Обединета Ирска

Ирското обединување станува сè поверојатно

Време е да се почне да се размислува што може да значи тоа.

Поголем дел од векот откако Ирска стекна независност од Велика Британија, контролата врз земјата се менува меѓу две партии. На 8 февруари тој дуопол беше распарчен, кога Шин фејн го доби најголемиот дел од „првиот избор“ гласови на парламентарните избори во републиката. Партијата, поврзана со Ирската републиканска армија (ИРА), која низ 1970-тите, 1980-тите и 1990-тите се пробиваше со бомбардирање и пукање, победи со левичарска платформа што вклучува ветувања дека ќе троши повеќе за здравството и домувањето. Сепак, таа не ја криеше желбата за нешто многу поамбициозно. „Нашата основна политичка цел“, се вели во нејзиниот манифест, „е да се постигне ирско единство и референдум за единство, кој е средството за да се обезбеди тоа“.

Шкотската независност ги преплавува насловите уште од брегзитот, но време е да се признаат шансите за едно друго отцепување од Велика Британија. Успехот на Шин фејн на изборите е само последната причина да помислите дека обединета Ирска во рок од една деценија е вистинска - и сè поверодостојна - опција.

Оваа перспектива значи нешто што далеку го надминува островот Ирска. Ирската дијаспора вклучува повеќе од 20 милиони Американци. Учесниците во етничките конфликти низ целиот свет долго време пронаоѓаа заедничка кауза со римокатолиците од Северна Ирска, кои тврдат дека одвојувањето од југот е нелегитимен остаток од 500-те години неспособна и честопати опасна доминација од Лондон. Ирска, извор на пабови, поети, драмски автори и претерано многу евровизиски песни, ја има меката моќ да ѝ конкурира на една земја многу поголема од неа.

Сепак, до денес, обединувањето никогаш не беше нешто повеќе од републиканска фантазија. Дури и кога ИРА водеше крвава кампања во 20 век, уставниот статус на северот беше зацементиран со цврсто протестантско мнозинство и финансиска и воена поддршка од британската држава. Договорот од Белфаст од 1998 година ги смири борбите, во кои загинаа над 3.500 луѓе. Многу католици беа задоволни што се застапени во владата на Северна Ирска благодарение на тој договор и што нивната култура, знаме и спорт се слават и се субвенционираат. И протестантите си имаат терористи и за кампањата за обединување се сметаше дека е ризик од отворање на стари рани, со крвави последици.

Брегзитот е една од причините што сето тоа се смени. Северот гласаше против, но најголемата унионистичка партија и Англија гласаа за. Националистите не беа единствените што му беа гневни на сегашниот министер за внатрешни работи, кој предложи да се искористи заканата од недостиг од храна за да се омекне југот во преговорите, без оглед на гладот во 1840-тите, кога цела Ирска беше под британско владеење. Брегзитот, исто така, создава економска граница во Ирско Море, помеѓу Северна Ирска и Велика Британија, дури и покрај тоа што Ирска остана обединета во однос на добрата. Иако услугите ќе станат потешки за трговија со југот, тргувањето со добра ќе биде полесно отколку со Британија. Со тоа што шесте окрузи на северот се повеќе погодени од она што се случува во Даблин, таму ќе расте и вредноста на тој што го има владејачкиот збор.

Притисокот за обединување е за нешто поголемо од брегзитот. Пописот на Северна Ирска во 2021 година веројатно ќе потврди дека католиците првпат се повеќебројни од протестантите. Републиката, исто така, сега посрдечно прима луѓе. Влијанието на католичката црква драматично избледе и општеството стана либерално. Во текот на изминатите три децении, ограничувањата за контрацепцијата се укинати, а геј-бракот легализиран. Сето ова објаснува зошто поддршката за обединување во Северна Ирска се чини дека се зголеми во последните години. Во некои анкети, испитаниците покажуваат приближно еднаква поддршка за тоа и за статус квото.

Ова води до последната причина за размислување дека обединувањето е поверојатно. И покрај тоа што по Договорот од Белфаст и некои католици се помирија со останувањето во Обединетото Кралство, тој го одреди и начинот како северот би можел мирно да ѝ се врати на републиката. Еден британски државен секретар, кој смета дека е веројатно дека мнозинството се залага за обединување, е обврзан да свика гласање за уставниот статус на северот. За да се промени уставот на републиката, потребен е уште еден референдум на југот.

ЕУ веќе соопшти дека по таквото гласање Северна Ирска би можела да се врати во блокот под членството на Ирска, што значи дека за гласачите на Северна Ирска референдумот за ирското единство е и втор референдум за брегзит. За разлика од независна Шкотска, која ќе мора да оди сама (барем додека ЕУ не се согласи да ја прифати), Северна Ирска веднаш би се вратила во еден поголем, побогат клуб, од кој може да добие големи субвенции - ако не и, можеби, поголеми од субвенциите што ги добива денес од Вестминстер.

Постојат пречки и неизвесности. Неодамнешниот успех на Шин фејн може да сврти некои на северот против обединувањето. Може да испадне дека брегзитот има помал ефект отколку што се очекуваше. Британскиот државен секретар може да го искористи просторот за маневрирање во Договорот од Белфаст за да го одложи свикувањето референдум. Многу британски политичари се загрижени дека ваквото гласање би било административна главоболка или, уште полошо, би предизвикало насилство. Исто и нивните ирски колеги (освен Шин фејн), иако за нив секогаш мора да се гледа дека се целосно за обединување.

Сепак, порано отколку што очекуваат повеќето луѓе, моментумот за обединета Ирска би можел да стане незапирлив. Ако Шкотска избере независност, многумина во Северна Ирска би ја изгубиле својата прадедовска врска со Велика Британија. Ако владата во Вестминстер упорно одбива да признае дека постои мнозинство што е за обединување во Северна Ирска, тоа би можело да биде исто толку дестабилизирачко како и распишувањето референдум.

 

Зелените истрели на обединувањето

На островот Ирска му треба план. Приоритетот треба да биде да се открие како да се убедат унионистите дека за нив има место во новата Ирска. Потребна е работа на деталите на обединувањето - вклучително и како да се спојат два здравствени системи (од кои едниот е бесплатен), вооружените сили и полициските служби и што да се прави со девалвираното собрание на северот. Помага тоа што републиката да има одлична историја на таков вид уставни консултации предводени од граѓани, кои можат да помогнат во решавањето на работите. Политичарите од Велика Британија и Ирска треба да почнат да разговараат, исто така. Цената на ставањето крај на насилството пред две децении беше Северна Ирска, републиката и Британија здружено да го поплочат политичкиот пат кон обединета Ирска. Ако народот на северот и републиката го изберат тој пат, политичарите мора да го следат.

Економист

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

„Каде да летнеме викендов е пристап што како таков повеќе нема да постои“...

повеќе

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

повеќе

За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, 

повеќе