Како Македонија може да ги подобри и зацврсти врските со својата дијаспора?

Формирањето на врски меѓу дијаспората и локалните власти може да даде значајни резултати.

Mакедонија и нејзината дијаспора уживаат неспоредлива посебна врска заснована на заеднички човечки вредности, посветеност кон семејството и поддршка за Македонија како татковина и земја на потекло. И додека врската останува отпорна, сепак постои силна поделеност меѓу двете општества причинета од политички и демографски разлики.

Неодамна формираната Агенција за иселеништво треба да се фокусира на клучните прашања кои се однесуваат на врските меѓу Македонија и дијаспората. Помеѓу прашањата кои Агенцијата треба да ги адресира се: економскиот развој, културната соработка, внатремакедонските и политичките ставови во дијаспората и потребата да се осигура и одржи односот меѓу матицата и иселениците. Владата потоа може да ги определи сопствените капацитети да се постигнат конструктивните цели на дијаспората. Дополнителни капацитети исто така можат да се создадат од самата дијаспора или да се побара помош од независни субјекти.

На пример: целта на Владата е да се намали сиромаштијата, невработеноста и земјата конечно да стане членка на ЕУ. Политиките на дијаспората во смисла на содржина и инструменти, треба да се фокусираат на дознаки, деловни инвестиции и финансиски пазари. Македонија може да ги ангажира личните напори на членови од дијаспората за пренесување на знаење и вештини во татковината или да работи на поврзување на македонските институции за учење од и приближување кон институциите на државите во кои живеат членови на нашата македонска заедница.

Македонските власти може да воведат посебен Ден на дијаспората, ден кој би бил во чест на сите Македонци и граѓани по потекло од Македонија кои живеат надвор од нашата земја. Денот би бил пополнет со активности за дијаспората и за сите македонски иселеници во странство. Истовремено, во еден од македонските национални музеи може да има посебна поставка која ќе се однесува на македонската емиграција. МРТ како национален сервис може да има специјална програма во која ќе се чествуваат успесите на македонската дијаспора ширум светот.

Македонската влада може да успее во зацврстување на врските со иселениците ако постави реални, но амбициозни цели за ангажман на дијаспората преку консултирање на нејзините членови кога се артикулираат овие цели. Формирање на Совет за Македонците во странство, составен од лидери избрани од заедниците во дијаспората ќе ѝ даде моќ на самата дијаспора да биде повеќе вклучена во домашните работи. Советот би можел да ѝ дава препораки на Владата за нејзините политики кон дијаспората, можни програми, но и да учествува во сеопфатни дискусии за Македонците во странство. Земјите со висока концетранција на Македонци како САД и Австралија може да ги искористат нивните заедници во овие држави за да создадат центри за дијалог, кои може да произведат идеи за темите од најширок интерес за дијаспората, а истовремено се релевантни за развој на македонската држава.

За Владата, градењето доверба со населението во дијаспората треба да донесе и една гостопримлива клима, со цел поактивно вклучување на дијаспората во активностите за развој. Ова би значело чекори за подобрување на домашната бизнис атмосфера, поголема транспарентност во регулативите и барањата за лиценцирања, како и доследна примена на законот за сопственост. Може да се воведат и посебни привилегии за инвестирање. Други елементи како добро владеење и владеење на правото се исклучително важни за привлекување на дијаспората и нејзина поголема вклученост. ЕУ и останатите релевантни институции може да финансираат проекти со кои ќе се помогне на владата да развие сеопфатна легална, регулаторна и институционална рамка, со цел поттикнување на инвестициите од дијаспората.

Формирањето на врски меѓу дијаспората и локалните власти може да даде значајни резултати. Општините може да воспостават партнерство со македонските заедници за да се помогне во развојот на татковината. Одредени локални власти може да изразат интерес во збратимување со странски општини кои имаат голем број на доселеници во нивните заедници. Меѓуградските партнерски проекти може да се насочат кон зајакнување на локалната власт. На пример, градовите во Австралија може да пружат помош за македонските градови за тоа како да се подобри квалитетот на воздухот.

Се разбира, за погоре наведените програми е полесно да се кажи отколку  истите да се остварат. Недостатокот на институционален капацитет за манифестирање на проектите во реалност создава една силна бариера. Но тоа треба да нѐ охрабри сите нас, како Македонци, да инвестираме во клима која ќе го осигура развојот и напредокот на нашата татковина. Бидејќи на крајот, таа е единствената која што ја имаме!

Стефан Вељановски

(Авторот е доктор по економски науки)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе