Игор Спасов, доста беше криење, врати се назад во татковината макар и во затвор

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

Спасе, те знам многу добро, знам како дишеш колку и да си се променил во меѓувреме. Пред неколку дена те зборев во емисија на ТВ24 и, за разлика од другите, кажав неколку убави зборови за тебе. Но, тоа не е доволно. Сакам да ти кажам уште многу работи. Затоа те повикувам, доста си ја мачиш душата, дојди си дома во татковината, блиску до семејството, блиску до сопругата и твоите две мали деца. Иако ќе мораш да се вратиш во затвор сепак ќе бидеш блиску до нив, ќе можат понекогаш да те посетат, да те допрат, да те видат. Сѐ додека правдата не ја истуркаме на виделина.

Запрашај се Спасе како им е нив, на твојата кревка сопруга, на твоите златни деца? Секоја информација за тебе, од кои повеќето се лажни или извитоперени, постојано им го кине срцето. А богами има толку многу неточни работи за тебе.

Спасе, Спасе, ученику мој. Секогаш кога ќе ми текне на тебе пред очи ми излегува оној Спасе од 1998-та кого првпат го видов во елитната полициска Единица за специјални задачи (ЕСЗ) во касарната Илинден. После мене, ти беше вториот штипјанец кој влезе во таа единица. Но, не беше доволно да влезеш, требаше и да останеш, а тоа богами воопшто не беше лесно особено ако се земе предвид дека јас ти бев командир на вод и заедно со останатиот извонреден старешински тим од тебе требаше да направиме добар специјалец. Навидум тешка задача имајќи предвид дека беше бааѓи слаб и тенок и често, на шала, на штипски ти велев дека си како „стап за ораси чукање“ на кој стојат само две уши. Со посветен тренинг, со невидена упорност и пожртвуваност, и најмногу со срце, ти Спасе, под моја директна команда, за неколку години, стана одличен специјалец. Спасе „стапот за чукање ораси од Штип“ го снема. Наместо него наутро на смотра, пред мене стоеше грамада од човек, со куп еластични мускули управувани од извонредна интелегенција и што е најважно со огромно срце. Срце кое никогаш не ти дозволи твоите соборци да ги оставиш на цедило, тогаш кога беше најтешко, тогаш кога се гинеше.

 

Се сеќавам, неколку години подоцна, кога јас како командант во Посебните полициски единици со петнаесетина полицајци влетав во заседа на УЧК на Шара, два часа подоцна кога муницијата ни беше при крај и ни се пишуваше црно, ти, заедно со уште 20-тина специјалци од Тигрите нѐ извлековте од смрт. Јас тоа Спасе никогаш нема да го заборавам. Истрелите, експлозиите, тропањето на куршумите по оклопот од транспортерите. И не само тоа, борбите на Шара, борбите за тетовското Кале, борбите во Кумановско-липковскиот регион, борбите во Матејче кога го изгубивме Аце, борбите во Арачиново кога ги изгубивме Никола и Оливер. Никогаш нема да ги заборавам сите ужаси низ кои поминавме бранејќи ја државата. Ти Спасе, нема боиште на кое не си учествувал, нема борба во која не си бил. Бев горд на тебе и постојано се фалев дека јас сум ти учител и сум те научил од нула, како да држиш пиштол, како да пукаш со пушка и митралез. Набргу потоа војната заврши, нас не расшутираа на сите страни, и кај треба и кај не треба.

До ден денес не ми е јасно како специјалец од твој ков заврши во обезбедувањето на Груевски. Факт е дека кај него и кај Мијалков имаше еден куп мои ученици бидејки за воља на вистината тие ги бираа најдобрите.

Таа вечер Спасе, си отишол на работа како и секој друг ден. Но денот не беше како и секој друг ден. Се славеше валканата победа на тогашното ВМРО-ДПМНЕ. За човек како тебе лесна задача во мир, во навидум пријателско опкружување. Сѐ додека едно младо невино момче не се обидело да се качи на бината. Дотука сѐ е јасно. Но, зошто младиот Мартин се качил на бина? Што сакал да му каже на тогашниот премиер Груевски? И што се случувало понатаму? И тогаш и сега можат да се наслушнат информации дека некој друг, претходно, на друго место некаде во близина, го удирал Мартин. Постојат многу шпекулации. Како и да е, за да се намали политичката штета од овој настан врз угледот на ВМРО-ДПМНЕ, целата вина беше префрлена врз тебе Спасе. Дури, се слушаа шпекулации дека свесно си ја презел целата вина врз себе иако си знаел дека ти не си крив. Зошто ја презеде целата вина, дали и што ти било ветено знаеш само ти и се надевам дека кога ќе се вратиш во затвор во Македонија, ќе смогнеш сила и ќе ја кажеш твојата верзија, колку  да е болна за тебе или за некој друг.

Спасе, Спасе, ученику мој, како твој поранешен Командир на вод и поранешен Заменик командант на Тигрите, од срце те повикувам, доста бегаш, доста се криеш, доста си ја мачиш душата! Дојди си дома во татковината! Иако во затвор ќе ти биде полесно! Вака во бегство ненамерно правиш голема штета! Си правиш штета себеси, му правиш штета на твоето семејство, ни правиш штета и нам на владејачката коалиција. Ни правиш штета и тоа голема штета. Безмалку да нема ден некој да не те спомне, некој да не’ не обвини дека намерно си бил пуштен, а и ти и јас знаеме дека тоа не е точно.

Дојди си дома во татковината, а јас ти давам збор дека цврсто ќе застанам зад тебе исто како што стоев во 2001-та или во 2002-та. Јас од моите ученици и воини не се откажувам никогаш. Можеби не знаеш, но, во секоја прилика во која можев, почнувајќи од денот после немилиот настан во кој умре едно невино младо момче, а твојот живот отиде по ѓаволите, постојано те бранев и барав правда за тебе. Доволно е да го напишеш моето и твоето име заедно на Гугл и ќе ти излезат еден куп мои зборови и молби во кои те бранам и барам правда зе тебе.

Бидејки си осуден, ти сигурно имаш вина, но мене никој нема да ме убеди во толкава вина, дека намерно, со умисла, си го убил младиот Мартин. Јас лично претпоставувам дека можеби си нанел удар, но само за да го сопреш, а не и да го убиеш младиот Мартин. Што се случило потоа, а можеби и пред тоа, каде работата излегла од контрола, зошто момчето починало, која е вистинската причина за смртта, верувам дека сѐ уште има начин како да се расветли. Впрочем, сите учесници од таа кобна вечер се живи и здрави. Твојата драконската казна затвор од 14 години е чудна, политички мотивирана, но и невидена за наши услови и сето тоа само за да се испере тогашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Од тие 14, во затвор ти помина 7-8 години.

Затоа, уште еднаш, дојди си во Македонија, врати се во затвор, ќе се обидам да ти помогнам да се избориш за правда. Човек како тебе кој бил подготвен да умре за татковината, а тоа го докажал на дело, заслужува почит и правда од неговата таковина. Дури и тогаш кога ќе направи глупост како што е твоето бегство. Патем, претпоставувам дека знаеш, денес Спасе бегање нема, 21 век е, модерни полиции поврзани во интерпол, интернет и камери на сите страни, нема кај да мрднеш, а не пак да бегаш и се криеш, особено кога си без пари. Порано или подоцна ќе бидеш фатен и вратен. Затоа поарно, дојди си сам. Дојди си сам и кажи сѐ што знаеш, без да криеш нешто или штитиш некого. Можеби во тој случај адвокатот ќе го убеди судот за твое повторно судење кое е шанса за тебе да ја докажаш вистината, да излезеш порано од затвор и твоите деца, барем дел од нивното кревко детство, да го поминат со тебе.

А јас, постојано, со мојата мала политичка моќ, ќе молам и инсистирам за амнестија за тебе. Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти? Зарем 7-8 години затвор е малку за човек Тигар како тебе? Бидејки, Тигар не е за во кафез. Во кафезот Тигарот полека и тивко умира.

Откако ќе излезеш на слобода, кога и да биде тоа, ќе можеме да седнеме на раат на по едно пиво. Да си правиме муабет за ноќните мори, за чудното потење додека спиеме, за сеништата од соништата и скокањато во сон, за мртвите луѓе кои секојдневно шетаат околу нас, но и за ужасните слики, експлозии, истрели и звуци кои ги гледаме и слушаме и тогаш кога не спиеме, наоколу околу нас.

Генерал Стојанче Ангелов, поранешен старешина на Игор Спасов

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе

Ако идниот премиер биде македонски Албанец и ако успее сите граѓани на Македонија да се поклонуваат под едно знаме, тогаш – зошто да не!

повеќе

Стана премногу вообичаено да се слушнат повици за брза и сериозна одмазда како одговор на недокажани престапи на говорот и мислата, велат Ноам Чомски, Џ.К. Роулинг и 150 други интелектуалци во отворено писмо до јавноста.

повеќе