Иднината на македонско-американските економски односи

Во изминатите 24 години откако Македонија и САД воспоставија официјални дипломатски односи, македонско-американските трговски врски растат бавно, но сигурно.

Последната година, билатералната трговија во добра достигна 394,8 милиони долари, што е релативно бавен раст, откако беа воспоставени меѓудржавите врски. Во споредба, Грција обезбеди трговска размена со САД вредна 2,65 милијарди долари, во истиот период. Иако е само еден показател, трговскиот раст ја рефлектира бавната интеграција на македонската економија во светската.

Бидејќи влезот на Македонија во НАТО е речиси загарантиран, може да ја искористиме стабилноста за да истражиме можности кои ќе донесат поголем обем на американски бизниси и производи во Македонија и обратно. Сето тоа би започнало со еден сеопфатен договор за слободна трговија меѓу двете земји, кој би обезбедил прогресивно зголемување на деловните потфати. Исто така, договорот би донел пониски цени на квалитетни американски производи, позитивни економски резултати и значителен технолошки напредок.

Македонија има многу поволности што би можела да ѝ ги понуди на САД: ниски даноци од 10% на личен и корпоративен приход, конкурентни плати, стабилна валута врзана со еврото, отворена економија кон странските директни инвестиции и трговија, земја кандидат за ЕУ и на чекор од прием во НАТО, ниска инфлација и млада работна сила која течно зборува англиски.

Како резултат на транзицискиот период во 90-тите години, безброј големи фабрики и капацитети беа напуштени, на тој начин, обезбедувајќи можности за градежништвото и трговијата со градежни материјали. Дел од овие напуштени фабрики може да бидат реорганизирани и реновирани за употреба на роботика, што би довело до добро платени работни места за бројни високообразовани лица. Соработката во земјоделскиот сектор со американски компании и воведување на напредни земјоделски техники ќе помогнат за претворање на суровините во завршни производи, со цел да се добијат повисоки пазарни цени.

Текстилната индустрија може да се употреби за создавање на облека за многу бројни познати американски брендови. Кол центрите и фриленсерите се меѓу главните работни улоги кои може да бидат искористени за да се интензивираат македонско-американските комерцијални интереси. Како што економијата се движи кон дигитализација, создавање на можности кои ќе се прилагодат на тие фактори ќе ги развива односите и понатаму.

Целта на Македонија во однос на трговските односи со САД треба да биде длабока и широка соработка која ќе ја трансформира во земја со модерна и просперитетна економија. Приближувањето кон индивидуални компании и општини во САД мора да биде приоритет за да се пренесе know-how и разновидни можности за земјата. Дополнително, преземањето на понатамошни активности за ангажирање на заедници каде што се присутни Македонци ќе доведе до нови партнерства и комерцијални можности.

Приоѓањето кон претприемачи од областа на енергетиката како Илон Маск и неговата компанија Тесла за да ја претворат Македонија во 100% енергетски одржлива земја (на пример како сојузната американска држава Хаваи) би ја позиционирале нашата земја од маркетингшка смисла, отворајќи нови можности во сѐ уште неразвиен сектор. Да се има еден кол центар, кој би работел за технолошките гиганти на САД како што се Амазон и eBay, ќе создаде стабилна заработка за многу семејства кои работат во информатичкиот сектор.

Визијата за модерна, просперитетна и стабилна Македонија можеби изгледа преоптимистичка на краток рок, бидејќи има неколку сериозни и тешко премостливи препреки на патот: обезбедување на владеењето на правото и драстично намалување на корупцијата во земјата, бавните судски процеси, комплексната бирократија, недостатокот на инфраструктура, политичкото мешање во речиси сите сфери, како и контрадикторната легислатива и законски норми. Овие пречки бараат итна акција од политичките актери во земјата, како и од законодавните и судските органи.

Сумирано, бенефитите од погоре предложената соработка меѓу двете држави може да бидат забележани во следната деценија, со потенцијална билатерална трговија и инвестиции кои би достигнале до 2 милијарди долари, бидејќи македонско-американската соработка има широки и сѐ уште неистражени перспективи.

Стефан Вељановски

(Авторот е доктор по економски науки)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе