Кирил Пенушлиски – основоположник на науката за фолклорот во Македонија

Научните трудови на Кирил Пенушлиски го открива неговото широко и длабоко познавање на македонскиот фолклор, како и неговиот стремеж да ги согледа, открие и разјасни суштински, тематските, идејните и естeтските вредности, како и улогата во одржувањето на националното сознание на Македонците во времето на вековното робување.

Кирил Пенушлиски (Солун 1912, Скопје 200) е соновоположник на науката за фолклорот во Македонија и главен сподвижник нa нејзиниот развој во период од пет децении. Под негово менторство и влијание се развиваа повеќемина видни македонски научници и универзитетски професори: Томе Саздов, Танас Вражиновски, Тања Жежељ Каличанин, Фанија Попова, Ленка Татаровска, Науме Челаковски, Александар Стерјовски, Марко Китевски, Блаже Петровски, Ана Мартиновска и др. Неговата улога во покренувањето и во осмислувањето на значајни едиции од областа на фолклорот има историско значење. Својот општ приод кон проучувањето на македонскиот фолклор професорот Кирил Пенушлиски jaсно го фиксира во трудот „Постигањата на македонската фолклористика и нејзините задачи“ објавен во 1965 година. Во оваа студија, по направениот преглед на постигањата на македонската фолклористика од нејзините први преродбенски oстварувања (Миладиновци, Верковиќ, Шапкарев, Цепенков и др.), тој ги набележа основните задачи на македонските фолклористи: прво, следбениците да продолжат интензивно и плански да ги собираат народните умотворби; второ, да настојуваат тие да им се вратат на народот преку критички и систематски преиздавања не само на собраниот материјал во минатото, туку и на оној што бил собран во нашево совремие. Паралелно со овие основни задачи, како натамошна крупна задача тој го постави и прашањето на теоретските проучувања на фолклорните проблеми, како и компаративното проучување на македонскиот фолклор кај другите балкански народи.

Во својата научно-истражувачка работа, Кирил Пенушлиски не се ограничи на кабинетски проучувања, туку и самиот вршеше теренски проучувања и истражувања, а организирашe и комплексни екипни истражувања на фолклорот на одделни наши региони (Малешево, Мариово). Исто така, тој ја  проучуваше народната култура и во другите делови на Македонија, кои денес се во рамките на Грција и Бугарија. Со овие истражувачки потфати се поврзани поголем број негови прилози и студии, меѓу кои значајно место зазема монографијата „Народната култура во Егејска Македонија“.

Посебно внимание заслужуваат издавачките потфати на Кирил Пенушлиски. Автор е на десет жанровски антологии на македонското народно творештво (1968-1973). Освен тоа, тој е најзаслужен и за откривањето на значајната оставнина на Марко К. Цепенков во архивите на БАН во Софија. Од донесените материјали во 1958 и 1959 година, во негова редакција беа отпечатени во три книги 290 избрани приказни и анегдоти, а целокупното дело на нашиот голем преродбеник во десет книги го публикува во 1972 година.

Како афирматор на богатата оставина на Марко К. Цепенков, професорот Кирил Пенушлиски не се задоволи само со нејзиното објавување и редактирање, туку настојуваше што пошироко да навлезе во феноменот на собирачкиот пристап и на неговиот креативен приод кон обликувањето на собраните материјали. Повеќе од дваесеттина трудови во ова издание се непосредно сврзани со животот и делото на Цепенков, со одделни конкретни проучувања на теми и мотиви на неговите народни умотворби. Тие трудови, секако, претставуваат платформа без која не е можно натамошното изучување на великото дело на Марко Цепенков. Од посебно значење е што приказните се систематизирани според меѓународниот типолошки индекс на мотивите по Арне-Томсон.

На Кирил Пенушлиски му припаѓа уште еден значаен проект: собраните народни умотворби во пет книги на видниот собирач од времето на македонската преродба Стефан И. Верковиќ. Освен студијаta  за неговиот  живот и дело, во оваа колекција, како трета книга, се отпечатени за првпат откриените песни од неговата оставнина во Српската академија на науките и уметностите. Со ова издание, собирачката дејност на Верковиќ беше комплетно приопштена во Република Македонија.

Приказот на научните постигнувања на проф. Кирил Пенушлиски би бил нецелосен ако не се споменат неговите трудови за македонската народна борбена поезија и за баладите. На борбената поезија тој ѝ посвети бројни прилози, студии и книги. Најзначајни се монографиите: „Марко Крале“ (1983), „Гоце Делчев во македонскиот фолклор“ (заедно со Танас Вражиновски, 1983), „Болен Дојчин“ (1986), прекрасната антологија „Црвен се бајрак развева“ (1965 ) со неодминливата студија за карактерот и развојните етапи на македонската народна борбена поезија и нејзините тематски и идејни револуционерни одлики, потоа студијата за војводата Иљо Малешевски и др.

На изучувањето на македонските балади исто така им посвети повеќе трудови. Најзначајни се студијата Малешевски балади, како и монографијата „Македонски народни балади“ (1983), која познатиот словенечки научник Милко Матичетов ја оцени како најдобро постигање во областа на народните балади во балкански рамки.

Во македонската фолклористика, Кирил Пенушлиски ќе остане забележан и со својот смел приод кон одделни теми што пред него воопшто не беа проучувани, бидејќи соодветните одделни умотворби се сметаше дека се непристојни или навредливи, па според тоа и нивното обработување и објавување беше табу-тема. Таков е случајот со книгата „Македонски еротски приказни“ (1981) и со студијата „Народот за религијата“ објавена во книгата „Богови и попови - македонски народни умотворби“ (1987) подготвена заедно со Танас Вражиновски, со видлив атеизам и антиклерикализам.

Книгата „Македонски фолклор - историски преглед“ (1999) претставува круна на сестраниот интерес на професорот Кирил Пенушлиски во областа на фолклористиката. Со ова дело нашиот голем научник ги заокружи своите повеќедецениски истражувања на народното творештво. Врз меѓународни методолошки систематизации на фолклорот по родови (епика, лирика и драма) и нивните жанрови и жанровски разновидности тој ги анализира, споредува и им го одредува местото и значењето не само од национална гледна точка, туку и во рамките на светската фолклористика. Ова дело претставува сеопфатен научен историски преглед на потеклото, развојот, особеностите и современите состојби на македонскиот фолклор.

Творештвото на Кирил Пенушлиски е обемно и многустрано. Во мноштво трудови тој истражува и разработува разновидни прашања за природата на фолкористиката и за постигањата на македонската фолклористика од преродбата, па до нашaвa современост, презентирајќи и проучувајќи ги неисцрпните богатства на македонскиот фолклор во неговите родови, жанрови и жанровски разновидности. Внимателниот и критички разглед на научните трудови на Кирил Пенушлиски го открива неговото широко и длабоко познавање на македонскиот фолклор, како и неговиот стремеж да ги согледа, открие и разјасни суштински, тематските, идејните и естeтските вредности, како и улогата во одржувањето на националното сознание на Македонците во времето на вековното робување.

 

Раде Силјан

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе