Како исхраната да ја вратиме на менито

Природната и суровата храна се заменува со фабрички подготвени оброци и со обработена храна.

Овој тренд со кој храната може лесно да се консумира, однапред спакувана во амбалажа што може директно да се згрее во микробранова печка, предизвика исчезнување на начините на исхрана што се вообичаени за некој регион и создавање на похомогено и нездраво глобализирано мени, што се поврзува со прекумерна тежина, дијабетес, висох притисок и скратен животен век.

Исхраната на луѓето станува сè поважна за науката. Секако, постои научно истражување спроведувано со векови, чијашто цел е да се обезбеди доволно храна за населението кое станува сè побројно. Но со почестата појава на прекумерна тежина и болести поврзани со исхраната, додека гладот и неухранетоста се присутни кај досега највисок број на луѓе, научниците веќе не се фокусираат само на тоа како да се прехрани планетата, туку и со што да се прехрани.

Како биолог, јас на храната и на начините на исхрана гледам од еволутивна гледна точка. Едноставно кажано, видовите храна еволуираат во согласност со организмите што ги консумираат. Земете го како пример скромното јаболко. Сама по себе, фруктозата на тоа овошје не е особено здрава, а кога ќе изедете големи количини од него ги зголемувате шансите за дијабетес, срцеви заболувања и други непреносливи болести. Но кога шеќерите од тоа овошје ќе ги внесете заедно со влакната од него, апсорпцијата на фруктозата во телото се забавува и овошјето станува метаболички поздраво. На овој начин, јаболкото – како и повеќето други овошја и зеленчуци – станува посовршена храна.

Истата логика важи и за нашата исхрана. Низ историјата, различни храни се создавале и менувале со комбинирање различни вкусови, бои и хранливи вредности, додека начините на исхрана различно се развивале кај различни семејства, култури и заедници. Сепак, во поголем дел, нашите предци одбирале храна затоа што таа била добра за нивното здравје. Нездравите начини на исхрана генерално не траеле долго поради лошите резултати од нив.

Денес, пак, лошата исхрана многу подолго останува актуелна. Природната и суровата храна се заменува со фабрички подготвени оброци и со обработена храна. Овој тренд со кој храната може лесно да се консумира, однапред спакувана во амбалажа што може директно да се згрее во микробранова печка, предизвика исчезнување на начините на исхрана што се вообичаени за дадениот регион и создавање на похомогено – и нездраво – глобализирано мени, што се поврзува со прекумерна тежина, дијабетес, висох притисок и скратен животен век.

Оваа промена делумно е неизбежна. Начинот на кој храната се произведува, купува и консумира во голема мера е поврзан со тоа како и каде живееме. Во многу земји, комбинацијата на поголеми и погусто населени градски подрачја и население кое забрзано старее наметна да се сменат системите за производство на храна и дистрибуција на истата. За жал, многу од овие промени имаа лоши последици врз квалитетот на храната.

Позитивно е тоа што веќе постојат глобални напори да им се помогне на луѓето подобро да се хранат. Обединетите Нации ја прогласија деценијата од 2016 до 2025 година за „Деценија на мерки за исхрана”, а Целите за одржлив развој на ОН поттикнуваат создавање на сеопфатни стратегии за подобрување на здравјето, елиминирање на гладот и унапредување на одржливо земјоделство. Овие меѓународни кампањи се појавија во период кога и приватниот сектор почна да сфаќа дека коригирањето на нутрициските недостатоци може да e добро за нивниот бизнис. На пример, преку локални земјоделски задруги и регионални мрежи на храна, иновативните фармери со мали фарми се обидуваат повторно да понудат разновидност во нашата исхрана.

За жал, глобалните самити и регионалните заложби се само дел од решението. За да се поправи де-еволуцијата на исхраната на луѓето, итно се потребни најмалку три дополнителни мерки.

Прво, луѓето и креаторите на јавни политики мора соодветно да дефинираат што значи „исхрана“. Често се случува луѓето да го помешаат проучувањето на „исхрана“ со истражување за „хранлива вредност“. Тоа недоразбирање пак ги наведува консументите да прифаќаат непожелни трендови во храната, како на пример диети во кои природната храна се заменува со суплементи, прашоци или други производи кои наликуваат на храна. Подобрувањето на исхраната, пак, значи нешто сосема различно: да се избалансира внесот на квалитетна храна со потребите на човечкото тело.

Второ, треба да се отстранат предрасудите во научните истражувања за храната. Економските интереси со кои предност се дава на масовно произведена храна, наместо храна која локално се произведува, го забавува остварувањето на целите на истражувањата. Потребно е да се врати независноста на науката за исхраната за да може да им се помогне на консументите и креаторите на јавни политики да донесат подобри избори кога станува збор за храната.

На крај, за да се подобри исхраната, потребно е да се смени начинот на однесување, да се сменат јавните политики и ставовите кон храната. Ова можеби звучи очигледно, но луѓето во голем процент заборавиле на врската помеѓу нивното здравје и тоа што го јадат. Во современиот свет, безбедноста на храната не е прашање на произведување храна во изобилие - светот веќе знае како да го постигне тоа. Наместо тоа, предизвикот денес е како да се избалансира здравата храна со храната што е во тренд. Начините на исхрана на иднината, како што впрочем и се јадело во минатото, мора повторно да се поврзат со природни извори. Тоа значи да се зајакнат, па дури и одново да се обмислат системите за дистрибуција на храна за производителите и добавувачите да можат да понудат поздрави производи.

Во оваа ера на индустријализирана исхрана, храната што ни е на маса денес многу се разликува од она што го јаделе нашите предци. Мојата визија за повкусен и поздрав свет значи храната повторно да стане она што ги спојува луѓето, да се посвети време на произведување поквалитетна храна, паметно да се избираат состојките за оброците што ги готвиме и да се ужива во храната во друштво на други луѓе. Најважно од сè, тоа значи постојано да се размислува за храна, дури и кога не сме гладни. Да се посветиме на подобра исхрана и да консумираме повеќе природна и минимално обработена храна. Нашите тела секако го заслужуваат тоа.

Едуардо Нилсон (Eduardo Nilson)


Едуардо Нилсон (Eduardo Nilson) е заменик координатор за храна и исхрана во Министерството за здравство на Бразил

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Ова повеќе не е „бегалска криза" ниту „криза за управување со бегалци". Сега веќе е хуманитарна криза по сите дефиниции.

повеќе

Али Ахмети на средбите со Тачи и Харадинај изразил уверување дека македонските Албанци се подготвени да имаат блиска соработка со Косово во насока на проширување на влијанието на албанскиот фактор.

повеќе

Сега треба лидерите во Скопје, Атина, Брисел, па дури и во Вашингтон да осигурат дека храброста што ја покажаа македонските граѓани нема да биде залудна.

повеќе