Како Македонија може да ги зголеми платите на работниците?

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

Македонија и нејзините соседи имаат слични економски бариери и проблеми. Еден од главните економски проблеми е бавниот раст на платите во однос на другите регионални земји-членки на ЕУ. Постои голема поделба помеѓу земјите членки на ЕУ, како Словенија и Хрватска со земјите што не се членки на ЕУ, како Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. И покрај тоа што сите земји се дел од Балканот, постои голема разлика помеѓу две општества предизвиканa од правниот систем и деловната култура.

Неодамна објавената статија заснована на информации од сите канцеларии за статистика покажа дека Словенија, со просечна нето плата од 1.108 евра има двојно поголема просечна заработка во однос на скоро сите земји на Балканот, освен Хрватска, која има просек нето плата од 873,9 евра. Хрватска ја следи Црна Гора, со просечна нето плата од 511 евра, додека Босна и Херцеговина има просечна нето плата од 469 евра. Србија следи приближно со просечна нето плата од 454 евра. На дното се Албанија со просечна нето плата од 423 евра и Македонија со 409,8 евра.

Главната бариера за растот на платите во Македонија произлегува од продуктивноста на работната сила, што се намали за 2,01% од јуни 2018 до јуни 2019 година. За да се подобри продуктивноста, компаниите треба да се фокусираат на соодветна распределба на ресурсите, вклучувајќи инвестиции во физички и човечки капитал. Физичкиот капитал вклучува машини и опрема, згради и земјиште. Човечкиот капитал претставува знаење и вештини што поединците ги стекнуваат преку образование, искуство и обука. Во производните капацитети, усвојувањето на технологија често поттикнува поефикасно користење на трудот и води кон економии на обем, додавајќи и конкурентна предност. Компаниите кои усвојуваат нова технологија честопати добиваат натпросечен профит, додека компаниите кои не усвојуваат нова технологија стануваат сѐ повеќе неефикасни.

Во голем дел од македонското општество корпорациите честопати насочуваат поголем дел од своите финансиски средства кон менаџерскиот тим наместо кон зголемување на платите на секојдневните работници. Нерамноправната распределба на плати може да се надмине со политики што ги поттикнуваат корпорациите да ги зголемуваат платите на секојдневните работници. Една од овие политики вклучува зголемување на минималната плата. Исто така, плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно. Дополнителна мерка може да биде зголемување на данокот на имот на индивидуи кои поседуваат луксузен или дополнителен имот. Порастот на данокот на имот ќе помогне во зголемувањето на финансиски средства за локалниот развој, што им помага на семејствата од пониската и средната класа.

Македонија има стапка на невработеност од 17,5%. И покрај тоа што стапката на невработеност опаѓа во изминатите 10 години, преголемото креирање на работни места со ниски плати дополнително придонесува во стагнирање на просечната плата. Создавање построг пазар на труд ќе биде единствената опција да се зголемат платите. Ова може да се направи преку високо технолошки странски директни инвестиции. На пример, привлекување 50 работодавачи со просек од 1.000 вработени значително ќе го подобри пазарот на труд и ќе го стимулира растот на платите. Како резултат на сето тоа, би се отвориле голем број на работни места и би се спречило наглото иселување на граѓани од државата.

Правниот систем што остави голем број вработени незаштитени за време на транзицискиот период во 90-те години од минатиот век во Македонија, го прави истото и денес. Многу вработени сè уште работат во лоши услови и имаат лош третман од страна на нивните работодавци. Создавањето силни синдикати и влада што стои зад работничките права и се залага за зголемен раст на платите, ќе го засили моралот и моќта на работниците. Создавање построг пазар на труд и силни синдикати ќе поттикне одржлив долгорочен раст на платите. Исто така, членството во ЕУ придонесува во креирање на соодветно законодавство и силен правен систем преку реформите кои ќе бидат корисни во процесот за зголемување на платите.

Стефан Вељановски

(Авторот е доктор по економски науки)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Сѐ додека Македонија ја претставуваат „политички најподобните" ќе тонеме длабоко и уште повеќе ќе се раслојуваме.

повеќе

По определувањето на мерката ефективен притвор, притворениот раководен функционер не може да издава полноважни правни акти, меѓу другото, и поради фактот што го нема службениот печат.

повеќе

Вината за недобивањето на датум за преговори треба да ја барате во вас и вашите соработници и коалициски партнери.

повеќе