Каков ветинг ни останува на располагање?

Ни треба ветинг. Но битно е кој да го спроведува, а не само врз кого да се спроведува.

Во јавноста има обид да се превенира темата ветинг пред воопшто и да стане тема. Без оглед на тоа дали станува збор за пародијата што „внатре-партиски“ ја спроведе ДУИ, „комисиски во МВР“ ја спроведе СДСМ или за онаа со најавата за ветинг во правосудството што ја даде, па самиот Заев ја повлече.

По урнисувањето на правдата и јакнењето на неказнивоста на функционерите, обидот е ветингот да остане ад-акта пред, а по можност и по изборите – за да се спречи општествена кохезија на принципиелно прашање што не им е во интерес на корумпираните и оние коишто сакаат и натаму да ги употребуваат.

Резервите се огромни (и) кај странците. Делумно поради искуствата од Албанија, но особено по дебаклот на СЈО скроено по нивна мерка. Можеби и нормално откако повторно останаа „превеслани“ од своите миленици во правосудниот, медиумскиот, невладиниот и политичкиот естаблишмент што самите го хранеа со грантови, обуки...

Токму затоа, да разгледаме дали и каков ветинг ни останува на располагање и зошто на него опозицијата треба да се обврзе пред овие избори.

Тој е корисна алатка за постојана проверка на потеклото на имот на функционерите и службениците во повеќе области, а особено во администрацијата, правосудството, безбедноста, одбраната.

Не како еднократна издвоена постапка, туку како постојан процес во сет мерки и законски решенија за (овие делови од) државниот систем да функционира(ат) со отпорност кон спрегата на тргување со влијание со извршната власт, политичката и економската елита и „црните пари“ кои се движат преку нив.

Притоа, незаинтересираноста на „меѓународната“ за ваквиот процес е и корисна. Штом тукашните амбасади, а особено нивните домицилни „стафови“ за нешто се воздржани, тоа има шанса и да не биде еднократен проект на „стабилократските“ миленици спастрени во „пломп-бејлиевско-герберихски“ строј. Кој и онака е разобличен од сопствената корумпираност и конфликт на интереси.

Ветинг за политичари, судии, полицајци, обвинители, директори... но и за професори, цариници, сметководители, адвокати...

Како пропаднавме како општество? Едноставно. Кога цариниците вртат очи на шверцот, полицајците превезуваат мигранти, директорите приватизираат фирми со државни пари – политичарите посегаат тоа да им го легитимираат, за одреден надомест. Тогаш и лекарите бараат мито за операции, а професорите за оценка. И судиите за пресуди или застарувања предмети со кои ќе се офајдат од оние што почнале да создаваат „капитал“, заедно со банкарите, нотарите и извршителите. А „врвните“ имиња од Академијата, Правниот и Економскиот факултет и нивните деривати, за законски уреден хонорар тоа ќе им го спакуваат во „реформски“ закони – кои ја легализираат пљачката на јавните средства и добра или ја обесмислуваат санкцијата сведувајќи ја на низа лавиринти до застареност на делото.

И набрзо потоа, по мандат-два, се создаде систем на меѓусебна поврзаност во која „јас те штитам тебе, а ти мене“, со луѓе кои размислуваат само како да го зграбат туѓото, организирани во пара-систем на пара-институции, претворајќи нѐ во псевдо-држава.

 

А оние кои не се препознаваат во таквиот систем – едноставно с(м)е маргинализирани, до иселување или предавање. Во списокот на емигранти никогаш нема да ги видите корумпираните. Нив ќе ги видите на приемите и свечените академии.

Дали сте забележале дека за да бидеш премиер може да си електро-инженер, за да си министер за транспорт може да бидеш правник, за да си министер за култура можеш да бидеш наставник, но за да спроведуваш ветинг, лустрација или реформи во судството, полицијата..., мора да си „истакнат правник“ со работно искуство што ти се брои по години на стаж во која било фирма, но не и со конкретен ефект во струката?

Тоа се тие трикови на истите ликови во „фелата“ (политиката и правораздавањето) кои поинаку не можеше да останат на позиција и да „штанцаат“ закони и нивни измени и дополнувања по политичка нарачка и потреба. До 1989/90 самоуправно-социјалистички, а потоа со плурално-капиталистички.

За успешен „Прибе“, потребен е успешен ветинг.

Законот не (може да) ја гарантира правдата и (да) ја димензионира процедурата ако не го одразува духот на правдата осигуран низ процедурата. Оти законот врамува општествена вредност и колективна норма и ги санкционира отклоните од неа.

Затоа, парадоксално, ако сакаме ветинг по мерка на општеството и луѓето – потребно е да го спроведеме токму затоа што на него му се спротивставуваат „брендираните“ политичари, судии, обвинители, правници, новинари, професори, академици и – странците. Кои ги брендираа(т) набројаните. И тие нив.

Во него единствен критериум на неговите спроведувачи практично треба да биде – моралната подобност. Со ликови кои не биле дел од извршна власт, ниту биле исплаќани од државна институција за „консултантски услуги“, „проекти“ и слични начини на испумпување на јавниот буџет за приватно корумпирање. И кои не се дел од „истакнатите правници“, оти од нив стигнавме до тука каде што сме. На дното.

Само на тој начин нема да се повтори грешката на лустрацијата во која сите гледаа на кого таа се однесува, но малкумина се интересираа кој ја спроведува. Штом една од алките се прекине, низата ќе падне. Подобро тие отколку сите ние.

Но, зошто корумпираните не треба премногу да се грижат?

Бидејќи оваа идеја и пракса ќе биде саботирана колку од засегнатите дома – толку и од нивните спонзори надвор. Прво ќе се погрижат да се маргинализира и предлогот и предлагачот. Ако тоа не успее – да го исмеваат како утопист. Ако и тоа не успее – да го корумпираат и оцрнат. А ако и тоа не успее – ветингот да го замени друга тема. Оти што подоцна се случи ветингот, толку повеќе други теми и кризи ќе го направат задоцнет и излишен. И потоа – сѐ од ново.

Ивон Величковски,

иницијатор на Движењето за Нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

САД остануваат најмоќната држава во светот, но францускиот претседател Макрон прави сѐ да стане своевиден „пандан“ на претседателот на САД.

повеќе

Сега, кога нашата држава ја предводат анационални лидери, кога супериорната бугарска власт смрди од агресивен национализам, ќе биде тешко да се изгради цврсто пријателство.

повеќе

Иако Буџетот 2020 е популистички, сепак со цврстите ставови за отфрлање на субвенциите за возила и за промена на даночната политика на СДСМ, како и во идејата за понатамошно отворање на Министерството за финансии се наѕира дека Ангеловска знае што прави.

повеќе