И Кумровец е во ЕУ

Луѓето веќе не играат по нотите што презрените инфлуенсери низ партиските-мејнстрим медиуми им ги свират.

Пред Божиќ „редовни“ се дебатите за (не)потребноста од изедначување на световниот со верскиот (православен) календар. Кога на темата пред години пишував во тогашен „Шпиц“, мислењата беа поделени исто како денес. Православниот календар што денес го следиме со дел од православните цркви и онака датира половина век пред раѓањето на Исус Христос и е воведен од многубожниот Цезар. Папата Григориј, пак, по астрономско-математичките пресметки на земјината ротација, векови подоцна, со „новиот“ календар го компензирал „вишокот“ денови јавени од истите причини. Оттука, ниту еден од аргументите за или против изедначувањето на календарот не е толку верски, колку што е дел од световно-традиционалистичката дебата.

Затоа, почитувајќи ја одвоеноста на црквата од државата, политички коректна е замолницата МПЦ-ОА да поведе расправа за можноста, по искуствата на околните православни цркви и во Македонија црквата да ги изедначи календарите и да празнуваме истовремено со огромното мнозинство христијани ширум светот. Но потребата од дијалог за ова прашање произлегува од разбирањето и усогласувањето дали, како и колку ваквата постапка би имала импликации врз главниот предизвик од огромно значење за македонскиот народ оваа година/деценија:

Признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА од Вселенската патријаршија

Бидејќи ова прашање, при национално дефинираните цркви во православието е повеќе од симболика за Македонците. Патот кон него можеби е поотворен од претходно, но е далеку од изоден. Затоа, во услови на активиран државно-црковен (и имотен) спор меѓу Црна Гора и СПЦ, слични најави во Косово и имајќи предвид дека Српската и, во тој контекст, Руската православна црква еднакво го оспоруваат правото на автокефалност на Македонската, потребно е политичко разбирање за позицијата на МПЦ кон навидум „лесните“ прашања како „календарското“. Оти историјата нѐ  потсетува дека за Москва југо-инструираниот правец на Скопје бил интересен виз-а-ви Албанците, но во третманот на МПЦ во однос на православните цркви во опкружувањето за РПЦ тоа не било баш битно. И пред и по обновувањето на автокефалноста.

Затоа и по ова прашање е потребна и политичка решителност и општествена прагматичност заснована на консензус. Внатререлигиски, кај православните кои ја практикуваат верата во рамките на МПЦ, но не се и само Македонци; внатреетнички, кај Македонците кои не се само православни, туку и римокатолици, методисти, евангелисти и муслимани; и меѓуетнички и меѓурелигиски, бидејќи во Македонија нема само Македонци и нема само христијани, а сите заедно празнуваме и славиме. Врз основа на опсежна дебата, а не само на основа на написи или изјави на политичари за дневна употреба. А темата гребнува само на површината.

Всушност, таа нѐ води кон контекстот што веќе трета деценија се испушта од јавната дебата, а е тесно поврзано со чувството на намерен децениски застој на Македонија:

„Рекет“ и дејугословенизацијата на Македонија

Ако јулијанскиот календар е преземен од традицијата на СПЦ при прогласувањето на автокефалноста на МПЦ и одвојувањето од неа, денес контекстот (и по ова прашање) веќе е поинаков.

Во ерата на процутот на македонистичката струја, дваесетина години по АСНОМ се комплетираат темелните институции на македонската држава и народ, на основа на проактивен македонизам заснован на напредокот на Македонците, а не контра другите народи во СРМ, СФРЈ или соседството. Затоа 1990-тите, иако ги комплетираат државната и националната сувереност на македонските граѓани, оставаат последици од товарот на милошевиќевата политика што крваво ја декомпонираше Југославија, а ги користеше југо-супремацистичките антени од Сараево до Скопје. Трауматичноста на последичната 2001 и начинот на доаѓањето до Охридскиот договор донекаде сеуште е пречка во согледувањето на неговиот аспект на корегирање на последиците на ретро-македонизмот заснован на папочната врска со југословенскиот Белград. Кој нѐ доведе до Уставот што во 1991 излишно ги порекна стекнатите права на немакедонците од 1974 и оневозможи Македонија да се посвети на својот европски и евроатлански пат по примерот на Словенија. Каде, на пр., електроните даваа позитивно полнење на патот на независноста, за разлика од Македонија, каде тие правеа сѐ што можат економски, културолошки, политички, општествено и развојно електричниот полнеж на политиката да остане во орбитата на југословенството.

Откако со членството на Хрватска и Кумровец отиде во ЕУ, носталгијата по Југославија и Тито преостана само во генерациите за кои тоа беа најубавите времиња од нивната младост и маргинално на социјалните мрежи. Тоа е природно, бидејќи само го затскриваа обидот за реорганизирање на југословенскиот Белград, спречувајќи ја од Дрина до Вардар третата фаза – на окончувањето на влијанијата на остатоците на службите што ја уништија творбата што требаше да ја бранат.

Иако нивното постоење формално престана со крајот на СФРЈ, нивните подземни бизнис врски транс-генерациски и транс-гранично останаа во функција низ организирањето на криминалот, нелегалното движење на парите и заробувањето на новите држави, користејќи го покритието на од себе создадените елити во политиката, бизнисот, судството, банките, невладините организации и медиумите. И нивното флертување со дипломатите во (западно)балканските земји. Во Македонија актуелно сублимирани во новонајавениот развој на аферата „Рекет“.

Сепак, нивниот обид за конзервирање на состојбата по рецептот на паралелно динамизирање на внатре-општествените конфликти и „традиционалните“ ривалства во регионот низ жонглирање меѓу Брисел, Лондон, Париз, Берлин, Анкара, Пекинг, Вашингтон и Москва веќе е презрена. Затоа, 2020/21 е периодот во кој и во Скопје екс-службите и нивните бизнис-политички-медиа-нво антени ќе се борат барем оваа балканска мини-Казабланка да остане регионална касаба, наместо европски град.

Но, луѓето веќе не играат по нотите што презрените инфлуенсери низ партиските-мејнстрим медиуми им ги свират. Тоа нив, службењаците и нивните елити ги прави излишни. И нервозни. И нѐ воведува со последната пресметка со југословенскиот Белград, што се одвива и во Србија како што се оди кон договор со Приштина, и во Македонија преку „Рекет“, а во Ц.Гора трае од прогласувањето на независноста сѐ до тековниот судир поттикнат од црковните односи. Делумно поради регионално-континентално-светските движења. Делумно поради преселувањето од Балканот на Запад во потрага по систем каде ќе напредуваат според својата среќа и знаење. Делумно поради презаситеност од политиките на службењачките елити што порано ни предизвикуваа дразба, а денес само чувство дека ни ги загрозуваат децата и ни ги крадат парите низ државните буџети. И поради сето тоа заедно.

Затоа, треба да сфатиме дека моноетничноста на „Рекет“ го постави модерното „македонско прашање“ пред Македонците:

Дали сме подготвени вистински да градиме систем

Исто како што пораката дека „Албанците во Македонија веќе не се дискриминирани“ ни е упатена како повик кон Македонците дека ни е отворен патот да се посветиме на сопствениот развој заснован на проактивен пристап кон себе за доброто на сите во Македонија и регионот, а не контра другите во земјата или соседството. За целосно и функционално интегрирање со своите сојузници во НАТО и своите сожители во регионот и континентот. Одлучувајќи за себе и заедно со своите сограѓани, со одговорност и согласно заедничката цел во својата заедница и со своите сојузници, низ избор на политичари со ваков правец. Дека во регионот треба да помогнеме кон разрешување на преостанатите отворени прашања, наместо пасивно да чекаме дали и како тоа ќе не засегне. И дека на тој пат нема да бидеме осамени, туку ценети и разбрани.

Или илустративно: кога во март ќе треба да решиме дали да ги вратиме стрелките на часовникот, нема потреба да се водиме од тоа дали ќе бидеме во временската зона со Белград, Приштина и Тирана или со Атина, Букурешт и Софија – туку во која временска зона ќе имаме еден час повеќе денско светло. Оти ЕУ и онака има две временски зони. Вашингтон е во трета. А авионите и тука и таму полетуваат и слетуваат - по локално време.

Ивон Величковски, иницијатор на Движењето за Нова Република

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

За жал во овие тешки времиња некои политичари се занимаваат и со вируски патриотизам: на корона не сме се обратиле мултилингвално.

повеќе

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе