Колумна

Историски комисии како пристап во надминување на историографско-политички конфликти

Како може да се надминат исклучивите и националистички толкувања на минатото: што работат комисиите?

Постојат неколку начини како да се надминат овие анахрони и очигледно штетни историски наративи во политиката, медиумите и образованието. Еден од нив, со долга историја во 20-от век, е токму формирањето на билатерални комисии за историски и образовни прашања. Меѓутоа, треба да се нагласи дека едно е политичката волја и иницијативност кои треба да ги подобрат политичките односи и да отворат пат за зближување и соработка, а друго е работата и посветеноста на интелектуалците за намалување на злоупотребата на минатото, за отворање тешки теми, и за развивање на педагогијата и културата на мирот во регионот. Немање посветеност во која било група може да води до неуспех во процесот на надминување на конфликтите.

Кога станува збор за дебатите за минатото, формираните билатерални комисии имаат за цел да го следат искуството на другите европски земји во надминување на ваквите симболички конфликти, како што се германско-францускиот, германско-полскиот, француско-италијанскиот, словенечко-италијанскиот и многу други примери. Освен тоа, вреди да се нагласи и тоа дека Македонија и Бугарија нема првпат да разговараат за минатото. Некогаш тоа се правело од страна на самите политичари и честопати се воделе апсурдни материјални расправи во кои тие меѓусебе си докажувале „чиј бил" Самуил, „чии биле" Кирил и Методиј и сл. (за „кафеанските" и безвредни формулации од типот „чиј бил/чиј е?" што и денес се среќаваат во политичкиот, интелектуалниот и медиумскиот говор, во некоја друга прилика). За разлика од овие разговори, работата на комисиите и позитивното европско и светско искуство предвидуваат сосема поинаков пристап. Македонија, заедно со Бугарија и Грција за првпат ќе се обидат преку работа на комисии за историски и образовни прашања да ги релаксираат политичките односи со префрлање на дебатите за минатото од политичко на академско ниво и, уште поважно, да се обидат да ги лоцираат точките/толкувањата во учебниците по историја во двете држави кои можат да предизвикаат конфликт, омраза или недоразбирања (на пр. говор на омраза, негување на култура на насилство, анахронистички толкувања, селективни и еднострани пристапи, националистички претензии, стереотипи и предрасуди, и сл.). Освен тоа, комисиите можат (но, не мораат) да работат и на развивање на заеднички или мултиперспективни наративи, со цел да се отвори простор и за други видувања за одредени контроверзни теми.

Тие воопшто не работат на ревидирање на историографијата или пак на давање насоки како историчарите да го толкуваат минатото. Едноставно, тие не се орган за цензура. Комисиите ниту го работеле тоа, ниту пак имаат таков мандат и желба. За среќа, тоа и не е можно во општества кои се декларираат како демократски. Оттаму, и критиките дека комисијата ќе пишува „нова историја" се засновани на непознавање на богатата меѓународна пракса на комисиска соработка или, пак, на намерно извртување на работите со цел да се разгоруваат емоциите на граѓаните. На пример, за договорот со Бугарија, во некои медиуми (Алфа ТВ, Курир) во Македонија критиките се состоеја главно во тоа дека Македонија „се откажува" од својата историја, дека други „ќе ни ја пишуваат" историјата, дека целата историја ќе се менува или дека ќе биде забрането да се пишува за окупацијата на бугарската армија во 1941 година, и слично. Притоа, и историчари, кои во минатото учествувале во бројни регионални и европски проекти за надминување на конфликтите засновани на толкувањето на минатото во учебниците по историја, негодуваа за формирањето на заедничката мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања, а чија цел е токму обид за надминување на потенцијалните конфликти. Интересно е и тоа што слични критики се среќаваат и во Бугарија и Грција, каде членовите на комисиите се нападнати дека ќе ја „продадат" историјата.

Во контекст на работата на комисиите, потребно е да се укаже дека како и сите досегашни комисии, така и оние со Бугарија и со Грција се формираат на паритетна основа и се однесуваат на анализа на учебниците на двете, а не само на едната страна. Едноставно кажано, работата на комисијата претставува дијалог во кој треба да се чујат гледиштата на двете страни, кои взаемно си укажуваат што е тоа што им пречи во учебниците по историја, а евентуалните препораки од комисијата се со единствена цел подобрување на квалитетот на учебниците и регионалното разбирање, а не „бришење" на националната историја. Толкувањето на историјата, како и пишувањето на учебниците по историја, секогаш ќе останат одговорност на самите истражувачи и автори.

Поаѓајќи од овие пристапи и разбирања, целта на комисиите е всушност подавање рака за надминување на конфликтите кои произлегуваат од различните толкувања на минатото. Историското образование во никој случај не смее да претставува „предвојничка обука" низ која младите ќе се учат да ги мразат соседите и да веруваат во идеи за големи држави, туку развој на критичкото мислење, кое пак ќе овозможи идните генерации да бидат помалку подложни на политички манипулации засновани на пристрасни или псевдо-научни толкувања на минатото, и тоа во трите засегнати држави. Освен тоа, треба да се спомне дека, комисиите за првпат даваат можност во учебниците во Грција и Бугарија да пишува и за историјата на Македонците, а не како досега тие воопшто да не се споменуваат. Исто така, комисиите даваат можност македонските научници да укажат и да влијаат кај нивните колеги во Бугарија и Грција да се отстранат сите толкувања кои потикнуваат создавање на големи држави на сметка на Република Македонија.

Покрај сите овие меѓународни искуства и пристапи коишто придонеле кон градење на добри односи со поранешните непријатели, мора да имаме предвид дека ние не можеме да ја игнорираме заедничката историја, ниту споделените истории, настани и личности. Во историјата сите процеси, настани и личности не се исклучиви и ексклузивни. Тие не се одвивале на некој остров изолиран од развојот на други процеси и истории. Напротив, процесите и историските развои се инклузивни и настануваат како резултат на преплетувања, вмрежувања, размени и контакти.

м-р Петар Тодоров и доц. д-р Дарко Стојанов

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, кој го одбележуваме во вторник (18 декември).

повеќе

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија и приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.

повеќе

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе