Јазикот и негирањето на македонскиот етнички идентитет

(Овој труд беше презентиран на конференцијата „Геноцидот и неговата превенција во дигиталното доба: предизвици на 21 век“, 19- 23 јули, Барселона, Шпанија.)

Бројни се обидите на владите, а особено на грчката влада која го користи јазикот во обид да го смени идентитетот на Македонците во нешто помалку македонско или немакедонско. Одличниот извештај на Хјуман рајтс воч од 1994 година, „Негирањето на етничкиот идентитет: Македонците од Грција“, наведува бројни примери за негирањето кои грчката влада повеќе од еден век ги разви за да го негира етничкиот идентитет на Македонците во Грција.

Со оваа презентација, сакам да направам чекор понапред и да укажам на тоа како грчката влада ги применува овие методи и во други земји и на меѓународната сцена.

За разлика од другите балкански региони, за време на турското ропство, Македонија не го доби правото за самоопределување. Наместо тоа, во 1912-13 година нападнаа соседните земји, Грција, Бугарија и Србија. Победниците и нивните сојузници оваа инвазија ја нарекоа Балкански војни. Македонците ова го нарекуваат геноцид на Македонците. Бруталноста на војните/геноцидот ја шокираше Европа. Во извештајот на Карнеги од 1914 година за бугарските и српските војски и особено за грчката армија пишува дека „предмет на овие вооружени конфликти ... секогаш и секаде бил целосното истребување на домородното население“. Иако зборот геноцид сè уште не бил измислен, фразата „целосно истребување на домородното население“ е веројатно најточниот опис на геноцидот.

Заедно со земјиштето, грчката влада доби и огромно негрчко население. Македонија беше мултикултурна земја. Имаше автохтоно македонско население и многу други етнички групи. Наместо да ја остави ново-преименуваната мултикултурна „грчка Македонија“, грчката влада се обиде да ја направи монокултурна преку асимилација, етничко чистење и колонизација. На оваа политика се надоврзаа и методите за етничкото негирање на Македонците. Долг е списокот за ова.

По многу децении ваква репресија, во извештајот на Хјуман рајтс воч од 1994 година се вели дека „грчката влада го негираше етничкиот идентитет на етничкото македонско малцинство со  кршење на меѓународните закони и договори за човекови права“. Во извештајот се нотирани многу техники на грчката влада за негирање на македонскиот идентитет и култура, како на пример: „клима на страв во која многу етнички Македонци не сакаат да го потврдат својот македонски идентитет или отворено да ги искажат своите ставови“; етничките Македонци за грчката влада не се Македонци, туку како „двојазични“, „славофонски Грци“, „славофони“, „славофонски“, „славомакедонци“, „словени“ и „допии“ што е грчки назив за „локалното население“; смена на топонимите и на личните имиња од македонски во грчки; новороденчињата мора да имаат грчки имиња, не можат да имаат македонски имиња; наставата на македонски јазик не е дозволена; за грчката влада македонскиот јазик е „идиом“ или „славомакедонски јазик“; историски, репресивните мерки вклучуваат и забрана на јазик, задолжителни часови по грчки јазик и парични казни и тепања за многумина што зборуваа македонски... Од 1951 година на попис во Грција нема прашање за јазикот што го  зборуваат грчките граѓани.

Во извештајот, исто така, се даваат детали за многу други репресивни мерки, двојни аршини и малтретирање врз Македонците во однос на политиката, религијата, вработувањето, културното изразување, слободата на изразување и активистите за човекови права. Речиси сите овие репресивни мерки и денес се во сила.

Грчката влада го прошири ова негирање на етничкиот идентитет и на други Македонци, на оние од Република Македонија и на меѓународната сцена, понекогаш успешно, а некогаш не. На сите нивоа на власт, организации и индивидуални односи, има илјадници примери како властите, нејзини приврзаници и грчката дијаспора го блокира или се обидува да го блокира изразувањето на македонскиот етнички идентитет.

Во 1993 година кога Република Македонија требаше да стане членка на Обединетите нации, беше условена да го прифати членството заедно со „привремената референца“ „поранешна југословенска Република Македонија“. На Македонија ѝ беше забранет влез под уставното име, што за ОН значеше дека го прекрши првиот член на меѓународниот пакт за граѓански и политички права: правото на самоопределување. Како се случи тоа? Сликата не е целосно јасна, но знаеме дека Обединетите нации не се демократска организација. Со него раководи петчлениот Совет за безбедност. Членството на Македонија не беше ставено на гласање од членките на ООН. Тука треба да се напомене дека околу 140 земји ја признаа Република Македонија под уставното име, јасно мнозинство од земјите во светот.

Најавата дека Македонија ќе стане членка на ОН со користење на „привремената референца“ дојде од Советот за безбедност. Kои беа политичкитe поддржувачи на Грција во Советот? Медиумските извештаи од тоа време укажуваат дека станува збор за Франција. Со текот на времето, четири од петте членки на Советот за безбедност ја признаа Македонија билатерално под уставното име. Тоа беа Русија, Кина, САД и Велика Британија.

Академикот Лоринг Данфорт рече дека Франција е таа што ја предложи привремената референца и побара Македонија и Грција да влезат во медијација. Ако е така, тогаш Франција ја отвори вратата за Грција да го претвори едностраното прашање во билатерално и меѓународно прашање, а Македонија мораше да го компромитира своето самоопределување. Интересно, по потпишувањето на Договорот од Преспа 2018 година, Франција во 2019 година беше таа што стави вето на преговорите за членство на Македонија во ЕУ, со што се отворија вратите за Бугарија да ја уценува Македонија со барање компромиси за македонскиот јазик и идентитет.

Проблемите на Македонија да преговара за своето име се во тоа што по долгиот период на негирање на македонскиот идентитет од Грција, секоја промена на името на Македонија влијае на македонскиот идентитет. Македонците ова многу добро го разбраа и силно се спротивставија на процесот во ООН. Ова беше јасно и со начинот на користење на наводната привремена референца. Грција и нејзините приврзаници ја претворија референцата „поранешна југословенска Република Македонија“ во кратенка „ПЈРМ“ и го користеа „ПЈРМ“ како начин да ја извадат Македонија од привремената референца и идентитетот на Македонија. Тие то го користеа насекаде, иако наводно беше наменет само за внатрешна употреба на ООН. И дадоа кредибилитет на кратенката велејќи дека тоа е официјалното име  одобрено од ООН, не споменувајќи дека зад тоа стои само една земја, член на Советот за безбедност. ООН не ги негираше овие практики. Разговорите со посредство на ООН беа наречени „спор за името“, а во реалноста тоа беше процес на етничко негирање. Така, со поттикнување на преговорите за името и неповикување на злоупотребата на привремената референца, ОН го дадоа својот придонес во обидот за етничко негирање.

Спротивно на ова, пријателите на Македонија и оние кои ја разбраа неправдата за тоа што се случува, ги користеа имињата Македонија, Република Македонија, ПЈР Македонија или Македонија (ПЈР), со што ја задржаа Македонија во името.

Процесот со посредство на ООН доведе до Договорот од Преспа за кој западните сили рекоа дека се стави крај на грчкиот спор. Но, од гледна точка на големото мнозинство Македонци низ целиот свет, Договорот од Преспа беше недемократски и претставува сеопфатен неуспех. Започна со Шарена револуција финансирана од САД и ЕУ, со што беше отстранета популарната и демократски избрана македонска влада. Истата партија победи на следните избори, но по препорака од САД и ЕУ албанските коалициски партнери одбија да ја поддржат победничката партија. Така, партијата што ги загуби изборите беше инсталирана во власта, а Македонците ја сметаат за марионетска влада. И покрај тоа што новата влада вети дека нема да има промена на името на Македонија, таа партија почна да ги води преговорите што доведоа до Договорот од Преспа. Новото име, Северна Македонија, беше ставено на референдум и беше поразено. Сепак, САД, ЕУ и македонската влада веднаш го прогласија референдумот како успешен. Владата немаше 80 гласа од 120 пратеници во Собранието за промена на Уставот. Медиумите објавија дека потребното мнозинство беше обезбедено со мито и уцени кај неколкумина опозициски пратеници.

Преовлада грчкиот двоен стандард за Македонците. Грците имаат земја наречена Грција, Французите имаат земја наречена Франција, а Македонците не можат да имаат земја наречена Македонија. И, како што и се претпостави, Македонците сѐ почесто стануваат „северномакедонци“. Така, преку Грција, Франција и ОН станаа активни играчи во негирањето на македонскиот етнички идентитет.

Следните два примери се во Австралија. Австралија има голема македонска дијаспора, но уште поголема и политички активна грчка дијаспора.

Во февруари 1994 година, откако 58 држави ја признаа Република Македонија, истото го стори и австралиската влада, но под „привремената референца“ на ООН. Ова признание беше сериозно критикувано од портпаролите на грчко-австралиската заедница, по што следеа и бројни огнени бомбардирања и подметнување пожари по имотите на Македонците, вклучувајќи цркви и помали деловни објекти.

Австралиската влада потоа се состана со претставниците на грчката заедница и се согласи со нивното барање Македонците од Република Македонија да се нарекуваат „славомакедонци“. Оваа одлука беше донесена без консултации со македонско-австралиската заедница...

...Македонската заедница беше шокирана од директивата на австралиската влада и нејзиното негирање на основното право на самоидентификација. Се најави и непочитување на директивата и владата.

...Имплементацијата на директивата одеше бавно, а и јавниот сервис почна да ги објавува вознемирувачките приказни за Македонците кои го користеле зборот македонски за својата етничка припадност. Но, со текот на времето, ваквите случаи се намалија и во 2008 година владата се откажа од директивата како дискриминаторска и расистичка.

Виктор Бивел

(Авторот е новинар, уредник и издавач и основач на Политекон)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

ДУИ е дел од влада која, дел поради пандемијата, а дел поради непостоење на политичка волја за реформирање на системот и искоренување на корупцијата и организираниот криминал создаде назадоволство кај граѓаните.

повеќе

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе