Има и правни и политички решенија за проблемот со името

Организацијата на ОН има должност да ги почитува правата на секоја енјзина членка и има одговорност кога тие права се прекршуваат, како во случајост со Македонија и нејзиното уставно име.

Во врска со кршењето на горенаведените членови на Повелбата од страна на органите на ОН, Македонија има право да бара рамноправен статус во ОН со другите членки на ОН, врз основа на став 1 од член 2.

ОН се должни да и обезбедат на Македонија рамноправен статус. За разрешувањето на прашањето на името на РМ во ОН, во рамките на односите на Македонија со ОН, можно е, зборувајќи генерално, да се следат два основни модалитети на дејствување: политички и правен.

Политичкиот правец на акции е насочен спрема политичките органи на ОН и може да ги вклучува сите релевантни акции во Генералното собрание на ОН. Правниот правец на дејствување може пак да го инволвира Меѓународниот суд на правдата - МСП.

Политичкиот правец на дејствување вклучува барања до Генералното собрание на ОН за почитување на Резолицијата на Генералното собрание 197/3 од 1948 година, односно советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата од истата година, во врска со постапката за прием на членки во ОН, односно поставување на дополнителни услови при приемот надвор од пропишаните во Повелбата.

Мерки и акции сврзани со политичкиот приод кон предметот

При разрешувањето на проблемот на името на РМ во ОН со политички средства, потребно е да се преземат определени мерки и акции како на домашен, така и на надворешен план. Овие мерки и акции се взаемно поврзани и бараат неопходно усогласување, единствено планирање и соодветна анализа.

Треба да се дефинираат ставовите на РМ во врска со воспоставувањето на уставното име на РМ во ОН, донесување на одлука и на надлежните политички тела во врска со ова прашање и генералните насоки и средства при неговото решавање.

Треба да се информираат релевантните светски политички фактори и да се придобие нивното разбирање, согласност и спремност за соработка, односно поддршка при акциите на Македонија во ОН и на други места за позитивно разрешување на прашањето за името на РМ во ОН. Во оваа фаза треба да се спроведат следните мерки и акции (без претензија на исцрпност и редослед):

- Селективно запознавање на владите на државите - членки на ОН со македонските ставови во врска со кршењето на одредбите на Повелбата при нејзиниот прием во ОН, како и анализа на нивните реакции.

- Дозирано запознавање на меѓународната и домашната јавност со овие ставови и правење анализи на нејзините реакции.

- Контакти со владите на државите кои ја признале Македонија под нејзиното уставно име и со други пријателски земји за добивање на поддршка при покренувањето на прашањето за воспоставување на уставното име на РМ во ОН, или покренување на иницијатива, поединечно или како групација држави - членки, за регулирање на ова прашање во согласност со Повелбата.

- Контакти со владите на државите - членки на Советот за безбедности, нивно запознавање со ставовите на Македонија во врска со нејзиниот прием и статус во ОН, придобивање на нивното разбирање и (или) поддршка за тие ставови и анализа на резултатите од тие контакти.

- Ззапознавање на Генералниот секретар на ОН со ставовите на Македонија во врска со нејзиниот прием и статус во ОН, како и со планираните чекори на РМ за воспоставување на нејзиното уставно име во ОН.

- Придобивање на политичка поддршка за ставовите на Македонија и од внатрешно - политички фактори во некои од државите - членки на ОН.

Покрај овие надворешно - политички мерки и акции во оваа фаза треба да се преземат и соодветни активности и на внатрешен план како поддршка на оние на надворешно - политички план.

И на крајот, Македонија треба да се обрати до Генералното собрание на ОН со барање за воспоставување на нејзиното уставно име во ОН, а врз основа на повредата на членовите на Повелбата кои се однесуваат на нејзиниот прием и статус во ОН и непочитувањето на Резолуцијата 197/3 (од 1948 година) на Генералното собрание. Времето за поставување на ова барање треба да се одреди врз основа на политичка проценка на расположението во политичките органи на ОН, односно земјите - членки на ОН, за да се обезбеди позитивен исход на акцијата.

Мерки и акции сврзани со правниот приод кон проблемот

Овој приод ќе се примени само ако политичкиот приод го донесе очекуваниот позитивен резултат.

Во оваа фаза се донесува политичка одлука за воспоставување на уставното име на РМ во ОН со правни средства. Се предлага да соодветниот модалитет за правно решавање на спорот да биде преку обраќање на Генералното собрание до Меѓународниот суд на правдата.

Треба да им се предочи на органите на ОН дека е настаната разлика во толкувањето на членовите 4 и 2 од Повелбата и да се соберат сите релевантни материјали за правна поддршка на македонските ставови при нивното разгледување во судот. Соодветните мерки и акции во оваа насока вклучуваат:

информирање на политичките органи  на ОН за ставот на  РМ и формулирање на прашањето за кое Меѓународниот суд на правдата треба да даде советодавно мислење.

И на крај треба до Генералното собрание на ОН да се обратиме со барање да се побара советодавно мислење на Меќународниот суд на правдата.

Со повредата на споменатите членови на Повелбата, од ОН се повредени и следните права на Македонија:

- правото на прием во членство на ОН без дополнителни услови (во однос на пропишаните во Повелбата);

- правото на суверена еднаквост со другите држави во постапката за прием и со државите - членки после приемот;

- правото на почитување на правната личност и правниот идентитет на државата;

- правото на немешање во внатрешната јурисдикција на државите

Организацијата на ОН има должност да ги почитува овие права и според меѓународното право, чиј субјект е таа, има одговорност за нивното прекршување. За воспоставувањето на уставното име на РМ во ОН изложени се два општи приода, политички и правен.

Дискриминаторниот статус на Македонија во ОН во поглед на името не може да биде одржив во недоглед. Волјата при изборот на името на државата, како инхерентно право, не може да се ограничува со средства и инструменти од диспозитивниот дел на меѓународното право. Оттука следува дека постојат објективни причини да се верува во позитивно регулирање на прашањето за користење на уставното име на Македонија во ОН.

Проф. Д-р Игор Јанев

Продолжение 1

 Продолжение 2

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Неопходно е да се надминат бариерите кои во моментов се присутни во регулаторната, политичката, финансиската и пазарната рамка и кои го кочат напредокот кон обновливите извори на енергија.

повеќе

За прв пат имаме постапки за амнестија кои не се водат по службена должност (ex officio), туку по приватна иницијатива на засегнатите странки (ex privata).

повеќе

Причината за загриженост не е дали ЕУ успева да создаде функционални и стабилни земји или не, туку тоа што ангажманот на ЕУ во регионот води кон губење на кредибилитетот на Унијата како меѓународен актер и кон неуспех на нејзината Заедничка надворешна и безбедносна политика.

повеќе