Како започна соработката со земјата на изгрејсонцето

На 6-ти септември, и формално на пригодна свеченост во Скопје беше отворена амбасадата на Јапонија во Република Македонија.

Не е нескромно ако се каже дека на овој чин му претходеше посветена активности на членовите на Македонско-јапонското друштво на пријателство и соработка што го формиравме група ентузијасти во 1989 година во Скопје, што во голема мерка придонесе за приближување на земјата од изгрејсонцето и вредниот јапонски народ со Македонија и нејзиниот народ.

Прилогот за почетокот формирањето на Македонско-јапонското друштво е извадок од книгата НЕЗАБОРАВНИК што наскоро треба да излезе од печат.

Пролетта 1989 година, по враќањето од Австралија каде престојував како единствен дописник од Македонија на новинската агенција Танјуг, размислував што би можел да пренесам од богатите сознанија и искуства од таа далечна земја-континент, а кои би биле од корист за Македонија. Во прв план ми падна на ум помислата на економските активности на Јапонија на петтиот континент што се навистина импресивни. Нема економска област во земјата зад екваторот каде Јапонците не се присутни со свој капитал, па дури и во индустријата за опал. Малкумина знаат, на пример, дека терминот „встралиска волна“ во суштина и не постои бидејки 100% од акциите во индустријата за производство и трговија со волна, диктирањето на цените на волната и слично, се во јапонски раце.

Еден ден си помислив: а зошто не би се поврзале поблиску со земјата на изгрејсонцето, со Јапонија? А зошто да не, си одговорив себеси и почнав да работам во таа насока. Знаејќи дека Јапонците се трпеливи и многу студиозни луѓе кои ништо не прават прекуноќ, си помислив да се обидам на направиме друштво на пријателство и соработка меѓу двете земји и преку активностите на тоа друштво да ги јакнеме врски- те и соработката меѓу двете земји и двата народи.

Прв на кого му ја претставив идејата беше Ѓорѓи Доневски, претседател на Tуристичкиот сојуз на град Скопје. Се знаевме многу добро бидејќи како новинар честопати навраќав кај него на чашка разговор, но и да „ископам“ некоја информација вредна за објавување. Ѓорѓи со задоволство ја прифати идејата и вети дека ќе ги стави на располагање просториите на Туристичкиот сојуз на Скопје. Кругот поцна да се шири и набргу ни се придружија д-р Оливер Каранфилски како поранешен специјализант во Јапонија, д-р Коста Балабанов, еден од водечките експерти за источно-Ромејското сликарство во Македонија, Живко Поповски попознат под псевдонимот „Живко – Цветин, цвеќе на мирот“ и други. Идејата за формирање на ова друштво доби голема популарност и спонтано почнаа да ни пристапуваат луѓе кои на овој или оној начин биле „врзани“ со Јапонија: студенти, специјализанти, бизнисмени, интелектуалци.....

За да можеме нормално да работиме беше потребно да се регистрираме во судот. Со потребните документи закажавме основачко собрание , а каде на друго место ако не во Туристичкиот сојуз на град Скопје кај Ѓорѓи Доневски. Пред самиот почеток на Собранието од некаде се појави еден млад човек, се претстави дека е дипломат од Министерството за надворешни работи и рече дека сака да биде член на претседателството. Се погледавме меѓу себе неколкумина од основачите и службено му укажавме дека не може туку-така, од улица и „оп“ дирекно во претседателството, туку членството во претседателството треба да го заслужи со работа и активност. Тоа лице се вика Зоран Јолевски кој до ден денес во својата биографија беостамно се претставува како „основач" на Македонско-Јапонското друштво за пријателство и соработка.

Прв претседател на Македонско-Јапонското друштво на пријателство и соработка беше избран д-р Коста Балабанов. Со време, се постави прашањето за легитимитетот на нашето друштво и од јапонска страна. Неколку пати се обративме до амбасадата на Јапонија во Белград, но од таму штама – никаква реакција. Денес ми е сосема јасно зошто беша така: нашите активности се случуваа во текот на 1989 година кога Југославија сè уште постоеше. Додуша на стаклени нозе, пред распаѓање, но постоеше. Јапонците не сакаат недефинирани работи и од тие причини во почетокот нè прифаќаа дискретно давајќи ни на знаење дека сепак постои Југословенско-јапонско друштво на пријателство и дека треба да контактираме со нив. Претседател на тоа друштво беше Македонец, угледниот дипломат Илија Топаловски. Илија беше љубезен кон нас, дури и нè покани во Белград и даде ручек за неколкумина од претседателството во некој угледен ресторан-свратилиште на дипломати и слична белградска фела и ни понуди да се регистрираме како секција на Jугословенско-јапонското друштво, но со своја програма на активности. Не прифативме да бидеме секција или некаков огранок на Jугословенско-јапонското друштво и некое време работите останаа како што беа.

Еден ден излегов да прошетам малку на чист воздух (ако за Скопје воопшто може да се каже такво нешто) и низ град налетав на инж. Живко Поповски, попознат како „Цветин“, член на нашето претседателство. Во неврзан разговор во стилот „што правиш-како си“ го запрашав до каде е со неговото сликарство? Ми возврати: „Сакаш ли да видиш, ајде да појдеме кај мене дома и ќе ти покажам“.

Отидовме во станот/ателје на Живко во Капиштец и имаше што да видам: на сите страни хартии, четки, бои, но и примероци од богата колекција подароци што Живко ги имаше добиено од светски лидери, политичари, уметници од целиот свет како возврат за неговите подароци на слики на темата „цвеќе на мирот“. На една полица здогледав прекрасна папка на снежно-бела боја и со љубопитство посегнав да ја видам одблизу. Го запрашав Живко: „А за кого ја подготвуваш оваа папка“? Ми одговори „За Папата во Рим“. Веднаш му предложив: „Папата ни е близу, преку море, и можеш да му предадеш „цвеќе на мирот“ кога ќе посакаш. А што мислиш да ја пратиме белата папка на тукушто интронизираниот император на Јапонија Акихито и да му го честитаме наследувањето на царскиот престол?“ (Тие денови тукушто беше устоличен новиот император Акихито, по смртта на неговиот татко императорот Хирохито). „Зошто да не, идејата ти е супер“, како од пушка одврати Живко.

Ја замоливме Казу Лешниковска, Јапонка – македонска снаа која живее во Скопје, да ни го преведе на јапонски пригодниот текст од честитката што ја напишавме и на македонски и англиски јазик во белата папка, Живко нацрта специјално за таа прилика „цвеќе на мирот“, убаво ја спакувавме и ја пративме со препорачана пошта до амбасадата на Јапонија во Белград со замолница „по дипломатска пошта да ја проследи во Токио за Неговото царско височество императорот Акихито“.

Тоа беше сторено од страна на амбасадата и од тој момент вратите за нашето друштво и за Македонија беа ширум отворени во Јапонија. Во меѓувреме, Јапонија отвори свој почесен конзулат и културен центар со библиотека во Скопје и е меѓу најголемите донатори на Македонија.

M-р Мартин Треневски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Тоа е нашата политичка наивност- да се верува дека правото е семоќно орудие во разрешавањето на сите проблеми. А каде е моралната, политичката, социјалната, психолошката страна на проблемите? 

повеќе

Премолчувањето на јавнот интерес во законските решенијазначи изостувањето на клучниот критериум за оправданоста на концесиите на добрата од општ интерес.

повеќе

Фатени на дело во многу  кражби, сите праведни граѓани на оваа земја беа убедени дека на арамиите ќе им се суди по примерот на Жан - по кратка  постапка.

повеќе