Колумна

Како Македонија може двојно да го зголеми извозот до 2030 година

 Во 2018 година, словенечкиот извоз надмина 39 милијарди евра споредено со македонскиот извоз од 5,9 милијарди евра.

Македонската влада, како и другите влади на Балканот, имаат значителен интерес за зголемувањето на извозот на државата. Еден од главните проблеми што го попречува сериозното зголемување на извозот е недостатокот на капацитет и национална стратегија за извоз. Потребно е да се преземат мерки за зголемување на извозот и отворање нови пазари за македонските производители. За да се постигнат овие цели, македонската влада може да го следи примерот на Словенија која има седум пати поголема сума на извоз од Македонија, но е слична во големина и население.

Во 2018 година, словенечкиот извоз надмина 39 милијарди евра споредено со македонскиот извоз од 5,9 милијарди евра. Од континентална перспектива, 89,1% од словенечкиот извоз е доставен до европските земји. Најголеми увозници од Европа на словенечки производи се Германија, Италија и Австрија. Дополнителни 6,5% беа продадени на увозниците во Азија и 4,4% во другите континенти.

Слично на Словенија, главни трговски партнери на Македонија се земјите членки на ЕУ. Во 2019 година, 81% од македонската стока беше извезена во земјите на ЕУ. 11,4% од македонскиот извоз беше присутен на регионалниот пазар додека 2,3% во Азија и 5,3% во други региони ширум светот. Главните трговски партнери на Македонија се Германија, Бугарија, Косово, Србија, Белгија, Италија и Грција. Од азиските пазари, Македонија имаше значајно зголемување на извозот од 168,7% во Кина, со вкупна вредност од 128 милиони евра почнувајќи од јануари до крајот на ноември 2019 година каде што има најголем потенцијал за пласман на македонските производи покрај Индија, САД и Индонезија.

Тековниот трговски дефицит од 1,75 милијарди евра почнувајќи од јануари до ноември 2019 година го опишува поголемиот проблем што мора да се реши за да се намали вкупниот трговски дефицит од 7,67 милијарди евра. Ова може да се постигне преку зголемена инвестиција во Македонската банка за поддршка на развојот. Во 2018 година, банката обезбеди само 163 милиони евра што претставува поддршка од 1% за македонските извозници. За споредба, словенечката СИД банка придонесе со 2,36 милијарди евра во истиот временски период, што претставува поддршка од 20% за словенечките извозници. Имајќи блиски врски со Словенија, македонската влада може да ги искористи словенечките искуства за зајакнување на капацитетот на банката за да може да понуди поддршка на македонските извозници преку поволно финансирање за малите и средни компании да можат да прераснат во големи компании. Банката исто така може да се фокусира на воспоставување кредитни линии за корпорациите за зголемување на развојот на регионални и инфраструктурни проекти што се од македонскиот економски интерес.

Меѓународните финансиски пазари би можеле да се икористат за да се зголеми износот на работни средства на банката. Строгите барања за заеми и транспарентна структура на банката ќе го намали степенот на корупција и ќе овозможат соодветна употреба на средства што ќе доведат до поддршка и развој на компании за навлегување во странските пазари.

Со оглед на тоа што топ три извозници од Македонија се Џонсон Мети, Кромберт и Шуберт и ВанХол, можеме да заклучиме дека стратегијата за странски директни инвестиции функционира. Промотивните активности треба да продолжат со цел да се зголеме капацитетот на технолошките развојни зони што ќе помогнат во целокупниот трговски биланс на земјата. Продолжението на тековната деловна клима со ниски даноци, заедно со дополнителни субвенции за поголемите претпријатија, не само што ќе го зголеми извозот, туку ќе продолжи да ја намалува и стапката на невработеност.

За да стане Македонија атрактивна дестинација, Владата треба сериозно и значително да инвестира во образовниот систем и да изгради средина со цел учениците да имаат можност да учат технички вештини кои ќе ги пополнат работните позиции во домашните и странските претпријатија во земјата. Покрај тоа, поддршката треба да се зголеми за македонските подизведувачи и фирми кооперанти на странските компании за истите да можат да го зголемат капацитетот на своите производи и услуги. Поддршката може да се обезбеди финансиски и технички преку експертиза од определена владина агенција за да имаат подобра застапеност на саеми, рекламирање, брендирање, дизајн, адаптација на нови технологии, е-трговија и механизми за заштеда на трошоците за магацини и изложбени салони.

За да бидат конкурентни компаниите на глобалниот пазар, потребно е да се спроведиe соодветно истражување на пазарот за да се одреди видот на производи што можат да ги достават македонските бизниси како и државите со најголем потенцијал за истите. Главните видови на македонски извозни производи вклучуваат: машини и транспортни возила, хемиски производи, челик, облека, храна, скапоцени метали и тутун. Постои сериозен потенцијал за зајакнување на тековниот извоз во различните поткатегории на секторите. Еден од главните сектори со најголем потенцијал е индустријата за храна со халал стандард чиј пазар достигнува до 2,5 трилиони евра.

Покрај тоа, на светскиот пазар може да се пласираат фармацевтски производи, автомобили и автобуси, добра за домаќинства, авто делови, земјоделски производи и вина. Соединетите Американски Држави и Кина ќе се рангираат на прво и второ место во однос на потрошувачката на вино до 2022 година, отворајќи ја вратата за пласман на македонските вина на двата пазара. Се очекува кинескиот пазар да се прошири на 19,5 милијарди долари, додека најголем пазар за вино во светот е САД со вредност од 38,4 милијарди долари. Како што расте потенцијалот, македонските компании можат да ги искористат предностите на глобалните платформи за електронска трговија како што е Алибаба за да ги презентираат своите производи на веб страницата побрзо и поорганизирано преку единствена македонска извозна платформа со сите македонски производи.

За да се постигне значителен раст во економскиот просперитет, треба да се зголеми количината на извозот и со тоа бруто домашниот производ да расте повеќе од проектираните 5% на годишно ниво. Создавање на извозни шеми, воспоставување поволни трговски договори и зајакнување на Македонската банка за поддршка на развојот ќе помогне да се воспостави одржлив раст на извозот. Исто така, продолжувањето на промотивната стратегија за странски директни инвестиции ќе го забрза процесот да се поттикнат и големите корпорации да инвестираат во Македонија. Технологијата и е-трговијата се сегашноста и иднината, што значи дека е потребно да се премине во оваа сфера што побрзо за да може да се пласираат македонските производи поефективно на меѓународните пазари и со тоа двојно да се зголеми македонскиот извоз до 2030 година.

Стефан Вељановски

(Авторот е доктор по економски науки)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе