Каде исчезна воспитувањето од македонското образование?

Сѐ помалку успеваме да ги научиме нашите ученици. Сѐ помалку сме и во улога на воспитувачи.

Демотивирани сме, маргинализирани и како база, сѐ помалку етаблирани во она што се креира како воспитно-образовна стварност. Сепак, да не заборавиме на децата.

Воспитувањето се детектира како комплексен процес на градење и усовршување на интелектуалните, моралните, духовните и емоционалните способности и особини на детето. Како специфична форма на социјализација, подразбира втемелување на неговото однесување во насока која е социјално посакувана. Како примарно воспитување, се врзува за семејството како основна општествена клетка и се постига низ љубов и афективност, а како секундарно воспитување, се врзува за остварување на детето низ другите општествени групи - врсници, училиште. Се работи за исклучително сложен систем, составен од меѓусебно надоврзани карики кои формираат ланец од кој зависи однесувањето и начинот на манифестација на личноста на детето.

Училиштето како систем

Во училиштето, наставата е централен фокус на неговото делување. Во поширока, дидактичка смисла, се набљудува како заедница во која поврзано и насочено делуваат сите инволвирани субјекти - учениците, наставниците, родителите, стручните соработници и секако, пошироката заедница. Притоа, на учениците како централно позиционирани субјекти им обезбедува стекнување на знаењавештини, способности и навики и истовремено им го креира погледот на свет низ содржините кои ги усвојува, како и преку идентификација со моделите на однесување од она што го учи и од оние од кои учи.

Вака сеопфатен систем упатува на непобитниот факт дека субјектите кои се насочени кон децата се дел од него, во различно својство, но со идентична улога - да растат, созреваат, учат и да воспитуваат младост од која во иднина ќе произлезе самосвесен, чесен, морално прецизен, зрел и критички настроен човек, способен тоа што е тој самиот да го пренесе на оние кои доаѓаат после него.

Реалните состојби во македонскиот образовен систем

Искуствата од „терен“ како и малубројните анализи на педагошките аспекти значајни за остварување на воспитната функција на училиштата, низ призмата на научната литература, законските рамки, наставните и воннаставните активности, како и компетенциите на наставниците во сферата на воспитната работа, покажуваат дека денес, образовната функција на училиштето е многу понагласена од воспитната. Воспитните аспекти се запоставени и маргининализирани, од причини кои се бројни, разновидни и меѓусебно поврзани. Се кријат во сферата на брзите општествени промени, во општата ерозија на општествените и моралните вредности, во губењето на фундаменталните семејни вредности и улогата на родителите во етаблирањето на исривоколчените аспекти на живеење кои на детето не му нудат здрава перцепција на нештата, а особено во недоволната педагошка втемеленост на воспитнообразовните парадигми во самите училишта.

Анализа на хипотетички ситуации во функција на воспитувањето

Длабоко верувам дека најдобиот воспитен модел во училиштето е создавањето амбиент во кој ученикот ќе се чувствува корисен и ќе биде дел од решенијата, а не само дел од проблемите и единствениот виновник за ни. Во таа насока, резултатите од анкетата која ја направив со учениците на тема „Јас и моите сфаќања за она што е околу мене“ во рамките на која децата беа ставени во ситуација да ги објаснат своите сфаќања од позиција на носители на повеќе хипотетички улоги, се покажаа како добар основ за воочување на дефеките во воспитна смисла, кои младите ги гледаат, чувствуваат и ги живеат како последица, а ние ги запоставуваме и како родители и како наставници. Пред се, сосема реално се опишуваат себеси низ толкување на своите добри и лоши особини и знаат да ги раздвојат. Својот однос со родителите го толкуваат објективно, реално и во склад со наметнатите норми на општественото живеење, во кое се помалку има место за она што е дома, родител и спокој.

Во сферата на образованието, посочуваат на доминацијата на традиционалната настава, која не нуди поттик и интерес. Преовладуваат методи и форми на работа насочени кон усвојување на знаења на класичен и непредизвикувачки начин, за сметка на развојот на просоцијалните, моралните и хуманистичките вредности. Во хипотетичка улога на предметен наставник нудат модели на настава каква што посакуваат и која им недостасува, а она што е многу битно, речиси без исклучок посочуваат наставник кој го препознаваат каков таков и заради тоа го почитуваат. Во хипотетичка улога на класен раководител, нудат модели кои реално покажуваат што им недостасува - педагошката логика според која она што е родителот дома, тоа им е класниот раководител на училиште. Некогаш и многу повеќе - поттик, потпора и столб на нивното однесување. Во хипотетичка улога на директор на училиштето, имаат мошне конструктивни мислења околу тоа каков авторитет треба да поседува еден директор, што треба да направи за здрава образовно-воспитна атмосфера и каде ја гледаат релацијата меѓу него и нив. Како носители на улогата министер за образование, се издвојуваат ставови кои посочуваат потреба од имањето слух од страна на оваа највисока инстанца за нивните потреби, мислења и идеи, особено во сферата на подобрувањето на учебниците, намалувањето на оптовареноста со обемни програми и фонд на часови, како и согледувањето на потребата од водење сметка за квалитетен кадар во наставата, што лично го сметам за многу јасен сигнал кој би требало да не алармира пред се нас - наставниците.

Посебна сфера на интерес беа нивните мислења токму во поглед на воспитувањето, во контекст на училиштето и пошироката општествена заедница. Воспитувањето го доживуваат како сфера која според нив, иако е институционализирана во училиштето, длабоко е запоставена и се помалку пред себе имаат модели од кои можат да учат што е тоа. Посочуваат настани, ситуациони однесувања и реакции во нивните училници, од кои изнесуваат горчлив вкус на разочарување. Голем број од нив издвојуваат незабележување на постоечките проблеми во комуникацијата меѓу учениците, се` почестиот булинг, губењето на емпатијата и меѓусебното омаловажување како современи модели на алиенација на младите. Немањето интерес на наставниците да ги сослушаат пред да ги осудат, го дефинираат како еклатантен показател за тоа колку училницата веќе не им е предизвик на оние од кои треба да научат колку таа всушност е убав простор за ментално и емотивно созревање. Посочуваат сосема искрено како еден наставник треба да изгледа во секој поглед, кој образовен наратив им недостасува и особено, која референца треба да има еден наставник за да може да се нарече воспитувач. Неисполнетиот со содржини младешки живот, пак, им е прецизно детектиран и упатува на потребата од интервенции во пошироката сфера на општественото живеење, вредности и аспекти.

Воспитувањето како императив

Се` помалку успеваме да ги научиме нашите ученици. Се` помалку сме и во улога на воспитувачи. Демотивирани сме, маргинализирани и како база, се помалку етаблирани во она што се креира како воспитно-образовна стварност. Сепак, да не заборавиме на децата. Впрочем, дидактичарот Џером Брунер посочува дека обемот на знаењето е помалку важен од свесната способност за однесување.

Во овој контекст, мораме како наставници да признаеме дека слабостите на нашата воспитна работа се многу присутни, и покрај обидите да се најдат педагошки решенија за поефикасно воспитување. Слабостите треба да ги бараме во теоретската основа на која воспитната работа ни се потпира, односно во самата формулација на целите, задачите и очекуваните исходи од наставата. Останува фактот дека сепак, воспитната функција на наставниот час останува недоречена и неостварена, пред се`, заради расчекорот помеѓу традиционално вкоренетите сфаќања и современите потреби на училиштето.

Впрочем, Поткоњак го посочува императивот на воспитувањето: „Колку и да е важно за секоја современа заедница сите нејзини членови да се квалитетно образовани, да се способни за самостојно (доживотно) учење, следење и усовршување, толку е еднакво важно тие да имаат и човечки лик, да знаат кои се и кому припаѓаат, кои се тие човечки вредности кои треба да ги запознаат, прифатат и да ги вградат во своите лични системи на вредности."

Елизабета Секирарска

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во услови на партиска деполаризација на граѓаните, политичките елити во Македонија треба да пристапат кон помирување и ненасилно решавање на сите меѓусебни конфликти, за земјата да не се врати на патот на поделба.

повеќе

Помина веќе еден месец од објавувањето на документите на Викиликс на кои сите прочитавме дека Никола Димитров бил „заштитен извор на информации“ на САД. Засега, од обвинителството нема никаков одговор.

повеќе

Неопходно е да се надминат бариерите кои во моментов се присутни во регулаторната, политичката, финансиската и пазарната рамка и кои го кочат напредокот кон обновливите извори на енергија.

повеќе