По повод Денот на македонскиот јазик

Како се однесуваме кон македонскиот јазик, кон залогот што ни го оставија Мисирков и Конески, највозвишениот наш белег?

Написов е пишуван по повод еден јубилеј, пред речиси десет години, и е отпечатен во 2006 година во списанието Културен живот. Но денес е поактуелен од кога и да е: во време кога сè уште има некои што нè негираат како нација, ние го забораваме она што најмногу нè дефинира, зашто „јазикот е вруток на македонска самосвест, столб на националното чувство, на самодовербата, највозвишениот наш белег, решавачки фактор за многу мапи, духовно богатство и наследство, и тој, јазикот, е оној што нè памети, како што ние него го паметиме“, вели Марија Коробар Белчева.

Деновиве се одбележуваат два значајни датуми: 80 години од смртта на Мисирков и 85 години од раѓањето на Конески. Двајца корифеи на нашата култура, двајца стожерници на нашето постоење. Обајцата му припаѓаат на 20 век, бурен век исполнет со многу надежи, со многу успеси, но и со многу страдања. Првиот, Мисирков, дејствуваше во почетокот на векот (до средината на 20-тите години), а вториот, Конески, од средината на векот, па речиси до неговиот крај. Обајцата напаѓани и воздигнувани. Притоа, славата на Мисирков е посмртна, а на Конески е за времето на неговиот живот, но таа слава многу често има горчлив вкус. Слично како неговиот претходник, но сепак различно, тој страда од некои надворешни фактори, но најтешко му паѓаат нападите од внатре.

Животот на Мисирков е постојано страдање, обвинување, прогонства. Напаѓан од надворешните непријатели на македонскиот народ, неразбран од своите, далеку од родната грутка, Мисирковиот живот е жесток и трагичен. Неговата полемичка книга „За македонцките работи“ е филозофска расправа во која се третира нашето јазично, историско и етнографско прашање. Нејзиното излегување ќе му го направи животот трагичен, со многу несполуки (неологизам на Тодоровски). Со неа ќе дојде во судир со раководството на ВМРО и со тогашните пропаганди што беснееја во Македонија (турска, грчка, српска, бугарска). Судирот на Мисирков со ВМРО, од денешен аспект може да се дефинира како цивилизациски, но има и кристално јасна морална димензија. Тоа се ставови на вистински визионер што не можеле да бидат разбрани во времето кога тој живеел и работел. Како да му припаѓаше на едно друго, идно време, како да беше претходник на некои процеси и настани што денес се пропагираат во нивниот најчист облик. Отворено и бестрашно се залагаше за национално ослободување без крвопролевање, жестоко спротивставувајќи им се на револуционерните идеи. За него тие идеи беа насилни средства со разрушувачка моќ и, по природата на нештата, не му се својствени на културниот човек (тој треба да гради, а не да урива), „работењето наше ќе требит да бидит на почва на народното просветеиње: мирно, легално, еволуционо“. На таков развој има право секој народ и во политичка и во духовна смисла. Зарем тоа беше можно? Па тоа беше време на револуции, особено на Балканот. Веруваше во постепени промени однатре, поставувајќи ја како најважна потребата од национална програма. И она што треба да се истакне е дека овие размисли не се само ставени на хартија, туку смело, пред да ги отпечати во својата знаменита книга, Мисирков и ќе ги изговори во Петроград, во септември и октомври 1903, веднаш по илинденската катастрофа. Подоцнежните негови ставови, во кои се насетува извесно ретерирање треба да се разберат во поширок контекст и да се имаат предвид историските околности.

Централно и можеби најзначајно место во книгата заземаат неговите ставови за македонскиот јазик. Тој знаеше дека јазикот е вруток на македонска самосвест, столб на националното чувство, на самодовербата, дека е највозвишениот наш белег, решавачки фактор за многу мапи, дека е духовно богатство и наследство и дека тој, јазикот, е оној што нè памети, како што ние него го паметиме. Мисирков исто така знаеше дека процесот на формирање на модерните нации секогаш е проследен со проблемот на стандардните јазици, без оглед на фактот дали процесот на формирање на јазичниот стандард му претходи на процесот на националното формирање, или обата се формираат паралелно. Во секој случај, за секоја нација стандардниот јазик е влезница во модерната цивилизација. Тој беше образован лингвист, а својот македонски јазик со долга говорна практика се обиде да го нормира поставувајќи го како фундамент прашањето на народните говори. Го направи тоа маестрално, потпирајќи се на централните говори (Велес, Прилеп, Битола, Охрид) и применувајќи го фонетскиот принцип. На тој начин предложи општ литературен јазик за Македонците, на кој може да се создаде богата училишна, научна и уметничка литература. Притоа ги изделува елементите што го карактеризираат македонскиот јазик како посебен, т.е. различен од другите словенски јазици. Конески ќе напише: ...„со смела синтеза го изведе македонскиот литературен јазик на патот на модернизацијата“, и понатаму, со посебен пиетет кон претходниците, продолжува дека „книгата се придружува кон борбените статии и памфлетите на Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров и Димо Хаџи Димов“, а ние би додале дека од аспект на јазикот Мисирков е следбеник на Зографски, Константин Миладинов, учебникарите, лозарите.

Всушност, според Ристовски... „првата јасна декларација на Македонците за одделен литературен јазик со фонетски правопис била направена од Македонскиот клуб во Белград, преку неговиот орган „Балкански гласник“ во јули 1902 година, во рамките на предложената македонска национална програма. Но подеталната разработка на оваа концепција била веднаш по основањето на Македонското-научно литературно другарство во С. Петербург, во Меморандумот до руската Влада и до Советот на Петербуршкото словенско благотворно друштво од 12 ноември 1902 година. Таа идеологија, продолжува Ристовски, доби практична реализација преку книгата на Мисирков, кога и со членот 12 од Уставот на Другарството првпат официјално беше воведен во службена употреба во оваа институција современиот македонски јазик и правопис. По две години, на страниците во првото македонско научно списание „Вардар“ на Мисирков, само беше дозаокружена конечната кодификација на македонскиот јазик и правопис, што речиси воопшто не се разликува од нормите што беа озаконети во првата современа македонска држава во 1945 година“. Централна личност при таа конечна кодификација беше Конески, негов верен следбеник што не создаваше ништо ново, туку надградуваше норма врз веќе научно сериозно поставена основа. База на литературниот јазик пак беа „централните“ или „западномакедонските“ говори, збогатени со лексиката од целата македонска јазична територија, а правописот беше фонетски (малите измени се состојат во отфрлањето на нефункционалните рускословенски зборови и додавањето на ѕ и џ - букви што веќе беа употребени од Цепенков, но и во ракописите од Мисирков; потоа замената на краткото и со ј; меките ќ и ѓ се зедоа од Мисирков, а се воведоа и меките сонанти љ и њ). Со тие поставки на Комисијата се оствари сонот на Мисирков. За успешната стандардизација најдобра потврда се големата литература напишана на македонски јазик и развојот на различните типови на дискурсот. Кажано со јазикот на Прашката школа, повеќе од 6 децении македонскиот стандарден јазик ја афирмира во практиката својата функционална поливалентност. Тука ќе ги споменеме и искажувањата на американскиот лингвист Виктор Фридман дека „литературната норма на македонскиот јазик не само што е солидно поставена, туку таа, од научна и од практична гледна точка, по многу особености ги надминува нормите на соседните словенски јазици“ и на познатиот академик Франтишелк Мареш дека „македонската кирилица претставува еден фонолошки најсовршен систем...“ Токму затоа одредени центри стрелаат точно во јазикот, поточно во неговата норма. Тие многу добро знаат дека тој е моторната сила на македонскиот народ. Знаат дека со откривањето на генезата и на корените на македонскиот јазик, всушност се откриваат генезата и корените на македонскиот народ. Знаат дека создавањето на секој јазик не е волунтаристички чин, туку претставува долг историски процес, кој јасно сведочи за создавањето на народите, и обратно, начинот на создавањето на нациите бил начин на создавањето на јазиците. Хумболт ќе напише дека јазикот е најдинамичниот духовен етнитет или вечно повторувана дејност на духот, сведоштво на етничкиот, естетскиот, религиозниот, етичкиот хабитус на еден народ, односно на неговиот национален идентитет. А нашиот Петре Андреевски ќе рече дека „целата наша историска судбина е запаметена во јазикот и тој е единствената наша неокупирана татковина низ вековите”.

Конески, природно, отиде подалеку од Мисирков. Тој дејствуваше во слободна земја, со повеќе можности. Сепак, треба да се истакне дека неговата своевидна појава е културен настан од големо значење. Веќе е кажано дека е чин и вид на гордост на македонскиот јазик и на македонската литература. Тој е интергенерациски автор, ги поврзува вековите - минати и идни, ги раскрилува потенцијалите на македонскиот јазик и на најубав начин, како автентичен и сестран уметник на зборот, ја докажува успешноста на нормата. Конески е наша историска неминовност, јазичен гениј со кого се раѓа новата поетска космогонија втемелена на неговите, т.е. наши претходници со призвук на нашите легенди (Старделов). Самиот ќе рече: „во освојувањето на просторите на една уметност најсигурен патеводител е чувството за континуитет”. Автор е на Граматиката на македонскиот јазик, на Историската фонологија, на Историјата на македонскиот јазик, на Правописот на македонскиот јазик (заедно со Крум Тошев), под негова редакција излезе Речникот на македонскиот јазик. Биографијата му се состои од 500 единици, 27 книги од областа на јазикот и 22 збирки поезија. Самиот велеше дека е во интимна врска со традицијата, со колективната свест. Но во неговиот богат опус, како историски подвиг, истовремено се огледуваат и иновацијата, актуализацијата, освежувањето на зборот како влог во творечкиот процес.

Нему му должи македонската литература, како што му должи македонската наука за јазикот. Раздвижувачки и насочувачки потенцијал со ренесансна профилација, со јасно културно извишување на целиот македонски народ, Конески го дешифрира тајнописот на македонското истрајување низ вековите. Гане Тодоровски ќе напише дека „со својата висока квалификација и компетенција и со страст на фанатичен истражувач... ги фиксира и ги образложи системно пред јавноста клучните проблеми на македонската литературна историја и на историјата на македонскиот јазик, извишувајќи ги на степен на модерна наука. Тој е врвен зналец на духовната историја на народот на кој му припаѓа“.

И тука се поставува прашањето како ние се однесуваме кон македонскиот јазик, кон залогот што ни го оставија Мисирков и Конески? Каква е нашата свест за неговото значење? Знаеме ли дека одамна е кажано дека народите што ќе дозволат да го изгубат својот јазик, како основна клетка на нивната култура, ќе се изгубат и себеси. Каква е општествената поддршка толку неопходна за засилување на активноста околу неговата правилна примена во практиката? Се почитува ли Законот за примена на македонскиот јазик? Како функционираат институциите што го проучуваат македонскиот јазик? Дали заложбите на поединци и на некои здруженија ги даваат саканите резултати? Не водат ли странските зборови често кон банални импровизации и кон евтини ефекти? Што правиме со образованието како најзначаен фактор во совладувањето на македонскиот литературен јазик? А медиумите, особено оние приватните, можат ли малку повеќе да се потрудат? Што правиме со јазикот во администрацијата? Итн. итн.

Одамна е кажано дека каков му е јазикот на народот, таков живот живее. Проблеми има многу. Прошетајте по скопските улици и ќе ви се наметне дилемата во која земја живеете. Статистиката покажува дека речиси 70% од фирмите, паноата, рекламите и натписите се на туѓ јазик, најмногу на англиски, а нешто помалку на француски, на германски, италијански. Една наша позната колумнистка напиша дека има атмосфера како да навалиле Американците да купуваат кај нас како нездрави. Ретко има македонско име на македонски јазик и со македонско писмо. Дури и новоизградените станбени блокови имаат странски имиња: Тифани, Антигона и сл. Има предлог главната улица да се вика Булевар на заслужните, по примерот на Сансет Булевард, сега разговорно ја нарекуваат Аларова стрит. Србизмите доминираат во жаргонот на младите, а англицизмите нè бомбардираат секојдневно. Се даваат дури имиња на италијански мафии Коза ностра (ресторан), веројатно за да се покаже некоја оригиналност, а всушност на виделина излегува големиот примитивизам. Не водат сметка приватниците за уставната обврска за службената употреба на македонскиот јазик и писмо. Не се свесни дека со тие постапки се покажуваат како луѓе на кои им е туѓ патриотизмот, како луѓе без морални вредности. Насилството врз јазикот е насилство врз човекот. Дозволивме да ни се преведуваат топонимите, иако се тие многу значајни јазични споменици. Во нив се крие јазично богатство од искона за материјалниот и духовниот живот на македонскиот народ.

Да не зборувам за тоа дека интонацијата речиси сме ја изгубиле, самогласките спикерките ги изговараат со стиснати усти како да се редуцирани (веројатно за да изгледаат поубаво), синтаксата ни е искривоколчена, лексиката осиромашена. Навлегуваат странски зборови без усул при имање на наши прекрасни македонски лексеми (импичмент, бренд, бенд и сл.). Разбирливо е дека секое време носи нови специфични и дотогаш непознати поими и мисловни категории за кои се потребни нови лексеми. Но, сведоци сме дека многу често се нудат несоодветни решенија, или без размислување се преземаат од други јазици, не водејќи сметка за правилата и за духот на македонскиот јазик. Или ќе се освестиме, или еден ден ќе се разбудиме дома - во туѓина.

Јазикот постојано се развива, се збогатува и во таа насока природни се неговите промени. Многупати е кажувано дека нашата лексика треба да се збогатува со зборови , пред сè, од народниот јазик, да ги оживотворува убавите зборови од нашите дијалекти, да се богати со неологизми, но секогаш водејќи сметка за системот на јазикот, за неговите правила. Тие што професионално се задолжени да ја пропишуваат нормата треба да ја следат внимателно практиката и не смеат да бидат само пасивни набљудувачи и регистратори, туку секогаш соодветно да реагираат со цел новата лексика да биде според граматичките одлики на јазикот и секој збор да се вклучи во јазичната низа. Понекогаш може да дојде до судир на двата фактора што го претставуваат, од една страна, спонтаниот развој на јазикот (динамиката, т.е. практиката), а од друга свесниот, статичниот фактор (т.е. нормата). Практиката може да се наметне и да влијае врз нормата. Промените се секогаш присутни. Нив ги носи животот и од нив не треба да се бега. Меѓутоа, не смее стихијата да надвладее и да доведе до суштински промени што штетно ќе дејствуваат во понатамошниот развој на јазикот.

Субјективниот фактор е исто така извонредно важен во подигањето на културата на речта кај нас. Евидентна е потребата од негово дејствување врз свеста на најшироките слоеви за неопходноста од користењето на јазичниот стандард. Впрочем, нивото на употреба на литературнојазичниот израз ја отсликува културата на речта и на поединецот и на општеството во целина и треба да се сфати како културна потреба со задолжителен карактер. Тоа е наш долг пред генерациите што доаѓаат. Однесувањето со должна грижа, внимание и одговорност кон јазикот е најдобар влог за нашата иднина. Затоа може да се каже дека не е во прашање нужноста од правилна употреба на нашиот стандарден јазик, таа е неоспорна, туку нашата свест за неговото значење.

А Мисирков пред точно 103 год. напишал дека „Милоста кон народниот јазик јет наш долг и наше право. Ние сме должни да милујеме нашиот јазик, зашчо тој је наш, исто така како шчо ни јет нашата татковина“. Зар не е ова мисла актуелна и денеска? За жал.

Марија Коробар-Белчева

(Текстот е од 2015 година)

Објавено

Петок, Јуни 5, 2015 - 12:55

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе