Изгубени во преводот и толкувањето или....?

НАТО организација? Ма, како организација! Воен сојуз или...

И покрај обидот за самоограничување на времето поминато пред ТВ приемникот (вести, дебатни емисии и сл.), освен, секако,  кога се работи за добрите  „европски“ (мултиетнички)  фудбалски натпревари (во недостаток на дебати за АКК, Annegret Kramp-Karrenbauer наследничката на Ангела Меркел; за најавата на Трамп за повлекувањето на САД од ИНФ - договорот со РФ, како и изјавата на Путин за суспендирање на тој договор; за причините и последиците од  пропаѓањето на  преговорите САД – Северна Кореа; за можните решенија за односите Србија – Косово; за претстојните избори за ЕП и можните последици за европската политика; за Макроновата визија за нова Европа и желбата конечно да ја заземе лидерската позиција во ЕУ; .....и многу, многу други актуелни теми),  пред некој ден на една наша ТВ со национална концесија, „налетав“ на дебата за претседателските избори, за НАТО членството,.....

Вниманието ми го привлече изјавата на еден наш поранешен дипломат и актуелен аналитичар кој изјави (слободна интерпретација ) „НАТО организација? Ма, како организација, тоа е воен сојуз! Се пренесува суверенитетот.... Со членот 5  од Договорот обврзани сме да учествуваме во воени акции доколку една од членките биде нападната... И затоа тоа не е организација, туку воен сојуз, и затоа треба да има референдум“.  

Можеби е коинциденција, но токму за тоа пишував во претходната колумна и го изнесов моето видување и разбирање (за членовите од Уставот бр 120 и 121), но, со додавка, дека кандидатот за ПРСМ, професорката по уставно право, сигурно компетентно ќе ја елаборира оваа тема.   

Пред да го дадам одговорот на (реторичкото) прашање на учесникот во дебатата „НАТО организација? Тоа е воен сојуз“, би сакал да изнесам две огради.

Не сум сигурен дали авторите на Уставот при формулирањето на чл.120 и 121 имале на ум конкретно членство во НАТО или пак некои  други сојузи/заедници (конфедерации или федерации).

Македонскиот јазик (*од групата на јужнословенски јазици) има доста лимитиран број на зборови и поимови. Иако се води силна полемика кој јазик во светот е најбогат, во мегјународните односи англискиот јазик е сепак доминантен (се извинувам на франкофоните). Во таа смисла за нашиот поим сојуз, во англискиот јазик адекватен израз е Аlliance (или по „нашински“ алијанса), но истиот има уште неколку синоними             (accordcompactconventioncovenantpacttreaty). Иако не е најбогат јазик, во англискиот речник се опфатени 171.000 актуелни зборови, 47.156 веќе застарени и 9.500 изведени зборови, односно  вкупно 228.000. Искрено не знам дали некој знае колку има македонскиот јазик.  

Да се вратам на темата. Меѓународна организација (МО) претставува институција во која членуваат најмалку три држави и кои се опфатени со формален договор. Унијата на меѓународни асоцијации разликува преку 250 меѓународни владини организации (МВО) и истите биле востановени со меѓународни договори и во кои членуваат држави (како и околу 6.000 невладини организации - НВО). Меѓународните организации во своите мандати имаат различни области на делување. За НАТО, односно за  чл. 5 од Вашингтонскиот договор, односно „колективната безбедност“ би сакал да укажам на неколку факти.

После страотната Прва светска војна, на иницијатива на претседателот на САД, В.Вилсон, беше формирана (1919) првата глобална меѓународна безбедносна организација, Лига на народите. Доминантна цел на Лигата беше да превенира можност од нови војни. Ратификацијата на Конвенцијата на Лигата не помина во американскиот Сенат и САД не стана членка. Тој обид да се создаде глобална организација која ќе се грижи за „колективната безбедност“ во светот, поради многу слабости во своето функционирање (и состав), како и поради егоистичните постапувања на најважните членки, полека згасна. Колективниот безбедносен систем на Лигата подразбираше државите да дејствуваат, доколку е потребно, и против држави кои тие ги сметале за пријателски, но ги загрозиле другите држави. Прв таков еклатантен пример беше кризата во Абисинија (Етиопија), кога Франција и В.Британија, избраа да не реагираат против Италија (иако чл. 10 од Конвенцијата на Лигата тоа го стипулираше), бидејќи преовлада интересот да не ги расипуваат односите со Италија и не застанаа зад членката на Лигата - Абисинија.

Да не заборавиме дека Лигата беше организација -  par excellence.   

Уште пострашната Втора светска војна ги наведе лидерите на антихитлеровата коалиција да размислуваат уште во текот на најжестоките воени операции за наследник на Лигата. Така, веднаш по завршувањето на војната беше формирана Организација на обединетите нации. ООН беше и е центарот на мрежата на меѓународните организации. Во контекст на темата, би го посочил поглавјето VII  од Повелбата на ООН, т.е. „Aкција во однос на закана на мирот, прекршување на мирот, и акти на агресија“, а особено членовите од тоа поглавјата  бр. 39 - 42.

 А ООН , како што самото име кажува, е организација.

Главата VIII од Повелбата на ООН („Регионални аранжмани“) дава основа (одобрува) „регионални аранжмани“ кои се во функција на „одржување на меѓународниот мир и безбедност“. Во чл.53 дефинирани се односите меѓу Советот за безбедност на ООН и „регионалните аранжмани“ во случај на примена на сила.

Во Преамбулата и членовите од Вашингтонскиот договор постои јасно повикување на Повелбата на ООН имајќи во вид дека НАТО е формирано согласно поглавјето VIII од Повелбата.

Впрочем, НАТО и во самото свое име го содржи поимот организација.

Во однос на „предавање на суверенитетот“ на МО (или конкретно на НАТО), тоа прашање постои од моментот кога како инструмент на мултилатералата биле создадени првите меѓународни организации (МО) и актуелно е до денешен ден. Особено е актуелно во однос на ЕУ членството. Како и да е, нема зачленување во МО без предавање (некаде повеќе, некаде помалку) на дел од националниот суверенитет на МО. Прашањето е само односот на „добивката“ и „загубата“. Ако тоа прашање било интригантно и чувствително во поранешните времиња, во ерата на денешната глобализација, станува (ако процесот на ре-национализација на државите не добие нов ветер во грбот), во голема мерка, излишно (или со убавиот англиски израз -  superfluous).

П.С. Лично немам ништо против одржување на референдум за членството во НАТО. Уверен сум дека мнозинството на нашите граѓани се „за“. Па, оттука се прашувам дали има потреба од нови трошоци и кампањи.  Мојата интерпретација за примена на членот 121 од Уставот нема политичка заднина (не знам дали и на учесникот во ТВ дебатата?).

Александар Тавчиовски

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кризата на вредности влијае негативно на балансот помеѓу императивот за слобода и потребата за безбедност, стеснувајќи го либералниот простор на современо конципираните општества.

повеќе

Mора да се научиме како да ги градиме политиките кои ќе водат кон осврт на сите теми важни за градење позитивен мир, но и реторички да останеме конзистентни на она за што се залагаме.

повеќе

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

повеќе