Како до уставното име во ОН?

Проблемот за воспоставување на уставното име на Македонија во ОН може да се бара не само во преговорите со Грција, туку и на релацијата на директните односи на Република Македонија со ОН. Така проблемот од политички може да се префрли на правен терен, а тука Македонија има значајно поширок регистар на правни и политички средства.

Регулирањето на прашањето на користење на уставното име на Република Македонија во Обединетите Нации (ОН) претставува еден од најзначајните приоритети на македонската надворешна политика. Значењето на ова прашање произлегува од  фактот дека уставното име на една држава е израз на нејзиниот правен идентитет во меѓународното правно општење, без кој нејзината правна личност, како меѓународен субјект, не е потполна. Корисрењето  „реферирање“ на неуставното име за Македонија во ОН (и системот на  организации сврзани со ОН) ја поставува Македонија во специфична, нерамноправна положба во споредба со другите држави - членки, генерира неретко тешкотии во нејзините билатерални и мултилатерални дипломатски односи и засега во нејзиниот државен дигнитет (чие почитување е кодифицирано во меѓународното право). Тесно сврзана со референтното име за РМ во рамките на ОН е и обврската на Македонија да преговара со Грција за своето име, наметната на РМ со Резолуцијата 817 (1993) на Советот за базбедност со која се препорачува прием на Македонија во ОН од страна на Генералното Собрание. Позитивното разрешување на прашањето за користење на уставното име на Македонија во ОН, автоматски ја укинува оваа обврска. Приодот кој Советот за безбедност го следи, односно наметнува во своите резолуции  817 (1993) и 845 (1993) за разрешување на прашањето на привременото име „реферирање”  на Македонија во ОН, се преговори меѓу Македонија и Грција за нивната „разлика“ околу името. Ваков приод за РМ е несоодветен бидејќи навлегува во областа на нејзините неотуѓиви права.

Неодамнешните истражувања на правната заснованост на Резолуцијата 817 на Советот за безбедност и Резолуцијата 47/225 (1993) на Генералното собрание на ОН, сврзани со приемот на Македонија во ОН со наметнување дополнителни услови кои кандидатот (име за реферирање во системот на ОН и преговори со Грција околу името), како и на грчките ставови и барања во врска со името на Македонија, покажуваат дека при донесување на резолуциите се прекршени  членот 4 став 1 (и членот 2, ставовите 1, 4 и 7) на Повелбата на ОН. Тоа покажува и дека грчките ставови и барања во врска со името на Македонија немаат основа во меѓународното право.

Овие сознанија даваат основа решението на проблемот за воспоставување на уставното име на Македонија во ОН да се бара не само во преговорите со Грција, туку и на релацијата на директните односи на РМ со ОН. Ваквиот приод го пренесува проблемот  од претежно политички, на претежно правен терен и овозможува при неговото решавање да се користи значајно поширок регистар на правни и политички средства.

Правен карактер на проблемот

Проблемот на користење на привремено име „реферирање“ (за Македонија во системот на ОН настанува со донесувањето на резолуцијата бр. 817 (1993) на Советот за базбедност со која на Генералното собрание на ОН му се препорачува  Македонија да ја прими во членство на ОН, но со деноминација „Поранешна југословенска република Македонија “ ФИРОМ) за употреба во системот на ОН, се додека „разликата“ околу името меѓу Македонија и Грција не се разреши, стана голема пречка.

Истовремено, во истата резолуција се бара од странките што побрзо да ја разрешат оваа „разлика“ во интерес на „одржување на мирољубиви и добрососедски односи во регионот“. Во однос на стандардната формулација на резолуциите со кои Советот за безбедност препорачува на Генералното собрание прием на некоја држава во членство на ОН (каде се констатира дека апликантот ги задоволува условите на став 1 од  член 4 на Повелбата пропишана за прием), Резолуцијата 817 на Советот содржи уште два услова за кандидатот (доколку не сака да ја повлече својата апликација): (1) да ја прифати привремената деноминација (референцата)  за употреба во рамките на ОН, и ( 2 ) да преговара со Грција за  своето име.

Ваквата формулација на Резолуцијата 817 очигледно претставува обид на политички „компромис“ во кој грчкото противење на користењето на името „Република Македонија“во ОН и воопшто, заради наводни „импликации на територијални претензии спрема Грција“ е земено предвид, додека протестот на македонската влада кон ваквата формулација на резолуцијата е практично игнориран.

Во врска со ваквата постапка и формулација на резолуциите 817 на Советот за безбедност и 47/225 на Генералното собрание се поставуваат следните правни прашања :

а) Дали Советот за безбедност, при својата проценка за исполнетоста на условите за прием во членство на ОН од страна на државата - апликант, е правно овластен да вклучува услови за прием надвор од оние пропишани во членот 4, став 1 од Повелбата  на ОН;

б) Дали постои правна врска меѓу името на една држава и територијалните права на таа или други држави, односно дали постои ексклузивно право на државно или локално - територијално име.

Иако овие прашања се меѓусебно поврзани, ќе ги анализираме одвоено за да ги истакнеме на јасен начин правните аргументи кои ги определуваат соодветните одговори.

Повреда на членот 4 од Повелбата во  постапката за прием на Македонија во членство на ОН

Постапката за прием на некоја држава во членство на ОН е регулирана со член 4 од Повелбата во кој се утврдува (параграф 1) дека членството во ОН е отворено за секоја држава (1) која е мирољубива (2), прифаќа да ги исполнува обврските содржани во Повелбата (3)и е способна (4) и има воља (5) да ги исполнува тие обврски, и дека (став 2) приемот во членство се врши преку одлука на Генералното собрание, а по препорака на Советот за безбедност. Во врска со разни условувања за прием на нови членки во ОН во текот на 1947 година Генералното Собрание се обраќа кон Меѓународниот суд на правдата (Резолуција 113/2) да даде советодавно мислење во врска со исцрпноста на условите наведени од (1) до (5) за прием во членство, односно дали држава - членка или орган на ОН, при своето гласање за прием на нова членка е „правно овластен” својот глас да го стави во зависност од услови кои не се изрично предвидени во параграфот 1 од член 4. Во своето советодавно мислење Судот дава негативен одговор на ова прашање. Генералното собрание, со својата резолуција 197/3 (1948) го прифаќа мислењето на судот и препорачува „на секој член на Генералното собрание и на Советот за безбедност, при своето гласање за прием на нови членки да се придржува кон мислењето на судот”. Спрема мислењето на Судот, условите од 1 до 5 во член 4 на Повелбата се:

1. Правни правила (бидејќи Повелбата е меѓународен  договор, а членот 4 е правна норма кон која треба да се придржуваат членките.

2. Исцрпни (т.е. тие се потребните и доволни услови за прием; во спротивното нивниот број би бил неограничен и членот 4 би престанал да биде правна норма. 3. Со свршен карактер (бидејќи врз основа на нивната исполнетост се оценува подобноста на државата за прием.

4. Со изричен карактер (а не описно).

Со признавањето од страна на Советот за безбедност дека државата - апликант ги исполнува условите од 1 до 5 од членот 4 на Повелбата, таа, заради универзалноста на организацијата, стекнува неотуѓиво и безусловно право  за прием во ОН.

Во случајот на приемот на Македонија во членство на ОН, и покрај изреченото признавање од страна на Советот за безбедност во резолуцијата 817 дека државата - апликант ги задоволува критериумите за прием од членот 4, врз основа на што приемот и се препорачува, во текстот на резолуцијата се вклучуваат и дополнителни одредби за употребата на привременото име (реферирање) за РМ  во ОН и преговори со Грција за државното име, без кои резолуцијата не можеше да се усвои.

Дека овие одредби претставуваат нови услови во однос на пропишаните  во член 4 за прием во ОН следи од следните факти:

1. тие и текстуално и содржински се наоѓаат надвор од групата услови од 1 до 5 содржани во членот 4 на Повелбата и потребни за прием.

2. тие се барања наметнати на апликантот без чие прифаќање, неговото право на прием стекнато со признаеното исполнување на условите од член 4, не може да се оствари.

3. тие се поставуваат со актот на приемот и траат после него, што укажува на  нивната неправна природа (бидејќи институцијата на условен прием во ОН не постои).

Бидејќи од гореспоменатото советодавно судско мислење и резолуцијата 197/3 од 1948 гпдина, Генералното собрание даваат интерпретација на членот 4 на Повелбата, према која условите за прием во членство содржани во  тој член се исцрпни, изречни и имаат свршен карактер, произлегува дека дополнителните услови поставени за приемот на Македонија во членство на ОН немаат правна основа. На тој начин, со поставувањето на дополнителните услови за приемот на Македонија во ОН е прекршен став 1 од член 4 на Повелбата.

Проф. Д-р Игор Јанев

(продолжува)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Планот за чист воздух од само 1,5 милиони евра издвоени од буџетот и за граѓаните и за еколошките активисти е несериозен.

повеќе

Во битката за фотелја во ФФМ секогаш решавачка била „техниката" на добивање гласови од делегатите со поткуп, ветувања, партиски и притисоци на локалните моќници... 

повеќе

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

повеќе