Кaко ќе си ја вратиме украдената држава

Mакедонската економско-политичка елита ја украде државата од граѓаните и воспостави целосна контрола врз неа, безмалку си формира сопствен феуд.

Државата според  Уставот  им припаѓа на граѓаните. Граѓаните се тие кои одлучуваат за сите прашања сврзани со функционирањето на државата. Граѓаните одлучуваат директно, преку РЕФЕРЕНДУМ или индиректно преку свои избрани претставници како што се: претседател, пратеници, градоначалник и советници во локалната самоуправа.

Македонија, повеќе од 30 години е држава, која е украдена од граѓаните. Украдена е од економско-политичката елита (читај: комунистички транзициски тајкуни и деца на екс комунистичките политичари и безбедњаци).

Украдена е со огромна законска измама, со која граѓанинот е ставен на маргините на функционирањето и одлучувањето во државата.

Многу малку луѓе знаат дека со Законот за референдум, на граѓаните им е забрането да организираат референдум за прашања поврзани со изборите и буџетот на државата и општината и уште 45 други закони за кои се гласа со т.н. бадентерово мнозинство. Замислете за каква кражба станува збор. Кражба на, со Устав загарантираното право, граѓаните да одлучуваат за сите прашања преку директна форма на изјаснување – РЕФЕРЕНДУМ.

Втората кражба е извршена преку Законот за избори. Според одредбите на овој   закон,  функционерите кои ги избираат граѓаните не можат да бидат отповикани, освен ако не направат некое тешко кривично дело. Со други зборови, кога ќе изберете претседател, пратеник, градоначалник и советник, тој станува недопирлив и незаменлив за тие кои го избрале. Најсликовито тоа го кажа еден пратеник избран во четвртата изборна единица. На прославата која ја организирал во една кавадаречка кафеана, после поголема количина на ж’та или нешто слично, на присутните им се заблагодарил со:  „...ви благодарам што гласавте за мене, а во наредните четири години кој ве е.е“.

Преку овие два закона, македонската економско-политичка елита ја украде државата од граѓаните и воспостави целосна контрола врз неа, безмалку си формира сопствен феуд. Таквата украдена држава служеше и сѐ уште служи исклучиво за исполнување и задоволување на материјалните интереси на економско-политичката елита, преку  криминално осиромашување на граѓаните на секое ниво. Како и во секој феуд, економско-политичката елита има свои извршители кои за мизерни привилегии и сигурна плата на први, го одработуваат собирањето на арачот од граѓаните на секое ниво, секој ден и сите други неопходни валкани работи.

На прашањето, како Македонија успеа од една добро организирана држава во почетокот на деведесеттите години, која беше „Америка“ за една Албанија, Бугарија, па дури и Грција, да стане држава од светското дно?  Одговорот е едноставен и единствен. Украдена држава и претворена во приватен феуд на економско-политичката елита.

Како граѓаните ќе си ја вратат украдената држава?

Со почитување на Уставот на државата. Граѓаните како единствени суверени, ќе организираат РЕФЕРЕНДУМ за промена на Законот за референдум и Законот за избори. Заедно со претстојните локални избори ќе се организира и РЕФЕРЕНДУМ НА ДРЖАВНО НИВО со неколку прашања. Прво,  граѓаните ќе го вратат правото да можат да одлучуваат за сите прашања преку референдум на  државно и локално ниво и второ ќе ја воведат можноста да ги отповикаат функционерите кои се избрани од нив, доколку не се задоволни од нивната работа.

Овој референдум всушност е граѓански суд кој треба да ја осуди економско-политичката елита за украдената држава во изминатите 30 години и државата да ја врати во сопственост и владеење на граѓаните. Тоа е првиот чекор што мора да се направи, за да може Македонија да се врати на патот на граѓанската еднаквост, правда, можности за економски развој, а со тоа и враќање на вистинските вредности во образованието, културата односно во општеството во целина.

За секоја промена потребна е критична маса. За промени во Македонија, има и повеќе од критична маса. Граѓаните ги препознаа сите финти и трикови на економско-политичката елита со кои го замајуваа народот. Голем број, неможејќи  да ја издржат таа тортура на здравиот разум, едноставно ја напуштија државата. Тие сега се многу важен фактор и заедно со граѓаните кои останаа, претставуваат апсолутно мнозинство, кои ќе ги направат потребните промени. Покрај гласањето на редерендумот на државно ниво, на следните локални избори најголем број од граѓаните ќе гласаат за кандидати со име и презиме. Кандидатите кои покрај име и презиме ќе имаат и средно име (име на партијата),  ќе имаат невозможна мисија уште еднаш да ги прелажат граѓаните.

Затоа на есен не очекува најважната задача во нашите животи. Да си ја вратиме украдената држава.

Ангел Наков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе