низ првична оценка од страна на судија односно од страна на кривичен совет во зависност од тоа дали казната која е предвидена за делата е до 10 години или повисока. Откако судот ќе ги достави обвиненијата до осомничените (да, се` уште се именуваат како осомничени), тие имаат право на писмен приговор.

Во основа, оценката на обвинителните акти поднесени од СЈО ќе значи оценка за тоа дали постојат доволно докази за исполнување на стандардот „основано сомневање“ односно дали постојат доволно докази за предметот да продолжи во фаза на главна расправа. Најпроблематично, како и досега, ќе бидат доказите кои се всушност самите прислушувани разговори. Законот му дава процесна можност на првостепениот суд да одлучи ваквите докази да ги исклучи, ценејќи дека се работи „од слуај до случај“, но тоа ќе биде спротивно на други одлуки на македонските судови, од кои веќе и на актуелни предмети на СЈО, како и на праксата на Европскиот суд за човекови права. Со сигурност ќе биде спротивно на јавниот интерес и со тоа на колективната правда која ќе резултира во чувство на изиграност на сите граѓани, па дури и на оние кои политички ги поддржуваат осомничените бидејќи испраќа порака дека системот не функционира за „големите, важните и богатите“.

Во одредени предмети, доколку ваквите докази се исклучат, за дел од обвинетите обвиненијата ќе бидат на тенки и многу кршливи нозе бидејќи од равенката наречена „теорија на случајот“ ќе се извади многу значајна ставка, што директно ќе влијае на резултатот. Во предметите како што се, на пример, Тенк (Мерцедесот)ТНТ (Космос) и Тендер (Музејот на ВМРО), разговорите се клучниот линк кој ја поврзува целата приказна, кој прави едно содејство на сите останати докази и без кој купиштата материјални докази едноставно не можат да добијат целосна смисла и да бидат ставени на товар на одредени лица кои се директни нарачатели, поттикнувачи или извршители.

Со последната одлука на Апелационен суд Скопје да ги прифати како докази разговорите во случајот познат во јавноста како „Шамарите во Центар“ се покажа дека судот, полека но сигурно, почнува да се буди од кома, а со оглед на тоа дека тоа е повисокиот суд кој одлучува по жалба и кој врши институционална контрола на одлуките на пониските судови, речиси е сигурно дека може да се очекува разговорите во сите постапки да бидат прифаќани како докази.

Според тоа, кои се опциите на првостепениот суд кога ќе ги оценува обвиненијата? Судот може да ги одобри обвиненијата и тие да продолжат на главно судење заедно со сите докази предложени од СЈО. Судот може исто така да одлучи да ги исклучи разговорите, но сепак да одлучи дека има доволно докази и да продолжи предметот на главно судење и третата опција, да ги исклучи разговорите и така да одлучи дека нема доволно докази и да го одбие обвинителниот акт со што, во последните две варијанти, процесот на одолговлекување на почеток на судењето ќе продолжи, чекајќи одлука по жалба како што беше тоа во случајот „Шамарите од Центар“, купувајќи им време на осомничените и трошејќи го мандатот на СЈО.

Порака до граѓаните дека можат да очекуваат правда

Облакот околу доказната вредност на прислушуваните разговори сѐ уште е надвиснат, како и над сите постапувања на СЈО, иако веќе е јасно дека не треба да има никакво сомневање дека прислушуваните разговори треба да бидат прифатени како докази во постапките. Судиите кои ќе ја вршат оценката на обвиненијата нека се едуцираат и информираат, веќе имаат одлуки напишани и нацртани како да го прават тоа и нека не се кријат позади формалистичко читање на законот, па заштитата на приватноста (или што знам што ли ќе штитат) на државните функционери, осомничени за криминал со многу нули, да биде поважна од јавниот интерес и од санкционирањето на нивните незаконски постапувања додека биле на власт. Судот мора да мисли и на упатување генерална порака во општеството и за секој иден функционер дека системот знае и може да возврати и дека граѓаните можат да очекуваат правда.

Судиите кои на каков било начин се инволвирани, посредно или непосредно со кој било осомничен или член на неговата политичка партија, спомнати во „бомбите“ или слично, односно сите кои поради некакви околности не можат пред јавноста да гарантираат независност и непристрасност, не мора и не треба да бараат што за тоа пишува во законот. Тие мора веднаш да се изземат. Судот мора да се грижи за тоа дека предметите се јавен интерес за секој граѓанин, да ги штити сите инволвирани од влијанија, а во исто време да овозможи максимално транспарентен процес.

За крај, реченицата која одлично ја опишува ситуацијата која ги снајде осомничените на СЈО, фатени на дело кое можеби никогаш немаше да се открие да не беа снимките кои самите ги снимале, е на еден друг Симпсон, член на најпознатото семејство од истоимената цртана серија на Мет Гроенинг, Марџ. Таа, при крајот од епизодата во која Хомер е обвинет, вели: „Добро, можеби судовите не функционираат, но се` додека секој може тајно да снима друг, ќе има правда“. Иронично, ова е кажано во епизода од истата 1994 година кога правдата доживеа исмевање во САД со случајот О. Џеј Симпсон.

Се надевам дека 23 години подоцна, ние ќе бидеме попаметни.

Сузана Јошевска Анастасовска, адвокат

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Без оглед дали сте поддржувач или противник на претходната власт, не можете да оспорите дека таа постави сосема нови стандарди во поглед на мерките, напорите и вложувањата за да се привлечат странски инвестиции, за наши услови. 

повеќе

Ако лидерите на двете најмоќни земји во светот – САД и Кина имаат суштински разлики во начинот на кој тие гледаат на меѓународните односи, какви се изгледите за глобално зајакнување на соработката?

повеќе

Најновите случувања на релација политичка власт-граѓански сектор, повторно го отвораат прашањето за односите помеѓу овие два сегмента на општествениот живот.

повеќе