Има или нема план Б Македонија?

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

Јас само би додал, дека заради нашето незнаење ние немаме ниту план А. Голем дел од споменатите, ирационално размислуваат дека немаме друга алтернатива за влезот во ЕУ и затоа стојат на ставот дека немаме друг план, а не размислуваат рационално за можностите кои ни стојат на располагање за различни пристапи или алтернативи (планови) за самото преговарање.

Имаме и алтернатива на ЕУ која ја предложи францускиот претседател, а пред тоа ни се нудеше и пристап до економската ЕУ. Имавме многу идеи за алтернативи, ама оние кои требаше тоа да го искористат немаа знаење како да ги искористат.

Немам намера никого од споменатите лично да навредувам. Меѓутоа морам да кажам, дека од полтички аспект сите кои велат дека немаме и не е можен план Б, се карактеризираат како незавршени студенти во струката иако тие веќе дипломирале на некој од нашите факултети. Јасно е дека, тоа нивно знаење е недоволно за решавање на нашите проблеми и е далеку од она кое нивните колеги го стекнуваат во странство, какво што е она за преговарањето, дипломатијата, националните интереси, градење на консенсус, стратешки и прегварачки игри и сл. Затоа Македонија повеќе од 30 години е заглавена во жив песок, во кој со секоја измината година тоне се подлабоко.

Веднаш да расчистиме. Историски беше сосема јасно и предвидливо дека процесот на преговарње со Бугарија ќе тече во насока на напад и одбрана на нашиот македнски национален и државен интерес, бидејки оваа земја во изминатите седумдестина години ги оптоваруваше односите со многу нивни историски фрустрации. Таа психолошко- политичка состојба на спротивната страна им ја олесни договорот од 2017 година, давајќи им можност за зголемување на верувањето дека играта ќе биде вин-луз, со што ќе ги залечат своите неизживаени соништа за голема Бугарија.

За овие надежи кај соседите, голема заслуга има претходниот неук, некомпетентен и крајно наивен премер, кој од мали нозе имал многу повеќе чувства за интересите на соседите, отколку за Македонија и Македонците. За жал него го поддржуваат многу идентитетски неопределени политичари и новинари, некои од нив и забегани, кои до пладне се мразат себеси, а попладне се што е македонско. Меѓу нив имаше и поединци професори на факултет, чии „учебници“ за преговарање, дипломатија и меѓународна политика за студентите, кога ќе се споредат со она што јас го поседувам во мојата лична библиотека, а се напишани од врвни професори од Харвард, Џорџ Мејсон и други универзитети во светот, не заличуваат ниту како литература за деца од основните училишта.

Ако надлежните ги разбереа овие фрустрации на власта во Бугарија, јасно ќе беше дека за неговото решение треба квалификувано знаење и вештини, па можеа претходно да го искористат пристапот на „brainstorming“-от или повикување на познати наши интелектуалци и научни работници, замолувајќи ги слободно да ги искажат нивните идеи за проблмот и текот на преговарањето. Ама со сигурност може да се потврди дека нашите надлежни, неспособни, и нивните покорни следбеници немаа и за тоа знаење. Така и овој пат како и претходно, тие незнаејќи, пропуштија прилика да приберат едно богатството на идеи кое можеше сериозно да се искористи за решавање на проблемот со преговарањето, а особено за стратегијата. На крајот стоеше и можноста да побараат и странско знаење. Ама и тоа не го сторија.

Наспроти споменатите кои не искажаа знаење, знаење ни презентираа наши млади луѓе кои се школувале на врвни универзитети во странство и кои имаат свои погледи за решавање на проблеми слични на нашиот актуелен. Во средата, на 4 мај, во вечерните часови на ТВ Алфа, во емисијата „Заспиј ако можеш“ (телевизијата инаку е под силен притисок на нашата „вери импортант демократска“ власт), по втор пат гостуваше еден нашинец кој е професор на унииверзитет во Канада, презентирајќи ги неговите идеи за проблемот со Бугарија. Еве ја неговата идеја - безусловно да се прекинат преговорите за историските прашања, а да се преговара за се друго. Приоритет да имаат Копенхашките критериуми. Дури ако треба од ЕУ да се реактивира нивниот предлог за приклучување кон Европската економска заедница каде што е членка Норвешка и други земји. Таа алтернатива ни била понудена и одбиена од нашиот претседател на државата. Значи сепак и покрај се, сме имале своја алтернатива или план Б, како да се преговара за да добиеме согласност за влез во ЕУ.

Да го споменам и тоа дека професорот Андрески, исто така нагласи дека што повеќе ја нагласуваме потребата од ЕУ како безалтернативна, ние си ја урнисувме нашата појдовна позиција и на Бугарија ѝ давме шанси да ги зголемува постојано своите барања. Логиката според мене, му е дека со откривање на своите цели/намери во преговарањето забегуваме во губитнички исход, свесно или не.

На крајот само да додам дека овој нашинец, предава на Кралскиот универзитет во Канада и тоа за стратешки игри во сферата на бизнисот. Значи признат и познат професор, со статус за кој нашите политичари и новинари, кои немаат план Б можат, само да сонуваат.

Сега доаѓам и до некои идеи на наши интелектуалци, пласирани во многу наши медиуми, од кои може да се согледаат и други идеи и да се искористат за решавање на проблемот. Тоа е третата алтернатива, односно планот В. Од сето тоа, јас ја издвојувам идеата за Санстефанска Бугарија и потоа настанувањето на нивниотот јазик на сличен начин како што постанал и нашиот, ама тие тоа поинаку го презентираат за македонскиот јазик. Понатаму ако нас не оформил Тито, тие денес се најрепрезентативната творба на Информбирото и Сталин, а сепак членка на ЕУ, концепт кој потоа широко е прифатен и вграден во политиката и образованите, од страна на Тодор Живков во Бугарија.

Значи ние имавме аргументи да разговараме на рамноправна основа со оваа земја која се уште има нацонал- фашистички аспирации кон нас. Свесен сум дека голем дел од нашите политичари, новинари, нашите членови на комисијата за историја, ќе ми забележат или ќе ме осудат за ваквите мои размисли на еднаквост, заради тоа што ние сме биле страна кој треба да ја моли Бугарија за влез во ЕУ и затоа сме требале да бидеме многу внимателни во изборот на нашите аргументи во преговарањето. На тоа јас одговарам: кога немаш поим од преговарање за интереси, тогаш низ твоите леќи се ти изгледа како лошо или како добро, зависно од тоа кој тоа ти го соопштува и во која прилика. Ама тоа за оние кои ја знаат таа теорија е сосема јасно. Аргуменитите се аргументи, факти и за едните и за другите, со цел да се одбрани својот идентитет, државност, националност, како врвен национален интерес кој бесрамно и без почит ти се загрозува, а во преговарањето треба да се внимава само како тие ќе бидат употребени за да се придобие спротивната страна. За тоа, врамувањето на емоциите ни беше насушно потребно со оглед дека и ние го доведуваме во прашање нивното постоење, како што тие го негираат нашето. Само така, преку дистрибуирање на нашите интереси се постигнува баланс во споменатиот пристап на преговарање за интереси и исход кој би заличувал на вин-вин. Сега сме во ќор-сокак и не знаеме што да правиме, а за тоа политички се одговорни, претседателот на државата, а потоа и премиерот, самофалениот хардвардовец и министерот за надворешни работи, од кого А(х)мети очекуваше претерано многу. Значи ем не покажаа знаење, ем не побараа помош од оние кои знаат. Се оцрнија самите, не запустија нас!

Во поткрепа на овие мои погледи, околу односите, емоциите и интересите во преговарањето, би сакал накратко да наведам еден пример, кој е многу илустративен и познат во пошироки рамки во меѓународните односи, а кај нас верувам непознат, а можеше да биде корисен ако го знаеја и употребеа нашите надлежни за преговарњето со Бугарија. Тоа се преговорите меѓу претседателите на Еквадор и Перу, за нивниот граничен спор, водени во почетокот на последната декада од минатиот век. Примерот на Еквадор е толку убедлив, бидејќи е репрезент на одлично подготвено и остварено преговарање. Претседателите Махуд, на Еквадор и Фуџимори на Перу, просто владеја со врамувањето на емоциите, преку обостарното изразување на разбирањето и оценувањето, односно признавањето на вредностите и интересите на другата страна, потоа градењето на здружувањето, односно во слободата на изнесувањата на чувствата и размислувањата, акциите и одлучувањето во своите држави и на крајот меѓусебното признавање на нивниот статус. Требаше ли да го знае ова нашиот харвардовец?

Јас мислам дека со ваков пристап, каков што го споменав, надограден со врамувањето на емоциите, ќе имавме и подобри односи и ќе бевме поблиску и до ЕУ, отколку со понижувачко однесување и преговарање без концепт и знаење. Така заради комплетната неспособност на нашите надлежни, вклучувајќи го и отсуството да се побара знаење од оние кои знаат, повторно клекнувааат и молат други да ни ги решаваат нашите национални интереси.

Ќе завршам со едно мое размислување: ако во досегашниот тек на преговорите не го искористивме споменатото погоре од овој текст, со цел да не го налутиме Борисов и другите, сега е моментот кога треба да го употребиме сиот арсенал против барањата на другата страна од мојата алтернатива В, а кои се надвор од она што предвидува ЕУ, какво што наметнува споменатиот Борисов и другите.

М-р Ѓорѓи Трипков, економист аналитичар, пензионер

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе