Како да се надмине аерозагадувањето во Македонија?

За да стане Македонија еколошки одржлива држава потребно е да се стекнат партнерства со релевантните институции и компании во јавниот и приватниот сектор.

Аерозагадувањето е проблем во голем број на градови низ Македонија. Тешката индустрија со железо, застарените транспортни средства и неефикасните методи за греење на домаќинствата се најчестите причини кои доведоа до сегашната состојба. Наведените неефикасности и аерозагадувањето предизвикано од нив имаат значителен негативен ефект врз македонската економија и здравство. Поттикнување на јавноста за причините и нивното влијание е повеќе од нужно за надминување на проблемот.

Според извештаите на Светска банка, честичките произведени од аерозагадувањето во Македонија имаат доведено до повеќе од 1.350 смртни случаи. РМ10 честичките можат лесно да навлезат во белите дробови и евентуално крвотокот, предизвикувајќи предвремена смрт кај лица со срцеви и белодробни заболувања. Тие исто така можат да доведат до срцеви удари, неправилно работење на срцето, влошена астма, намалена функција на белите дробови и зголемени респираторни симптоми како што се иритација на дишните патишта, кашлање и отежнато дишење. PM2.5 честичките создаваат намалена видливост и магла која може да ги направи езерата и потоците кисели, да го сменат хранливиот биланс на речните сливови, да ги осиромашат хранливите материи во почвата, да ги оштетат шумите и земјоделските култури, да влијаат на разновидноста на екосистемот и да предизвикаат кисели дождови во зависност од нивниот хемиски состав.  

Најголемите аерозагадувачи во Македонија според извештајот на Светска банка се:

• Фероалојс индустрија 44%

• Производство на електрична енергија и греење 17%

• Согорување во производство на обоени метали 14%

• Асфалтирање на патиштата и прашина од градежни активности 10%

• Домаќинства 8%

• Друго 7%

Неспорно е дека аерозагадувањето делува негативно на економијата. Негативните ефекти од аерозагадувањето придонесуваат илјадници работни дена да бидат изгубени на годишно ниво, а со тоа се губат и 253 милиони евра во продуктивност и бизнис можности. Оваа сума зафаќа 3,2% од БДП. Истовремено, од 2014 година, Скопје, Битола, и Тетово уриваат рекорди во загаденост и честопати се наоѓаат меѓу најзагадените градови во Европа и светот.

Година за година, истите загадувачи се појавуваат како причина за загадувањето во главниот град. Тоа се: затоплувањето на домаќинствата, собраќајот и индустријата. За надминување на загадувањето на воздухот во Скопје потребни се програми кои би го намалиле влијанието на домаќинствата. Субвенционирање на домаќинствата за набавка на нови грејни средства како што се инвертер клими и печки за пелети кои се енергетски поефикасни е добар чекор кон намалување на проблемот.

Дополнително, потребни се ефикасни филтри и прочистувачи на воздух во индустријата по примерот на земјите кои се наоѓаат во Европската Унија и специјална агенција која би ги казнила истите за загадувањето. Во однос на собраќајот, потребни се драстични мерки како што е забрана на движење на бензин и дизел автомобили во централното подрачје. Промоција на електрични возила и поттикнување на употреба на велосипеди со изградба на дополнителни велосипедски патеки нуди добра алтернатива за граѓаните.

Битола ги има речиси истите проблеми како и Скопје. Мерките кои би се примениле во Скопје може да се применат и во Битола, но Битола е поспецифична со тоа што треба да се соочи со намалувањето на негативните ефекти од РЕК Битола.

За тоа е потребна политичка волја и влада која би вложувала средства за претворање на РЕК во хибридна централа која ќе работи на природен гас и соларна енергија. Може да се напомене дека на Битола ѝ е потребен ефикасен јавен превоз понуден преку ниски тарифи кој ќе користи алтернативни горива.

Северозападниот дел од Македонија, како и другите делови од државата, се во потрага за решенија за аерозагадувањето. Градовите како Тетово и Гостивар се со иста потреба од програми и мерки кои би го свеле аерозагадувањето на минимум. За тоа да се случи, потребно е следење на примерите од САД и другите развиени држави кои имаат независни агенции за заштита на животната средина. Проблемот со дивите депонии во Тетово треба да се намали преку отварање на еколошки напредна депонија која би го горела сметот и претворала во електрична енергија, а пепелта во еколошки тули и блокови за градба по примерот на Етиопија.

За да стане Македонија еколошки одржлива држава потребно е да се стекнат партнерства со релевантните институции и компании во јавниот и приватниот сектор. Тоа може да се случи само доколку граѓаните се тие што ќе поттикнат иницијатива и постојано ќе бараат промена преку самоорганизирани настани. Јавните партнери вклучуваат владини институции: како што се Агенцијата за енергетика, Министерството за здравство и Министерството за животна средина и просторно планирање. Партнерите во приватниот сектор се движат од мали и средни претпријатија до големи компании како РЕК Битола, Југохром Фероалојс и РЕК Осломеј. Ние како граѓани мора да продолжиме да ја подигнуваме свеста за проблемот и да бараме промени. Сите ние заслужуваме држава и влада која ќе се фокусира на здравјето и економскиот просперитет на нејзините граѓани.

Стефан Вељановски,

авторот е доктор по економски науки

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Социјалниот маркетинг веднаш би можел ефективно да придонесе во напорите против нееколошкото однесување во нашата земја.

повеќе

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе