Колумна на Виктор Фридман

Името е Македонија. Северна Македонија

Повеќе од 40 години пишувам за самостојноста на македонскиот јазик и идентитет и на моменти бев подложуван и на физички напад поради моите ставови. Јас не би прифатил ништо што го негира признавањето на Македонија.

Колку е важно името? Доволно за да се одржи референдум за него. Така, во неделата, на 30 септември, од околу 1,8 милион гласачи во Република Македонија беше побарано да гласаат за името на својата земја, пишува американскиот лингвист Виктор Фридман, доктор по словенски јазици и литература. Прашањето гласеше: „Дали сте за членство во Европската Унија и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“

Промената на името има потенцијал да му стави крај на неколкудеценискиот спор помеѓу двете земји во врска со името, јазикот, националниот идентитет на Македонија, како и врз противречните толкувања на историјата.

Опишувајќи го проектот „Вистината за Македонија“, односно вкупно 38-те прес-конференции на кои тогашниот опозициски лидер Зоран Заев ги разоткриваше прислушуваните разговори, Фридман вели: Снимките се на интернет, и покрај нив лентите од Вотергејт изгледаат како учтиви муабети: тие документираат неверојатно ниво на корупција, вклучувајќи изборна измама, поткуп, кршење на имотно право и на градското планирање, злоупотреба на јавните фондови, одмаздничко уништување имоти, судска корупција, прикривање убиства и заговор да се изврши силување. Бомбите доведоа до десетици индивидуални судски процеси, но судењата се одолжија или се заглавија.

Слабиот референдумски одѕив може да е последица на фактот што многу Македонци и понатаму зависат од покровителските мрежи на ВМРО-ДПМНЕ за своите работни места, што ѝ овозможува на партијата да ги заплаши за да не одат на гласање, вели Фридман и додава дека „вистинските одлуки ќе бидат донесени во парламентот, каде што владејачката коалиција на СДСМ контролира само ситно мнозинство и не може сама да ја протурка промената. Со цел да се добие потребното двотретинско мнозинство за да се овозможи промената на името во уставот, на владата ќе ѝ требаат десет гласа од опозициските пратеници. Некои набљудувачи шпекулираат дека СДСМ ќе помилува еден од главните осомничени што се вмешани во скандалот 'Бомби' за неопходните гласови на опозицијата.“

За да се разбере зошто влоговите се толку високи, вели Фридман, еве малку лингвистичка историја. Односот помеѓу Античките Македонци и Античките Грци е неутврден, поради недостигот од пишани докази. Меѓутоа, она што денеска го нарекуваме „современ македонски“ не е современа верзија на античкиот македонски, туку сосема посебен јужнословенски јазик чии прадедовски говорители дошле на Балканот од североисточна Европа пред околу 1.500 години - околу десет века откако античкиот македонски последен пат се зборувал во регионот. (Слично на тоа, Французите зборуваат на еден од романските јазици со корени во латинскиот, но го нарекуваат јазик français, изведено од Frank, германско племенско име.)

До крајот на деветнаесеттиот век, Грција, Србија и Бугарија се обидувале да се прошират на север, на југ и на запад, по тој редослед, на сметка на Отоманската Империја. Сите три земји зеле дел од географската област наречена Македонија, а во 1913 година, Грција успеала да ја анектира јужната половина од тој регион. Сепак, повеќето луѓе на анектираната територија зборувале македонски, а не грчки. За да го зацврсти своето право на она што сега е нејзината провинција, Грција почна систематска кампања за наметнување на својот сопствен јазик на сметка на македонскиот јазик и на сите други јазици што се зборуваа таму, вклучително и влашкиот и албанскиот јазик.

Таа историска агресија е дел од она што го мотивира грчкиот антагонизам кон докажувањата на македонскиот национален и културен идентитет во последниве децении: грчките лидери имаа тенденција секое тврдење за посебна македонска нација со посебен јазик да го гледаат како закана за територијата што ја стекнале во 1913 - закана за националниот и територијалниот интегритет на нивната земја. Затоа тврдеа дека терминот „македонски“ може да се однесува само на јужниот дел од регионот, контролиран од Грција. Тврдокорните во Република Македонија одговорија со копирање на овој популистички и ексклузивистички наратив.

Преспанскиот договор, вели Фридман, нуди излез од овој круг од обвинувања преку вистински компромис. Прво, Република Македонија навистина се простира само на северниот дел од поширокиот географски регион на Македонија, како што е дефиниран во изминативе два века. Така, промената на името во „Република Северна Македонија“ е географски соодветна без на ниеден начин да ги доведе во прашање денешните граници на Грција.

Второ, двете страни се согласуваат дека официјалниот јазик на Македонија „е 'македонскиот јазик', како што е признаен од Третата конференција на ОН за стандардизација на географските називи, која се одржа во Атина во 1977 година“. Текстот на оваа конференција го споменува македонскиот вкупно седум пати, секогаш како јазик со своја кирилична азбука. На тој начин, Преспанскиот договор потврдува дека Грција го признава македонскиот како самостоен јазик.

Трето, членот 7, став 4 од Преспанскиот договор гласи: „(Македонија) забележува дека нејзиниот официјален јазик, македонскиот јазик, е во групата на јужнословенски јазици. Страните забележуваат дека официјалниот јазик и другите атрибути на (Македонија) не се поврзани со античката грчка цивилизација, историја, култура и наследство во северниот регион на (Грција)“. Оваа формулација е обид да се успокои Грција во нејзиното барање дека употребата на името „македонски“ за современ народ и јазик значи дека тие потекнуваат од хеленската култура и е јазик поврзан со Античките Македонци. Во минатото, некои македонски националисти за ова тврдеа дека современиот македонски всушност потекнува од античкиот македонски и дека затоа не е словенски јазик. Ова е како да кажете дека францускиот потекнува од франкскиот, а не од латинскиот. Преспанскиот договор ѝ става крај на оваа јазична будалаштина и ги исправа работите за историските корени на современиот македонски јазик. Во исто време, договорот признава дека истиот термин - македонски - може да има различни значења во зависност од времето и местото. Сугерира, во суштина, дека има повеќе од едно толкување на историјата.

Националистичките гласови во Македонија и понатаму ја осудуваат промената на името како неприфатлива отстапка кон Грција и напад врз македонскиот национален идентитет. Сепак, вели Фридман, jaс повеќе од 40 години пишував за самостојноста на македонскиот јазик и идентитет и на моменти бев подложуван и на физички напад поради моите ставови. Накратко, јас не би прифатил ништо што го негира признавањето на Македонија.

Освен тоа што македонската држава ја добива легитимноста што долго време ја уживаат повеќето нејзини соседи, постои силен прагматичен аргумент за решавањето на спорот: тој го отвора патот за влез на Македонија во НАТО и во ЕУ. Како што рече Џес Бејли, американскиот амбасадор во Македонија, овој чекор ќе ги претвори Албанија, Бугарија и Грција од „соседи“ во „сојузници“ врзани со договор. Особено членството во НАТО може да ја заштити Македонија од идните закани за нејзиниот територијален интегритет во еден регион сè уште прошаран со етнички тензии по голем број од границите. Фактот што и десната националистичка ВМРО-ДПМНЕ и Русија се спротивставија на референдумот укажува дека е во најдобар интерес на Македонија да го изгласа.

Пред неколку недели бев на пазарот во Струга, езерски град во југозападна Македонија. Брачен пар што продаваше керамика изрази сомнеж во тоа дали членството во ЕУ ќе им користи. На крајот на краиштата, посочија тие, приклучувањето кон ЕУ честопати доведува до зголемување на цените, додека платите стагнираат. Јас одговорив дека влегувањето во ЕУ можеби нема да им користи сега, туку ќе отвори огромни можности за идните генерации, вклучувајќи ги и нивните деца.

Тие ја сфатија поентата - исто како и голем број Македонци.

Извор: Форин аферс

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе