Измени во законот за игри на среќа за подобра спортска инфраструктура

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

Кога ќе се постави прашањето како да се подобри постојната или изгради нова спортска инфраструктура, логично е одговорот секогаш да се бара од државата или општината, неретко од спортскиот колектив (спортска федерација или спортски клуб). Ако прстот го впериме кон државните институции дека не преземаат одредени активности за реорганизација (реновирање) на постојната или пак градење на нова спортска инфраструктура, дали со тоа го решаваме проблемот или само се премостува незадоволството од неактивноста и неажурноста на надлежните? Под спортска инфраструктура се работи подеднакво како за колективните и индивидуалните спортови, така и за спортските зони за рекреација и уживање на луѓето преку одржување на сопствената психофизичка состојба т.е. здравје. Факт е дека без претходно финансирање во спортот, особено во професионалниот спорт и промена на системот на управување во спортот или спортскиот менаџмент, не може да се очекува да се достигне ниту модерна спортска инфраструктура, а уште помалку услови за воспоставување спортска професионалност - изградба на современ спортски комплекс (центар) во зависност од целите на спортските асоцијации, спортските клубови и здруженија итн.

Примарна цел за современа спортска инфраструктура е професионална база за тренинзи или тренинг-камп за создавање врвни спортисти, која во себе треба да содржи повеќе инфраструктурни елементи, и тоа: идеални тревнати терени за одделни спортови, помошни спортски терени со тартан основа за повеќето спортови, осветлени спортски терени за ноќно рекреирање, централна административна зграда за спортска администрација, сауна/и, спа-центар, фитнес-сала/и, ресторан/и и кафетрија/и, медицински оддел за физикална, кинези и хидротерапија, апартмани за спортистите и за стручниот тим, безбедносна просторија, компјутерски центар за анализа, итн. Кога се работи за приватниот капитал тогаш работите се многу јасни, потребата на сопственикот на спортскиот колектив е да ги задоволи пред се сопствените интереси но и интересите на спортскиот тим. Овде може да се наведе примерот на сопственикот на ракометниот клуб Вардар од Скопје кој има изградено спортски центaр за потребите на неговиот спортски колектив. Како пример за спортска инфраструктура од јавен карактер може да се наведе СЦ Борис Трајковски во Скопје. Сепак, ова се инвестиции (јавни и приватни) во главниот град на нашата држава. Но, јас сум цврсто убеден дека потребата од спортување, рекреирање и уживање на секој поединец во нашето општество е голема, особено кога се работи за сопственото здравје и добрата психофизичка состојба на секој од нас, што укажува на податокот дека и останатите општини во државата имаат потреба од современа спортско-рекреативна инфраструктура.

Можни решенија за подобрување на спортската инфрастуктура

Во овој текст ќе се предложат решенија за подобрување на спортската инфраструктура преку јавните давачки т.е. преку финансиските средства собрани од даночните обврзници. Верувам дека ако како поединец се обратите до надлежните во општината или во градот со идеја за оживување на некој од подзаборавените спортски комплекси од минатото или пак визија за нова спортска инфрастуктура, веднаш ќе ви одговорат дека вашата идеја е одлична, но за жал општината или градот немаат финансии за реализација на такви капитални објекти. Токму од тие причини, коректно е да се изнаоѓаат соодветни решенија за оваа проблематика преку измени и дополнувања на постојните законски решенија кои ја третираат областа спорт. Би сакал да цитирам некои закони поврзани со спортот, и тоа Законот за спорт, кој во целост ја уредува областа спорт, Законот за финасирање во единиците на локална самоупрaва, кој ги третира односите околку општините и според мене во моментов најрелевантниот Законот за игри на среќа и за забавните игри. Што е тоа што може да се интервенира во Законот за игри на среќа и за забавните игри а да цели кон подобрување на спортската инфраструктура низ државата?

Она што е потребно е реактивирање на идејата за изменување и дополнување на овој закон многу прецизно и концизно во неговиот член 79, кој гласи: „За приредување на игрите на среќа во обложувалница, приредувачот на игри на среќа во обложувалница плаќа посебна давачка во висина од 20 % која се пресметува на разликата меѓу уплатениот износ од сите компјутери во сите уплатно-исплатни места на тој приредувач и исплатениот износ од сите компјутери во сите уплатноисплатни места, на месечна основа. (2) Посебната давачка од ставот (1) на овој член се плаќа до 15-ти во месецот, за претходниот месец. (3) Доказот за уплатата на посебната давачка од ставот (1) на овој член приредувачот на игри на среќа во обложувалница е должен да го достави до Министерството за финансии најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец“.

Во периодот кој следува, ќе наметнеме дебата околу предлогот за измени и дополнување на член 79 од законот, се со цел вметнување на нов член 79а кој би гласел вака:

Став 1: Заради развој, унапредување, афирмација и одржување на спортот, за изградба и реновирање и обезбедување на одржливоста на спортските објекти. Приредувачите на игрите на среќа во обложувалница, се должни да плаќаат посебна давачка во висина од 20% од остварениот вкупен годишен приход. Овие средства се строго наменски.

Став 2: Посебната давачка од ставот (1) на овој член се плаќа до 15 јануари, за претходната година.

Став 3: Средствата се уплаќаат на посебна наменска сметка, а доказот за уплатата на посебната давачка од ставот (1) на овој член приредувачот на игри на среќа во обложувалница е должен да го достави до Министерството за финансии најдоцна до 01 февруари, за претходната година.

Став 4: Распределбата на средствата од ставот (1) на овој член ја врши посебно тело формирано од Агенцијата за млади и спорт со одлука, а врз основа на посебна програма, и во кое членуваат преставници од спортските сојузи и, асоциијации, здруженија и преставници од високо-образовни иснтитуции од областа на спортот и градежништво и архитектура и истакнати спортски и научни работници.

Став 5: Составот, правата, обврските и надлежностите на телото се утврдуваат со посебен акт донесен од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Став 6: Распределбата на средствата се врши врз основа на програмата од ставот (4) на овој член која се изготвува врз основа на поднесени проекти од страна на спортските федерации и клубови. Средствата се распоредуваат рамномерно и пропорционално.

Став 7: Распределбата на средствата е јавна, и се врши врз основа на јавен повик кој се објавува секоја година во месец октомври, за наредната година. Резултатите од повикот јавно се објавуваат на веб страната на Агенцијата за млади и спорт и во печатените и електронски медиуми.

Причини поради кои се предлагаат овие измени

Според анализaта на Центарот за истражување и креирање политики, спортските обложувалници во Република Северна Македонија за прв пат се појавуваат во 1999 година и оттогаш па се до 2013 има над 200 спортски обложувалници со одобрение од Министерството за финансии. Извештајот наведува дека интересот за спортските обложувалници од година во година е се поголем, што укажува дека значително се зголемува и бројот на обложувачите, со (недоволно потврдени) податоци за 2015 година дека бројот е над 40 проценти - или скоро половина од граѓаните на Република Северна Македонија. Од причини што во постојниот Закон за игрите на среќа и за забавните игри нема предвидено средства кои се собираат на годишно ниво од самите корисници на услугите на обложувалниците за изградба на нови, и реконструкција и реновирање на постојните спортски објекти во Република Северна Македонија, беше неминовно да се вметне таква одредба во самиот закон. Идејата на предлог измените е да се подобрува спортската инфрастуктура како на централно, така и на локално ниво. Затоа е неопходно да се допрецизира законот со што би овозможил одреден дел од финансиските средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа за подобрување на спортската инфраструктура во државата.

Вреди да се истакне податокот дека четирите најголеми спортски обложувалници годишно имаат обрт на финансии близу 150 милиони евра, податок кој оваа дејност ја става над повеќето други стопански гранки и области. Токму од тие причини, коректно е дел од тие финансиски средства да се пренасочат кон подобрување на спортската инфраструктура. Во 2013 година беше објавен извештајот насловен 200 најголеми, според кој во топ 100 најголеми фирми, на високо 22 место, според годишен приход котира СПОРТ-ЛАИФ ТРЕЈД ДОО Скопје со вкупна сума од 4,365,652,429 денари. Следејќи го трендот на раст на спортските обложувалници во нашата држава. може само да се претпостави колкав е нивниот годишен профит денес. Од тие причини, мојот предлог е 5 проценти од тие 20 проценти финансии на секој компјутер врзан во систем од спортско обложување да се насочат во спортот и неговата инфрастурктура.

проф д-р Иван Анастасовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе