Колумна

Изборна алхемија

Македонските граѓани ја испорачаа првата казна за катастрофалното водење на државата од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 30 години.

Според партиските соопштенија изгледа дека на овие избори сите партии победиле. Партиите кои не успеаја да влезат во парламентот соопштуваат за изборни нерегуларности, кражба на гласови, притисоци. „Независни“ аналитичари и ликови кои се добро „информирани“, говорат за теории на заговор, претходно подготвено сценарио за да се контролираат Заев и Мицковски... Сѐ тоа е обид граѓаните да ги внесат во густа шума, за потоа да не можат да ги видат дрвјата.

Овој краток осврт на изборите е надвор од таа шема и се однесува на тоа што е егзактно, изразено во бројки, што може да го види и е достапно на секој граѓанин. А, бројките кажуваат сѐ. Одиме по ред.

На овие избори излегоа 942.334 гласачи. Тоа е 249.000 помалку гласачи во однос на парламентарните избори во 2016 година (тогаш гласале 1.191.812 гласачи).

За „македонските“ партии овој пат гласале 290.000 помалку гласачи во однос на изборите 2016 година, а за „албанските“ партии гласале 45.000 повеќе гласачи.

ВМРО-ДПМНЕ на овие избори изгубил 120.000 гласачи во однос на 2016 година.

СДСМ на овие избори изгубил 110.000 гласачи. Ако ги тргнеме гласачите кои гласале за БЕСА, тогаш СДСМ изгубил најмалку 150.000 гласачи во однос на изборите во 2016 година.

ДУИ на овие избори добил 16.000 гласачи повеќе во однос на изборите во 2016 година.

Алијанса на овие избори добила 47.000 гласачи повеќе во однос на изборите во 2016 година.

Левица на овие избори добила 25.000 гласачи повеќе во однос на изборите во 2016 година.

Оваа се бројките. Од нив произлегуваат јасни заклучоци.

Но, пред тоа да се задржиме на прашањето, зошто овие избори, за првпат во историјата на Македонија траеја 14 часа, наместо 12 часа? Доколку изборите траеја до 19 часот излезноста ќе беше едвај 46%. Но во последните два часа на „судиското“ дополнување, беа активирани сите можни човечки ресурси на трите најголеми партии, за да се стигне до бројката од 51% излезност. Кога знаеме дека за парламентарните избори не постои цензус (минимален број на гласачи кои треба да гласаат, за изборите да бидат валидни), зошто е измислена и спроведена оваа активност со продолжување на времетраењето на изборниот ден? Само поради една причина, легитимитет. Легитимитет во државата, но и легитимитет пред нашите меѓународни партнери. Оваа второто е круцијално. Доколку на изборите излезеа под 50% од граѓаните, работите ќе се одвиваа како што сега се одвиваат во Србија. Протести, немири, барања за оставки, нови избори и т.н.

Трите големи партии овој дел си го одработија.

Сега да се вратиме на бројките.

Во македонската историја на парламентарните избори, оваа е најмалата излезност на гласачите. Не излегоа да гласат граѓаните кои традиционално гласале за СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ. На овие две партии граѓаните им дадоа црвен картон од 290.000 гласа.

Од друга страна за овие две партии гласале вкупно 630.000 граѓани. Од нив 200.000 се партиски активисти, а 400.000 гласачи се членови на фамилиите на партиските војници. Овие гласачи мора да излезат и да гласаат за овие партии бидејќи нивните блиски ќе ги изгубат работните места, привилегиите или тендер врските со државата.

Според оваа, двете најголеми „македонски“ партии имаат реална поддршка на едвај 100.000 граѓани секоја одделно. Со овој минорен легитимитет, со пропорционалниот изборен модел со шест изборни единици и Дантовиот модел на пресметка на гласовите, овие две партии владеат со Македонија во изминатите дваесетина години. Но, ништо не трае вечно, па и оваа изборна алхемија.

За албанските партии не е потребна посебна анализа бидејќи е очигледен фактот дека цврсто го држат теренот и избирачкото тело. Кои се причините за тоа во некоја друга прилика.

Заклучок?

Македонските граѓани дефинитивно ја напуштија наметнатата матрица на двопартиски систем. Македонските граѓани повеќе не им веруваат на двете големи македонски партии.

Македонските граѓани ја испорачаа првата казна за катастрофалното водење на државата од страна на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во изминатите 30 години.

Македонските граѓани веќе не прифаќаат театар со „бомби“, ветувања од „Алиса на земјата на чудата“, вреќа брашно-кутија зејтин и најомразените две букви кај народот „ЌЕ“.

Со овие избори завршува тридецениската ера на квази демократија. Оваа е почеток на крајот на владеењето на мала група на луѓе со Македонија. Луѓе кои ги обединува единствено алчноста и борбата за богатење на сметка и на грбот на граѓаните.

Македонските граѓани ќе ја вратат вистинската демократија на наредните локални избори. На тие избори граѓаните нема да гласаат за партии, туку за луѓе. Вистински луѓе на советничките листи, вистински луѓе за градоначалници. Тоа е силата на народот. Сила која ќе ја натера централната власт да се откаже од тоталниот централизам и власта да ја префрли од државно на локално ниво. Граѓаните ќе го вратат својот суверенитет врз сопствена држава и таа ќе престане да биде сопственост на финансиско-политичката елита која ја донесе Македонија таму, каде што е денес.

 

Ангел Наков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе