Поглед од ЕУ

И доброто и лошото од ЕУ

Луѓето можете и ги задржите во сопствената земја - ако им е добро.

Зборувајќи со пријателите во Скопје, дојдовме до идеја да се обидам барем малку на Македонија да ѝ приближам дел од она интересното што ни се случи или ни се промени во Лијепа наша (домашниот назив за Република Хрватска настанат по првата строфа од химната) откако стана членка на ЕУ.

Ќе има тука добри работи, но и оние не баш сјајни, па дури и некои лоши. Ќе се обидам сето тоа да го прикажам и да го објаснам преку очилата на економијата, законитостите на пазарот и немилосрдната конкуренција, како стопанската, така и политичката.

Одбирајќи ја темата за воведната статија, не можеа да се избегнат луѓето, истите оние луѓе што ја прават една држава држава. Децата, жените, мажите, оние од градинка, од училиште, студентите, вработените, невработените, пензионерите и посебната каста државни службеници и службени лица.

Баш сите тие луѓе во Хрватска ги има сè помалку, освен едни - државните службеници и функционери.

Зошто ги има сѐ помалку?

Затоа што некои, за жал, заминуваат поради неизбежноста на природата на нашето постоење, други преминуваат од една категорија во друга и полека ја достигнуваат веќе споменатата, а голем дел си одат поради благодатите и наследството на ЕУ - непречен протек на стоки, услуги и работна сила.

Баш поради последново, се случува голем дел од работната сила да ја напушти Хрватска и да се пресели во земјите на Европската Унија, на кои им требаат, ги почитуваат и добро ги плаќаат работниците што сакаат да работат и да ги употребат своите знаења и способности што ги стекнале во Хрватска на трошок на даночните обврзници и на државата, која за жал, не е во состојба да овозможи пазар на трудот и развој за да ги задржи истите овие иселеници да останат и тука да придонесат во нејзиниот развој.

Како резултат на ова наследство на ЕУ, имаме целосно опустошени села во Славонија (рамниот дел на Хрватска, каде што највисокиот рид е во висина на една тиква), недостиг од работници во хотелската индустрија, која е главна индустриска гранка, неможност да се најдат работници за градежништвото, масовен одлив на медицински сестри и лекари, за кои многу добро знаеме колку пари и време се потребни за нивно создавање и усовршување.

Се чини дека државата, за жал, не беше подготвена за ваков одлив на работната сила, зашто, да не заборавиме, заминуваат оние што сакаат, можат и знаат да работат. На крај оние што работат ги плаќаат даноците од кои живее и работи државниот апарат, а тие сега даноците ги плаќаат на некое друго место.

На пример, еден од моите колеги од Винковци (еден од најголемите градови во Славонија), кој има сметководствено биро, пред неколку дена ми се жалеше дека му требаат уште двајца луѓе во бирото, но ги нема, едноставно нема кого да вработи, никој не се јавува ни на огласите. Значи, зборуваме за релативно фина работа, во канцеларија со образовани луѓе, нешто што е сосема океј. Но нема кој да работи.

Од друга страна, да не биде само лоши работи за ЕУ, треба да се каже дека сите овие што се иселија сепак се спасија себеси, а многумина и своите семејства, од сиромаштијата во сопствената држава, и за среќа имаа каде да отидат и да заработат за живот, и тоа сосема пристоен.

Ова можеше да се забележи летово по значително зголемениот број регистарски таблички на автомобили од Велика Британија, Ирска, Шведска со Хрвати во нив, кои во Загреб досега речиси и ги немаше.

Единственото нешто што од тој аспект растеше во Хрватска беше бројот на државните службеници и функционери, за кои се надевам дека во својот зголемен број ќе заклучат дека државата постои заради нејзините граѓани и дека е сервис на граѓаните, а кога ги нема граѓаните и оние што плаќаат даноци, логично, државниот апарат запаѓа во проблеми.

Едно од основните начела на макроекономијата за подобро работење на државата е намалување на јавните расходи (намалување на државниот апарат) и зголемување на личната потрошувачка (зголемување на личното богатство на граѓаните), па тогаш се богати и државата и нејзините граѓани.

Уште една благодат од иселувањето на работната сила сепак е зголемувањето на платите на оние што се осмелија да останат, и тоа речиси во сите сектори.

Водете сметка за одливот на работната сила и за иселувањето, кои секако дека ќе се случат во одредена мера, но може и да ги задржите луѓето во сопствената земја - ако им е добро.

 

Даниел Иванагиќ, советник на Владата и стручњак за финансии

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Постојат различни фактори кои влијаат на нивото на ризик кога станува збор за перење пари. Тоа може да биде од клиенти, региони, производи или ризик од финансиски инструменти. Разбирањето на овие ризици, како и факторите што придонесуваат, им овозможува на надлежните органи многу поефикасно да се заштитат од перење пари поврзано со корупција.

повеќе

Ако идниот премиер биде македонски Албанец и ако успее сите граѓани на Македонија да се поклонуваат под едно знаме, тогаш – зошто да не!

повеќе

Стана премногу вообичаено да се слушнат повици за брза и сериозна одмазда како одговор на недокажани престапи на говорот и мислата, велат Ноам Чомски, Џ.К. Роулинг и 150 други интелектуалци во отворено писмо до јавноста.

повеќе