Јуропиан Вестерн Балканс

Кои ќе бидат последиците ако ЕУ ги раздвои Северна Македонија и Албанија?

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

Регионалните аналитичари предупредуваат дека понатамошното одложување и можното раздвојување на Северна Македонија и Албанија може да предизвика негативен ефект врз внатрешната политика на двете земји, како и на Западен Балкан, ако до октомври земјите-членки дојдат до заклучок дека Албанија да не напредува доволно на својот пат кон ЕУ и одлучи да ги почне преговорите за пристап само со Северна Македонија.

 

Одложувањето е пораз за реформите и проширувањето

Одлуката на Советот да ги одложи разговорите за пристап со Северна Македонија и Албанија покажа недостиг од стратегиска визија во ЕУ, вели Срѓан Мајстровиќ, член на политичката советодавна група Балканот во Европа (БиЕПАГ) и претседател на Управниот одбор на Европскиот политички центар - ЦЕП.

Според Мајстровиќ, ставот „прво мојата земја“ покажан од некои земји-членки е штетен за патот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ.

„За жал, оваа одлука го поткопа кредибилитетот на ЕУ и, уште поважно, на двете влади што ги исполнија сите потребни услови“, вели Мајстровиќ за Јуропиан Вестерн Балканс.

Со ова се согласува Флоријан Бибер, професор по историја и политика на Југоисточна Европа, директор на Центарот за студии за Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац и член на БиЕПАГ, и нагласува дека одложувањето на почетокот на разговорите за пристап е пораз за реформите и проширувањето со Западен Балкан.

„Пораката од Комисијата и од повеќето земји-членки е јасна. Ова е второ одложување, а по третото ќе настапи хаос во проширувањето и единството на ЕУ“, вели Бибер.

Тој вели дека иако многубројните набљудувачи и меѓународни медиуми недвосмислено ги повикаа европските лидери да им дадат зелено светло на земјите, тоа не се случи. Меѓутоа, за ЕУ да остане кредибилен актер, објаснува тој, во октомври мора да го исполни она што го вети.

 

Франција и Холандија не го остварија ветеното

Земјите-членки на ЕУ продолжуваат да играат топло-ладно со проширувањето, ветувајќи поддршка за отворање пристапни преговори, а потоа не остварувајќи го кога критериумите ќе бидат исполнети, објаснува Срѓан Цвијиќ, висок политички аналитичар на Европскиот политички институт Отворено општество и член на БиЕПАГ.

Тој објаснува дека Франција многу отворено се противи на отворањето на пристапните преговори со Албанија, исто како и Холандија, чии членови на парламентот гласаа против отворањето на преговорите со Тирана во 2019 година, поради недоволниот напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

„Германија, исто така, не успеа да ја искористи својата политичка тежина и да ги убеди повоздржаните земји да притиснат за отворање на разговорите. Со оглед на тоа што дел од владејачката коалиција (СПД) и нивната партиска фракција во Бундестагот го поддржуваа отворањето на преговорите со двете земји, се чини дека дел од ЦДУ / ЦСУ има одредени резерви кон Албанија“, истакнува Цвијиќ за ЈВБ.

Тој нагласува дека останува да се види дали владата во Тирана ќе успее до септември да ги убеди политичарите во Берлин дека ги исполнила сите услови за отворање.

„Дури и ако тоа се случи, не е јасно дали Германија ќе биде подготвена и ќе успее да ги убеди Французите и Холанѓаните да го деблокираат патот за членство на Албанија во ЕУ“, вели Цвијиќ.

Меѓутоа, ако тоа не се случи, Цвијиќ сугерира дека треба да се случи раздвојување на двете земји.

Тој објаснува дека загриженоста дека веројатната нова влада на Неа демократиа во Грција, или во Бугарија имајќи ги предвид неодамнешните тензии со Северна Македонија првенствено поврзани со работата на мешовитата комисија што се занимава со заедничката историја на двете земји, можеби повторно ќе го одложи отворањето разговори со Северна Македонија, не изгледа веројатна.

 

Влијание врз внатрешната политика

И покрај фактот што и двете земји ќе останат во чекалната на ЕУ барем до октомври, премиерите на Северна Македонија и Албанија сè уште имаат позитивен став кон заклучоците на Советот - Зоран Заев и Еди Рама рекоа дека вестите од Луксембург се многу позитивни.

Сепак, понатамошните одложувања може да ги променат нивните ставови.

Неколкумесечното одложување најверојатно нема да предизвика трајна штета во регионот, иако понатамошните одложувања би можеле да влијаат на кредибилитетот на ЕУ, смета Николаос Цифакис, вонреден професор по меѓународни односи на Катедрата за политички науки и меѓународни односи на Универзитетот Пелопонез и член на БиЕПАГ.

„Ако Советот не донесе позитивна одлука до октомври, особено во случајот со Северна Македонија, тоа сериозно ќе го поткопа кредибилитетот на условноста на пристапот во ЕУ. Исто така, ќе ја ослабне легитимноста на коалиционата влада на Заев во Скопје, која плаќа голема политичка цена со спроведувањето на Преспанскиот договор“, вели Цифакис за ЈВБ.

Дека не би било паметно да се исклучи можноста оваа одлука негативно да влијае на внатрешната политичка стабилност во двете земји се согласува Срѓан Мајстровиќ, велејќи дека двете влади се соочуваат со предизвици од противниците.

„Можно е да се очекува дека овие противници би можеле да се обидат да го искористат овој удар од ЕУ за сопствено политичко напредување“, забележува Мајстровиќ.

Тој објаснува дека со оваа одлука им е нанесен катастрофален удар на граѓаните на двете земји и дека разочарувањето што ќе следи ќе има значително влијание врз вербата во пристапната перспектива на ЕУ во двете земји.

Мајстровиќ предупредува дека политичката атмосфера по одлуката на Советот може да им користи на надворешни политички актери што сакаат да профитираат од порастот на националистичките чувства. Ова може дополнително да го расипе обидот на ЕУ за европеизација во двете земји.

 

Влијание врз дијалогот помеѓу Белград и Приштина

Освен влијанието врз внатрешната политика на Северна Македонија и Албанија, одложувањето на отворањето на преговорите ќе влијае на другите земји од регионот, главно Србија и Косово.

Флоријан Бибер смета дека тоа би можело да ја закопа надежта за дијалогот во кој посредува ЕУ, меѓу Белград и Приштина, и улогата на ЕУ.

„На крајот на краиштата, дијалогот беше почнат со нудење на проширување како награда за напредок во решавањето на спорот. Ако нема конкретна награда што ЕУ може во моментот да му ја понуди на регионот, се намалува поттикот за компромис во регионот“, предупредува Бибер.

Тој, исто така, додава дека одолжувањето ќе влијае и на реформскиот процес или ќе предизвика посериозна реакција, бидејќи ќе ги казни реформаторите и ќе поттикне колебливи реформи или дури и целосно отфрлање.

 

Што може да се случи ако се раздвојат?

Сепак, аналитичарите не се на ист став кога станува збор за раздвојување. Иако сметаат дека проширувањето на ЕУ е процес заснован на заслуги и дека Северна Македонија направила потешки компромиси во претходните години, раздвојувањето би можело да предизвика сериозна реакција во Албанија.

Сепак, Флоријан Бибер вели дека тоа би можело да биде начин за спасување на процесот, иако не доаѓа без негативни страни.

„Во однос на предностите, нема ништо природно во поврзувањето на судбината на двете земји, бидејќи проширувањето се заснова на индивидуални заслуги, а не на групи. Освен тоа, тие двете беа 'споени' не затоа што нивните односи се особено испреплетени, како на Србија и Косово, на пример, туку затоа што случајно се во слична фаза во односите со ЕУ“, вели Бибер за ЈВБ.

Бибер потсетува дека Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и вели дека „нема ништо лошо побрзо и да оди напред“.

Тој, исто така, додава дека Северна Македонија направила потешки компромиси во последниве години, со што преговорите за пристапување за неа се поверојатни отколку за Албанија. Од аспект на ризиците, тој смета дека раздвојувањето нема да биде засновано на заслуги, туку повеќе на негативните стереотипи за Албанија што се присутни во некои земји на ЕУ, за што тој смета дека тешко дека е добар критериум.

„Тоа ги остава назад трите земји со значително муслиманско население во Западен Балкан, испраќајќи потенцијално опасен сигнал дека ЕУ има неповолен однос кон земјите бидејќи имаат големо муслиманско население. Во сегашната ксенофобична средина во Европа, со силни антимуслимански чувства, ова е погрешен сигнал“, вели Бибер.

Дека раздвојувањето не би било корисно за никого, освен за опозициските политичари, смета Срѓан Мајстровиќ, додавајќи дека отворањето на разговорите за пристапување со двете земји истовремено треба да биде и најпосакуваната опција.

„Заклучоците на Советот забележливо ветуваа дека ЕУ ќе 'постигне јасна и суштинска одлука што е можно поскоро и најдоцна до октомври 2019 година' за двете земји. Меѓутоа, ако внатрешните случувања во некоја од двете земји предизвикуваат дополнителни одложувања, ЕУ мора конечно да го докаже својот кредибилитет и да ги почне разговорите за пристап со земјата што е подготвена во тој момент“, вели Мајстровиќ за ЈВБ.

Од друга страна, Николаос Цифакис не гледа ништо лошо во идејата за раздвојување на двете земји, бидејќи политиката на проширување на ЕУ се заснова на логиката дека секоја земја е оценета поединечно по сопствените заслуги.

„Веројатно напредокот регистриран неодамна во двете земји не се споредува. А препораката на Комисијата за почнување на преговорите за пристап со Албанија беше објавена пред ескалацијата на актуелната криза во Тирана. И покрај тоа, не мислам дека пристапот на Албанија во ЕУ не треба да напредува“, вели Цифакис, додавајќи дека е многу тешко да се дадат цврсти аргументи за Албанија додека таква сериозна политичка криза е во полн замав.

Ако се случи раздвојување, тоа би можело да предизвика реакција во Албанија, предупредува Срѓан Цвијиќ.

„Главните градови на ЕУ остануваат неубедени од она што го сметаат за закана од регионот. Според нив, понатамошната дестабилизација на Албанија само ќе претставува доказ дека воздржаноста кон почнувањето преговори со Тирана била оправдана“, заклучува Цвијиќ.

Одлуката на земјите-членки, главно на Франција и Холандија, ќе мора да почека до октомври. Доколку земјите не постигнат компромис и одлучат дека Албанија не напреднала доволно на својот пат кон ЕУ за да добие зелено светло, останува да се види какво влијание ќе има таа одлука врз кредибилитетот на ЕУ во Западен Балкан.

Автор: Емина Муминовиќ

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

САД денес остануваат држава со најнапреден систем на високо образование во светот, со најголем број на научни публикации, инвестиции во наука, патентирање на иновации и на добитници на Нобелова награда.

повеќе

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе