И меѓународната пресија ja оспорува регуларноста на референдумот

Заев побара од дипломатите да се воздржуваат од активности меѓу гласачите спроти референдумот, а онаа од поддржувачите не му пречи.

Советите од оние кои се декларираат како пријатели, до оваа мера предозирани, не се помалку проблематични во однос на слободното изјаснување на граѓаните на претстојниот референдум од активностите на оние, за кои се вели дека не ѝ мислат добро на Македонија.

Македонија повторно доживува енормно интензивна дипломатска активност „на свој терен“ како во времето на бегалската криза и војната во Косово. Но, тогаш главна цел на посетите беше кампот за бегалците од Косово во Стенковец, а сега во фокусот на гостите од странство се граѓаните на Македонија. Тие се изложени на досега во такви размери невидена активност на убедување за тоа како да постапат на референдумот кој, како што им велат гостите, е историска можност за нив да фатат чекор за приклучување кон демократскиот свет. Притоа, нијансирано, се инсистира граѓаните да го искористат правото и да гласаат на референдумот за промена на името на земјата - сеедно како притоа ќе се изјаснат, но истовремено и недвосмислено им се сугерира што е добро за нив. Оти, ова била за долго време неповторлива шанса за пробив во евроатлантските интеграции. Во спротивно, им следувала изолација, „сто години самотија“. И тоа не било ни закана ниту уцена, туку пријателско укажување!

Ова наметнува повеќе прашања. Претераниот ангажман на меѓународната заедница прво може да ги натера граѓаните да се запрашаат како тоа довчерашното сираче одеднаш стана нејзино милениче за чија судбина толку добронамерно се загрижи? Скепсата ја зголемува и прашањето зошто истата таа меѓународна заедница не се заложи толку масивно и толку енергично за спроведување на одлуката на Меѓународниот суд на правдата од Ден Хаг, кој во однос на грчко-македонскиот спор со 14 спрема 1 (тој еден беше ад-хок претставникот на Грција!) пресуди во полза на Македонија? Зошто тогаш не се ангажира за почитување на решението на својот највисок суд и со тој аргумент не ја притисна Грција да прифати прием на Македонија во ЕУ и НАТО, макар и под референцата ФИРОМ? Јасно е дека таа со Договорот од Нивици на за себе најбезболен начин се ослободува од еден проблем и си ја растоварува совеста, оти граѓаните на земјата чие што име гостите не сакаат да го изустат (а одвај чекаат да можат да ја наречат со новото име!), нели, самите така си решиле!

Иако упорно се повторува дека промената на името треба да го ослободи патот за членство во ЕУ и НАТО, нема дилеми – овде станува збор само за Македонија по секоја цена да се внесе во НАТО и Алијансата да си припише уште едно поенче во геостратегиската битка со Русија, а ЕУ е само „придружна музика“. Македонија во ваква ЕУ како денес нема никогаш да влезе, а во некоја далечна иднина, во некоја реформирана ЕУ, кој знае во кој круг од периферијата би ѝ нашле место.

Сметам дека граѓаните треба да знаат дека НАТО како воен сојуз ја прошири својата зона до границите на Русија кршејќи го усно даденото ветување дека нема да се шири кон Исток. А тоа, според документираните кажувања на учесници во преговорите „4 плус 2“, бил еден од клучните предуслови за согласноста од Горбачов (претседател на Советскиот Сојуз, односно на Русија) за обединување на дотогаш поделената Германија. Во таа стратегија на ширење кон Исток сега се впрегнува и Македонија. Во дебатата спроти референдумот добро упатените, посебно оние кои официјално ја претставуваа Македонија во седиштето на Алијансата, премолчуваат и дека со нелегитимната интервенција на Косово таа го наруши принципот на неменување на граници со примена на сила, врз кој е градена меѓународната безбедносна архитектура по КЕБС 1974. Последиците на таа интервенција подоцна ги почувствуваа Грузија, па и Украина, оти не може случајот со Косово да остане само изолиран чин зашто така сакаат да го претстават тие што ја извршија или поддржаа, туку стана преседан на кој секој може да се повикува. Од таа интервенција остана и најциничната и ненадминлива по својата антихуманост ознака за човечки жртви како „колатерални штети“ (Џејми Шеи, портпарол на НАТО во време на интервенцијата на Косово, за српските жртви од бомбардирањата извршени од Алијансата).

Од друга страна, членството во НАТО несомнено би значело повисок степен на безбедност, посебно како превенција од регионални, па дури и од потенцијални внатрешни судири, што е важно за Македонија. Таа сега е опкружена од три земји-членки на Алијансата, во четвртата се присутни војнци од земји од НАТО, а само еден сосед исклучува зачленување во воениот сојуз. Но, повисокото ниво на безбедност важи само  во мирновременски услови. Во поширок меѓународен конфликт никој не може да биде сигурен, најмалку Македонија. Фокусот на Алијансата во Европа ионака првенствено е ставен врз заштита на Балтичките земји и Полска од евентуална руска агресија (иако токму воени експерти на Алијансата проценуваат дека таа не би можела да ги одбрани од ненадеен напад од Исток). Засиленото воено присуство на НАТО во тие земји таму има повеќе симболичен карактер, со цел за одвраќање на евентуалниот агресор.

Да се вратиме на прашањата што произлегуваат од интензивната фреквенција на високи по ранг политичари деновиве во Скопје. Ако според тоа може да се суди колкава важност има исходот на референдумот и за таканаречената меѓународна заедница, зошто тој има само консултативен карактер? Јасно е дека мотивот е да се обезбеди и излез на „мала врата“ ако исходот биде неповолен за владејачката гарнитура која го постигна договорот со Грција. Тогаш решение би се барало со ратификување во парламентот со дветретинско мнозинство, за што е потребна „обработка“ на барем 10-на пратеници од опозицијата. И, тука се поставува голем знак прашалник во однос на коректноста на власта спрема граѓаните. Договорот од Нивици се однесува на суштински и можеби судбински работи за државата и сите нејзини граѓани и не смее да се сведе на интересот на некој или некои од страна, уште помалку на прашање за опстанокот на владејачката гарнитура која го потпиша тој договор. Оти, јасно е дека неуспех на референдумот, поради недоволна излезност или ако претежне негативно изјаснување, мора да значи збогум за сегашната  власт.

Многу се дебатира за легитимноста на референдумот и во тој поглед ни решението на Уставниот суд не ги разби без остаток сите дилеми, со оглед на „угледот“ на Сваровски-правосудството во државата. Притоа едно прашање е неговата усогласеност со правните норми кои ја уредуваат таа област, околу што и се „кршат копјата“ во дебатата и за што се изјасни Уставниот суд, а друго е регуларноста на референдумот поради пресијата врз која се изложени граѓаните од меѓународниот фактор. Зошто треба да е прифатлив и оправдан силниот „френдли фајер“ од многубројните странски државници и дипломати, во јавноста неспоредливо поприсутен притисок од наводните или реални активности на странски сили кои не ѝ сакале добро на Македонија?! Премиерот Заев вели дека нема информации за такви активности, опасност на која пак пријателите од странство постојано предупредуваат. Заев сепак побара од дипломатите (нема дилеми дека тоа е порака за руските) да се воздржуваат од активности меѓу гласачите спроти референдумот, а онаа од поддржувачите не му пречи, туку е добредојдена. Но, тоа не е в ред - притисок е притисок и независно од мотивите со него се влијае врз формирањето на волјата на граѓаните дали и како да гласаат. Патем, и од „френдли фајер“ (во воената терминологија ова значи по грешка отворање оган врз сопствени или сојузнички трупи) се гине.

Зоран Јордановски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Парадоксалните судски процеси во државава, сами по себе родија парадокс.

повеќе

Следејќи ги слепо своите геостратешки планови, можно е американските геостратези и во Македонија да направија уште една грешка, во низата грешки во последните две декади.

повеќе

Подгорица во 2019 година ќе добие споменик на Јосип Броз Тито.

повеќе