Има и други алатки за македонско-бугарскиот спор

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

„Ако имаш само чекан, сѐ ќе ти личи на шајка“. Оваа изрека му се припишува на американскиот психолог Абрахам Маслов, творецот на теоријата за хиерархијата на потребите, една од темелните теории на хуманистичката психологија.

Нашите североисточни соседи напнаа да нѐ убедуваат дека Гоце Делчев не бил Македонец?! Во тој нивен подвиг одбиваат да користат каква било друга алатка надвор од науката историја.

Етничка припадност, народ и национална самоопределба се категории кои ги проучува антропологијата. Историјата тука свири втора виолина. Ако некој инсистира само со чеканот на науката историја да го крши тој орев, нема како да не си ги исчука прстите.

Во истата когнитивна дупка се пропаднати и тие што ни соопштија дека немало македонски јазик?!  И зошто? Затоа што бил кодифициран на одреден датум и на одредено место!?

 Бугарскиот јазик претрпел не еден, туку шест обиди за кодификација.

Прв обид - неуспешен. Во 1896 година група филолози од Вишото училиште во Софија: Л. Милетич, А. Т. Балан, Б. Цонев, И. Шишманов и други излегле со предлог правопис и го публикувале во списанието „Български преглед” (1896). Жртви: буквата й, заменета со буквата i, буквите я и ю заменети со iа, iу, буквите ΙѪ и Ѫ заменети со ъ и други букви. Буквата Ѣ некаде преживеала, некаде се претворила во е. Буквите ъ и ь се исфрлени од краевите на зборовите.

Втор обид - успешен, ама со краток век. Во 1898 година Ив. Вазов како министер за просвета, без да назначува нова комисија, отпечатил: „Упътване за общо правописание”. Воскреснати: й, я, ю, ΙѪ, Ѫ и рехабилитирана Ѣ. Буквите ъ и ь се вратени на краевите на зборовите.

Трет обид - успешен. Во 1899 година Тодор Иванчов, министер за народна просвета, издал наредба за воведување на правопис кој е познат како Иванчевски (според министерот) или како Дриновски (според Марин Дринов), а некојпат се нарекува и Дриновско-Иванчевски. Сите букви се рехабилитирани и буквите ъ и ь се вратени на краевите на зборовите.

Четврт обид - неуспешен. Во 1921 година министерот за просвета Стојан Омарчевски се обидел да го упрости правописот преку отстранување на некои, за широките народни маси, тешки за усвојување букви. Жртви: буквата Ѣ заменета со я и е, буквите ъ и ь се исфрлени од краевите на зборовите, и уште три други жртви... една од нив и министерот Омарчевски: „арестуван“ после деветојунскиот преврат. Но за среќа го преживеал затворот.

Петти обид - успешен но со рок на траење. Година 1923, воскреснати: буквата Ѣ - насекаде, буквата ѫ не баш насекаде, буквите ъ и ь се вратени на краевите на зборовите...

Шести и последен обид - успешен. Датум: 27 фебруари 1945 година, цели шест месеци и 25 дена ПОКАСНО од кодификацијата на македонскиот јазик. Место на објавување: „Държавен вестник“ - Софија. Жртви: буквата Ѣ, заменета со е и я, буквата Ѫ заменета со ъ, буквите ъ и ь се исфрлени од краевите на зборовите, но поучени од историјата, не губат надеж.

Вака изгледа кога оревот јазик се крши со чеканот историја.

Горан Стојанов

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Мора да се пристапи кон воведување нови мерки за поголема контрола на лицата кои поседуваат нелегални пари.

повеќе

Визија на развиениот свет е државните авторитети да го гледаат спортот како средство за подобар економски и социјален развој.

повеќе

Јавните медиумски сервиси треба да бидат столб на демократските општества и примарен извор на информации за сите граѓани.

повеќе