Идни предизвици поврзани со насилниот екстремизам во Западен Балкан

Земјите од Западен Балкан се соочуваат со нов безбедносен предизвик: дерадикализација и реинтеграција на повратниците.

До 2017 година, најмалку 310 возрасни лица се вратиле во регионот и се проценува дека уште 460, претежно жени и деца, останале на Блискиот Исток или им се изгубила трага по враќањето. Без веродостојна платформа за реинтеграција со која ќе се обезбеди нивно отцепување од групите за кои се бореле, овие лица би можеле да претставуваат закана како идни борци или регрутери.

Во изминативе неколку години, религиозниот насилен екстремизам беше доминантниот концепт за експертите за безбедност во југоисточна Европа. Напишани се стотици статии, извештаи и книги за заканата од домашен тероризам и зголемување на бројот на радикализирани луѓе во регионот. Тоа е разбирливо, со оглед на впечатливо големиот број луѓе кои си заминуваат од малите земји како Босна, Косово и Македонија и одат во Ирак и Сирија. Во регионот има четири земји кои се вброени во првите 12 земји по странски борци по глава на жител и во нив има значителен број на терористички заговори.

Во 2016 година, група од 19 приврзаници на Исламската држава кои планирале напади во Албанија, Косово, Франција и Белгија била неутрализирана. Една од метите на озлогласената група бил квалификацискиот натпревар на Светското првенство помеѓу Албанија и Израел. Инспирирани од нападите во Париз во 2015 година, терористите планирале да го започнат нападот напаѓајќи го израелскиот тим со беспилотно летало, а потоа да влезат на стадионот со калашникови. Стотици, можеби дури и илјадници луѓе би можеле да загинат. По судењето, обвинителот истакнал дека со навремените апсења се избегнала опасноста и бил спречен планираниот напад врз српската православна црква во градот Митровица на северот од Косово.

Борба против насилниот екстремизам во регионот

Апсењето на оваа група покажува дека земјите од Западен Балкан се спротивставиле на опасноста и презеле мерки за гонење на активни приврзаници на терористичките организации. Во повеќето земји биле направени измени и дополнувања на Кривичниот законик, а биле изготвени и спроведени акциони планови за борба против насилен екстремизам. Сите шест земји дури потпишале заеднички акционен план за борба против тероризмот како знак на нивната посветеност. Сепак, и натаму е тешко за обвинителите да ги осудат странските борци поради недостаток на докази и поради слабите судски системи. Сепак, напорите на владите го намалија егзодусот на странските борци во Сирија, додека антиекстремистичките стратегии спроведени во регионот го намалија ширењето на онлајн-џихадистичките пропагандни активности.

Иако со ова се реши директниот проблем со луѓето кои заминуваат да се приклучат на терористичките групи во источните земји, тоа не ја реши долготрајната закана од насилен екстремизам. Со враќањето дома на странските борци и нивните семејства, земјите од Западен Балкан се соочуваат со нов безбедносен предизвик: дерадикализација и реинтеграција на повратниците. До 2017 година, најмалку 300 возрасни лица се вратиле во регионот и се проценува дека уште 460, претежно жени и деца, останале на Блискиот Исток или по враќањето им се изгубила трага. Недостатокот на практична примена на знаењето како и недоволната политичка волја и финансии ја попречува способноста на локалните власти да воспостават делотворни програми кои одговараат на овој предизвик. Без веродостојна платформа за реинтеграција со која ќе се се обезбеди нивно отцепување од групите за кои се бореле, овие лица би можеле да претставуваат закана како идни борци или регрутери.

Многу од суштинските проблеми што првично ги тераат луѓето кон радикализација сè уште не се разрешени. Точно е дека радикализацијата е сложен процес кој е поинаков за секој човек, но експертите идентификувале голем број фактори и динамики кои се повторуваат. Генерално, радикализацијата е општествен процес кој бара решенија за поплаките за неправедност и за неисполнетите емоционални потреби. Од пресудно значење во процесот е збирот на поплаки поради неправедности, кои се состојат од „општествени тензии, конфликти и основи на поделба, кои можат да предизвикаат нереализација на очекувањата, конфликти поврзани со идентитетот или чувства на неправда, маргинализација и исклучување“. Овие поплаки сè уште се многу присутни во регионот.

Незадоволството на луѓето

Бавната транзиција од комунистичкото владеење во демократско владеење и отворената економија, заедно со насилните конфликти во поранешна Југославија го сопреа напредокот и создадоа нови поплаки поради неправедност. За многумина во Западен Балкан промените не се доволно брзи, додека социо-економските можности остануваат ограничени. Соочени со тешка иднина во своите земји, многумина бараат можности во Западна Европа или Северна Америка. Албанија, на пример, е рангирана на второ место во светот по процентот на населението кое сака да емигрира. Повеќе од половина од Албанците би сакале да ја напуштат земјата за подобар живот на друго место. Високата стапка на невработеност, корупција и неправеден третман од страна на владата и судовите се меѓу најчестите причини за заминување.

Во една неодамнешна студија изготвена од Инситутот за демократија и медијација во Албанија се истакнува дека Албанците сè повеќе сметаат дека заостануваат. Имено, повеќе од 85% од испитаниците изјавиле дека домаќинствата во нивната заедница не ги исполнуваат основните потреби. Ова не е изненадување во земја каде што минималната плата од 180 евра не е доволна за да се нахрани едно просечно семејство, а камоли да се изнајми стан или да се плати за образование. Дури и добро образованите дипломирани студенти со години бараат пристојна работа, често решавајќи се за недоволно платена работа за која имаат квалификации што се далеку повисоки од потребните.

Ова незадоволство се одразува во тоа колку е подложно едно општество или заедница за насилен екстремизам. Проблемите како што се корупцијата, неказнивоста и доминантното верување дека политичкиот систем е контролиран од и служи само на добро поврзани елитни групи се фактори поради кои луѓето сè повеќе чувствуваат дека се во неправедно неповолна положба. Речиси половина од Албанците сметаат дека политичкиот систем е неправеден и треба да се смени. Тие дури и ја оправдуваат промената на политичкиот систем, дури и со сила ако е потребно.

Изненадувачки, нема многу пријави за исламски насилен екстремизам во земјата. Помеѓу 2012 и 2017 година, 144 лица заминале во Ирак и Сирија, што е значително помал број од другите земји во регионот каде мнозинството од населението е муслуманско. Поради својата историја на атеизам наметнат од државата во земјата, повеќето Албанци живеат секуларен живот и немаат строго толкување на религиозните норми и размислувања. Се тврди дека силен катализатор за проблемот со странски борци во Албанија било проповедањето на Вахабизам / Салафизам во џамиите финансирани од верски фондови од Турција или од земјите од Заливот. Овие џамии функционирале надвор од контролата на Заедницата на албански муслимани, а ова е проблем кој во голема мера е решен.

Национализмот како следната граница

Ова не значи дека другите видови насилен екстремизам не претставуваат проблем. Кога го разгледуваме регионот како целина, радикализацијата на Западниот Балкан, исто така, влијае врз немуслиманските заедници. Во изминатата година извештаите од медиумите покажаа дека некои лица од христијанската православна словенска заедница се приклучиле во конфликтот во Украина, давајќи поддршка на проруските или проукраинските сили кои се борат таму. Станува сè поочигледно дека со цел ефикасно да се спречи насилниот екстремизам и за борба против истиот, локалните власти, граѓанските организации и практичарите мора да го прошират опсегот и да вклучат елементи кое не се само исламски радикализам.

Особено загрижува етно-националистичкиот екстремизам, кој е во пораст во регионот. Нерешените прашања, како што се трипартицијата на Босна и тензиите меѓу Србија и Косово и натаму претставуваат предизвик за безбедноста на регионот. Во 2017 година, законските измени со кои албанскиот јазик станува официјален јазик во Македонија ја засилија оваа закана, бидејќи дури и законодавците кои дадоа поддршка на тие измени беа мета на насилни националисти.

Минатата година биле пријавени неколку инциденти поврзани со национализам. Во март, балканскиот аџилак на рускиот клуб за мотоциклисти „Ноќни волци“ кои го поддржуваат Путин предизвика многу контроверзии додека патуваа низ регионите населени со Срби, за да „го истражат културното влијание на Руската империја на Балканот“ и да ги посетат местата на православно наследство. Тоа е истата организација која понуди заштита против потенцијалната агресија од силите кои се во поддршка на Киев во Крим по анексирањето во 2014 година.

Неколку недели подоцна, Преспанскиот договор меѓу Грција и Македонија, чија цел е решавање на долготрајниот спор околу името меѓу двете држави, предизвика националистички побуни на двете страни од границата. Минатиот месец, убивањето на етнички Грк од страна на албански полициски сили, откако тој пукал во нив, ги зголеми тензиите меѓу двете земји, со обвиненија од двете страни. Според медиумските извештаи кои следеа по настанот, починатиот наводно бил член на грчко екстремно десничарско движење и бил сметан за херој од страна на грчките националисти. Овие инциденти го поткрепуваат зголемениот потенцијал за насилство во регионот каде има многу кревка стабилност.

Идни чекори

И покрај сериозноста на заканата кон безбедноста во регионот, претерано тесниот фокус на борбата против верскиот екстремизам, го одвлече вниманието од уште еден проблем: балканскиот национализам. Основните проблеми што ги водат луѓето кон насилен екстремизам не се решаваат, што значи дека Западен Балкан сѐ уште е плодна почва за насилни екстремистички идеи. Дури и во Албанија, земја позната по својата верска толеранција и хармонија, не постои гаранција дека насилниот екстремизам не може да се зголеми. Но, тоа може да биде во различни форми од она што се очекувало. Владите треба да преземат мерки и да се справат со проблемите како што се неправедната распределба на можностите, срамно ниските минимални плати и корупцијата, во спротивно последиците може да бидат многу поголеми од само граѓански немири.

м-р Леони Ракаџ (Leonie Rakaj)

(Текстот е напишан во рамките на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica. Оригиналната објава можете да ја прочитате тука)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Оваа појава почнува да претставува сериозна закана за учениците, но и грижа за родителите и наставниците.

повеќе

Пробацијата претставува клучна новина во реформата на нашиот пенитенцијарен и казненоправен систем и приоритетна цел на владината политика.

повеќе

Анализа на проф. д-р Гордан Калајџиев на Решението У.бр.96/2016 од Уставниот суд.

повеќе