Јавниот долг во функција на економскиот раст

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

Неделава Република Северна Македонија  излезе на меѓународниот пазар на капитал и ја издаде осмата еврообврзница. Оваа аукција беше вистински успех за нас, бидејќи покажа дека меѓународните инвеститори имаат голема доверба во нашата економија, како и во нејзината перспектива. Огромниот интерес на инвеститорите за еврообврзницата (за 2,3 пати повисок од понудата), како и постигнатата каматна стапка од 1,625% - која е историски најниска, говорат дека политиките кои се спроведуваат се високо вреднувани и дека инвеститорите ја сметаат нашата економија за нискоризична. Споредбено гледано, просекот на каматите од сите претходно издадени еврвообврзници изнесува 5,05% и е за 3,1 пати повисок од оваа камата на последната еврообврзница. Ние сме членка на НАТО, пред отворање на преговори за членство во ЕУ со стабилна политичка клима и релаксирани меѓуетнички односи, со кредибилни економски политики со јасна поставена среднорочна перспектива за фискална консолидација и раст, кои влијаат на довербата кај инвеститорите, дури и во услови на пандемија. Успехот во издавањето на осмата еврообврзница, исто така, беше резултат на неисцрпната работа на професионалната администрација во Mинистерството за финансии, кои директно беа вклучени во процесот на подготовка на издавањето на еврообврзницата и конозорциумот на светски реномирани банки кои не’ поддржаа во овој процес, како и сите ресорни министерства и институции кои дадоа свој придонес во подготовката на Проспектот за профилот на нашата економија.

Осмата еврообврзница е специфична по тоа што се издава во време на најголемата светска економска криза предизвикана од КОВИД, a притоа е постигната најниска камата во однос на сите претходно издадени еврообврзници и пониска од земјите од регионот и некои членки на ЕУ со подобар кредитен рејтинг во овој период (гледано како годишен расход во буџетот по основ на исплата на камата, без оглед на различната рочност на обврзниците).

На прес-конференцијата на која дадов отчет за аукцијата на осмата еврообврзница, добив едно многу интересно новинарско прашање - дали ќе бев за издавање на еврообврзница доколку не бев министер за финансии. Поттикнат од ова прашање, за кое сметам дека е потребно многу повеќе од неколку минути за да се елаборира колку што беа тогаш на располагање, ги ставив на хартија моите размислувања за државните хартии од вредност, јавниот долг и неговата функција во развојот на економијата, како и ризиците кои ги носи.

Искуствата од издадените државни хартии од вредност

До 2004 година нашата држава не издаваше ниту домашни, ниту странски државни хартии од вредност. Како дел од тогашната Стратегија за развој на пазарот на државни хартии од вредност, во јануари 2004 година Министерството за финансии ја изврши првата емисија на државни хартии од вредност со издавање на 3-месечни записи на домашниот пазар. Поради големиот интерес од страна на инвеститорите - очекуван со оглед дека станува збор за безризичен финансиски инструмент, набргу се издадоа и 6-месечни записи, а понатаму следната година беа промовирани 12-месечни записи и двегодишна обврзница. Со ова се воспостави примарен домашен пазар на државни хартии од вредност, кој е од големо значење за тековното сервисирање на ликвидносните потреби во буџетот, и воедно, уште еден брз, транспарентен, квалитетен извор за пристап до капитал за финансирање на буџетските потреби.

Во декември 2005 година земјава имаше своја промоција на меѓународниот пазар на капитал со емисијата на првата еврообврзница. Десетгодишната еврообврзница во вредност од 150 милиони евра постигна каматна стапка од 4,625% и со овие средства беше репрограмиран долгот кон Лондонскиот клуб на кредитори. Она што е уште поважно е тоа што со издавањето на оваа еврообврзница, земјата за прв пат се стави на мапата на институционалните инвеститори од светот. Со ова се отвори уште една можност и нов инструмент за побрз пристап до капитал, во случај на потреба.

Изминативе 16 години домашниот пазар на капитал се разви, беа понудени и други краткорочни и долгорочни инструменти, односно се издаваа од едномесечни записи до 30 годишни обврзници. На меѓународниот пазар на капитал, пак, по првата еврообврзница, беа издадени уште седум еврообврзници во 2009, 2014, 2015, 2016, 2018, 2020 и 2021 година, со различна висина, рочност и со каматни стапки кои варираа од најниската од 1,625% во 2021 година, до 9,875% за еврообврзницата од 2009 година, додека најголем број од нив имаа каматна стапка од над 4,5%. Не сите овие хартии од вредност имаа еднаква економска оправданост и голем број на политички одлуки поврзани со овие инструменти се најдоа на остра критика на јавноста.

Раст повисок од камата (g>k)

Ако извлечеме поука од искуствата во изминатиот период во поглед на државните хартии од вредност, може да се заклучи дека тие како инструменти се неопходни за финансискиот систем на една модерна економија, но дека несоодветното менаџирање со овие инструменти може да донесе многу ризици, меѓу кои и кумулирање на јавниот долг. При издавањето на секој од нив треба да се има на ум дека трошокот треба да биде помал од бенефитот кој ќе го продуцира, односно идните стапки на раст на бруто-домашниот производ треба да бидат доволни за да го финансираат долгот.       

Конкретно, еврообврзницата која ја издадовме сега во 2021 година има економска оправданост. Со неа ќе се рефинансира еврообврзницата издадена во 2014 година во износ од 500 милиони евра, која беше издадена по каматна стапка од 3,975%. Сега каматната стапка изнесува 1,625%, што значи дека за седум години ќе имаме каматни заштеди од 82,25 милиони евра. Понатаму, растот на БДП кој го проектираме е 4,1% или 5,6% номинален раст, односно за 3,5 пати повисок во однос на каматната стапка на еврообврзницата. Тоа значи дека остатокот од еврообврзницата од 200 милиони евра, кој ќе се користи за буџетска поддршка ќе продуцира неколкукратнo повисока вредност од трошокот кој ќе се плати за неа. Инаку, за споредба со проектираната реална стапка на раст на БДП, доколку се земе предвид инфлацијата во ЕУ и во нашата економија на ниво од 1,5% согласно проектираната стапка за 2021 година, лесно може да се пресмета дека реалната каматна стапка на осмата еврообврзница изнесува 0,125%, односно номиналната камата од 1,625% намалена за проектираната инфлација од 1,5%.

Динамиката на јавниот долг и растот на БДП

Кривата на јавниот и на државниот долг, ако се земат предвид последните две децении, има форма на буквата „U“. Во 2002 година јавниот долг изнесува 43,2% од БДП, додека државниот 40,5%. Следните две години и јавниот и државниот долг се намалуваат и се под 40%, додека од 2005 година до 2008 година има стрмен пад и на јавниот и на државниот долг и истите во 2008 година изнесуваат 23%, односно 20,5% респективно, што е најниско ниво на долгот за период од две децении. Намалувањето на јавниот и државниот долг во овој период се должи, пред се’, на неколкуте операции на предвремен откуп на долгот кон меѓународните финансиски институции (Лондонски клуб, Париски клуб на кредитори, Меѓународен монетарен фонд, Светска банка, Европска инвестициска банка и домашна обврзница за санација на Стопанска банка), финансиран преку приватизација на јавен имот.

Од 2008 година до 2016 година, јавниот и државниот долг во континуитет растат во апсолутен износ и како процент од БДП. Јавниот долг од 23% се искачува на 48,8% до 2016 година, додека државниот долг од 20,5% на 40,4%. Во референтниот период, просечната стапка на економски раст е 2,5%.

Во 2017, 2018 и 2019 година има куса стабилизација на долгот, но со почеток на ковид-кризата и потребата за финансирање на проширениот буџетски дефицит, кој настана поради падот на приходната страна и воедно растот на расходната страна поради зголемените потреби за финансирање како резултат на ковид-кризата, дојде до раст на јавниот и на државниот долг на 60,2% и 51,2% респективно.

Растот на буџетскиот дефицит и на државниот долг во текот на минатата година, односно со почетокот на ковид-кризата, е карактеристичен за скоро сите економии во светот. Во Европа, единствено кај Норвешка има негативна промена на државниот долг во 2020 година во споредба со претходната година за -1,3 процентни поени. Согласно податоците на Меѓународниот монетарен фонд, најголем раст на  државниот долг во Европа за 2020 година во споредба со 2019 година има Шпанија со раст од 27,5 процентни поени или актуелен државен долг од 123% од БДП, понатаму Италија со раст на долгот од 27 процентни поени или државен долг од 161,8 % од БДП и Грција со раст од 24,3 процентни поени и државен долг од 205,2% од БДП. Во регионот, покрај Грција, Албанија има најголем раст на долгот од 15,6 процентни поени и државен долг од 83,3% од БДП, понатаму Словенија со раст од 14,9 процентни поени и долг од 81% од БДП и Хрватска со 14,5 процентни поени раст на долгот и државен долг од 87,7%. Од 38 земји, Република Северна Македонија има понизок државен долг од 24 земји и помал раст на државниот долг во 2020 година од 22 земји. Особено е важно долгот да биде на одржливо ниво, кое според проценките на ММФ во извештајот за земјава од април 2020 година за македонската економија, не надминува 70% од БДП. Економскиот раст може да се поттикне преку јавниот долг (debt-fueled growth), но тој не може да биде главниот двигател на растот.

Фискална консолидација и забрзан раст за стабилизација за долгот

На среден рок, односно до 2025 година, нашите проекции во Стратегијата за управување со јавниот долг се дека јавниот долг ќе се стабилизира и ќе се намали на 58,8%, односно под нивото утврдено со Мастришкиот критериум, додека државниот долг ќе се сведе на 51%. Ова ќе се реализира од една страна преку планот и мерките за постепена фискална консолидација, односно постепено намалување на буџетскиот дефицит, и од друга страна преку забрзување на економскиот раст, односно продуцирање на поголема додадена вредност од која полесно ќе може да се сервисира долгот кој доспева. Со среднорочната рамка, врз основа која дејствуваме и врз основа на кој е поставен и буџетот за оваа година, предвидени се мерки и политики во двете насоки.

Во поглед на фискалната консолидација, проектираниот дефицит за 2021 година е на ниво од 4,9% што е за 3,6 процентни поени пониско во однос на буџетскиот дефицит проектиран за минатата година. Нашиот план и нашите очекувања се секоја година буџетскиот дефицит постепено да се стеснува, така што во 2022 тој ќе достигне -3,8%, во 2023 -3,2%, во 2024 -2,9% и во 2025 година -2% и ќе биде под Мастришкиот критериум од -3% од БДП.

Фискалната консолидација планираме да ја постигнеме преку: I. подобрување на наплатата на буџетските приходи (преку зајакнување на капацитетите и подобрување на услугите на УЈП и Царина, преку мерки за намалување на сивата економија, мерки за спречување и сузбивање на корупцијата итн.), II. понатаму намалување и реструктурирање на буџетските расходи (преку кратење на неприоритетните и несуштински трошоци, намалување на тековните расходи поголема поддршка на приватниот сектор, иновациите и зајакнување на конкурентноста, изразена социјална компонента и ревидирање на методологиите за трансферите и субвенциите итн.) и III. промени на изворите за финансирање на буџетскиот дефицит (како репрограм на јавниот долг и издавање на развојна државна обврзница, поголема диверзификација на изворите на финансирање на дефицитот, но и финансирање и реализација на одредени проекти преку јавно-приватни партнерства, концесии и основање на Развоен фонд за стратешки инвестиции со можност за мобилизирање на финансиски капитал од меѓународни финансиски институции и приватниот сектор).

Планирано е намалување на тековните расходи преку рационализација на расходите на јавната администрација, оптимизација и зголемување на ефикасноста на јавната администрација, оптимизирање и реорганизација на јавниот сектор, дигитализација на добар дел од јавните услуги. Во насока на рационализација на расходите, се става акцент и на подобрување на реализацијата на капиталните расходи преку воспоставениот КАПЕФ механизам за „казнување и наградување“ на буџетските корисници преку прераспределба на буџетските средства во текот на буџетската година од оние со слаба кон оние со поголема реализација на капиталните расходи, понатаму методологија за оценка на ефектите од инвестициските проекти врз економскиот раст – ПИМА и методологија за оценка на реализацијата на капиталните инвестиции преку Smart Key Performance Indicators, како воведување на тела за следење на извршувањето на капиталните инвестиции.

Забрзувањето на економскиот раст на среден рок, исто така ќе делува во насока на стабилизирање на долгот поради зголемување на фискалниот простор за негово сервисирање. Преку редизајнирањето на буџетската политика и Стратегија за економско заздравување и забрзан раст (SmartER Growth) планирано е забрзување на економскиот раст во наредниот период, враќање на економијата на преткризната патека на раст во втората половина на 2022 година и обезбедување на побрза динамика на економски раст потоа. Согласно индикативните проекции, економскиот раст во 2025 година се очекува да достигне 5,9%, а во периодот од 2026 до 2030 година се предвидува стабилизирање на просечната стапка на економски раст на 5,75% годишно. Истото е планирано да се постигне преку креирање на поконкурентна деловна клима, извозно ориентирана со силна поддршка на претприемништвото и иновациите, подобрување на пристапот до финансии и адаптацијата на технологиите, модернизација на секторите каде имаме компаративна предност, даночна реформа, сузбивање на сивата економија, дигитализација на економијата, развој на човечките ресурси преку инвестиции во образованието, науката и здравството, мерки за поголема активност на работоспособното население, ориентација кон “зелена економија“ итн.

Би сакал да посочам дека висината на долгот е уште еден макроекономски индикатор, но како податок тој не кажува колку е силна економијата и какви услови за живот им дава на граѓаните. Државниот долг на Германија е 73,3%, на Велика Британија 108%, на Франција на 118,7%, на Шпанија 123% , на Италија 161,8%.... државниот долг на Република Северна Македонија е 51,2%, но тоа не значи дека сме посилна економија од нив и дека имаме подобри економски перформанси. Она што е клучно за наредниот период е да ги насочиме сите сили и стратегии кон забрзување на растот на нашата економија за да ги удвоиме стапките на раст во однос на минатиот просек, кој се движеше околу 2,5%, а истовремено да водиме прудентна политика на јавен долг за истиот да остане во рамките на одржливото ниво. Долгот мора да биде во функција на економскиот раст за да биде оправдан.

“Златното правило” на економскиот раст и јавните финансии

Економската теорија на раст и благосостојба, која вообичаено гледа на факторите на раст на долг рок, има развиено широка научна дебата во однос на тоа кои се оптималните и одржливи соодноси на факторите на раст, почнувајќи од Коб-Даглас и нео-класичните егзогени модели на раст проширени со технолошкиот прогрес кај моделот на Солоу, потоа во поновите ендогени модели на раст на Робер Баро - кои стават акцент на економските политики за поддршка на човекиот капитал, иновациите и знаењето, како и рационалните очекувања на Лукас со додадени структурни динамички макроекономски со микроекономска основа, односно мотивацијата на однесувањето на економските агенти на пазарот на стоки и услуги (домаќинствата на страната на побарувачката, односно потрошувачката и проиводителите на страната на понудата, односно инвестициите), и соодветно на пазарот на трудот (вработените и работодавачите) и пазарот на капитал (претприемачи и инвеститори). Исто така, на ова може да ја додадеме и отворената дебата во економската наука во однос на правила наспроти дискрециона фискална и монетарна политика, но за ова со оглед на ограниченото време и простор на оваа колумна ќе развиеме дебата во некоја наредна прилика.

„Златно правило на економски раст“, според теориите на раст, се смета нивото на кое соодносот на потрошувачката и заштедите, односно инвестициите,  обезбедува ист фонд на капитал по ефективен вработен, имајќи ја предвид амортизацијата, растот на населението и технолошкиот развој и со тоа да обезбедат константни приноси на обем (читај економски раст). Сепак, ендогените модели на раст во оваа равенка ја додаваат и улогата на економските политики во генерирање на раст преку поттикнување на генераторите на раст, како што спомнав погоре - поддршка на човечки капитал, иновации и знаење со цел зголемување на продуктивноста на економијата. Оттука се надоврзува и прашањето за финансирање на растот, односно јавните финансии, буџетскиот дефицит и јавниот долг. И во однос на овие прашања дебатата е отворена во економската наука и истата продолжува и во однос т.н. „златно правило на јавните финансии“, односно задолжување само за јавни инвестиции (продуктивни цели). Доколку на оваа дискусија ги додадеме и теориите на реалните деловни циклуси и економските кризи, дебатата секако ќе стане многу покомплексна. Но тоа, за што може да се каже дека има консензус во однос на јавните финансии е фактот дека фискалната консолидација на среден рок претставува важен фактор во обезбедување на оддржлив раст. Со едноставни зборови кажано, доколку сакаме да финансираме раст, ако немаме доволна сопствена заштеда, тоа може да го направиме со задолжување, но тоа мора да е економски оправдано за да може да обезбеди одржлив раст. И ова, гледано интертемпорално, меѓугенерациски, ако се задолжуваме денес тоа значи дека треба утре да се врати, а тоа значи дека ако инвестираме денес, утре треба да се видат и бенефитите, или ако една генерација се задолжува, а друга треба да врати, секако дека тие треба да ги имаат и бенефитите од таквата одлука.

Во контекст на јавниот долг, како прашања за дискусија во економската теорија и политика ќе останат нивото на долгот, цената на долгот и намената за што ќе се користи тој, а во секоја земја поеднинечно зависно од контекстот и нејзината економската кондиција оваа тема оправдано предизвикува широка јавна дебата про и контра во контекст на идниот економски раст и благосостојба на оваа и идните генерации.

Фатмир Бесими, министер за финансии

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе