Храбар исчекор на претседателот Иванов, достоен за почит

Храброто и одлучно обраќање на претседателот Иванов верувам ќе биде гласно чуено во седиштето на НАТО во Брисел.

Претседателот на државата Д-р Ѓорге Иванов направи многу храбар исчекор достоен за почит со својот говор на состанокот на лидерите на држави во рамките на „Процесот Брдо-Бриони" што се одржа во Будва, Црна Гора, упатувајќи категорично барање за „Итен прием во НАТО на РМ со привремената референца согласно резолуциите на Советот за безбедност на ООН".

Велиме „храбар исчекор" бидејќи ваква дикција не е чуена од македонски политички и државни авторитети многу долго, за разлика од млаките и неубедливи апели за „потребата", „неопходноста", „заслужуваме" и слично прием во Алијансата. Впрочем, НАТО-вци само овој и ваков јазик го разбираат, бидејќи апели и укажувања кај нив не палат. Некои можеби ќе забелезат заради барањето за прием со референцата. Оваа идеја е стара барем седум-осум години, но е единствена можност, за жал, засега што произлегува од резолуциите на Советот за безбедност на ООН и Времената спогодба помеѓу Македонија и Еленската Република.

Храброто и одлучно обраќање на претседателот Иванов верувам ќе биде гласно чуено во седиштето на НАТО во Брисел бидејќи на будванската средба беа претседателите на три членки на Алијансата, Хрватска, Словенија и Албанија, како и на три кандидати за членство (Црна Гора, Македонија и БиХ) и неколку земји - партнери на Алијансата. Како што стојат работите во моментов, сосема очигледно е дека Црна Гора е „миленичка на денот" на единствениот воен пакт што сеуште опстојува на планетава и официјална Подгорица е цврсто убедена дека кон крајот на годинава - согласно заклучокот од ланскиот самит на НАТО во Велс, Велика Британија, ќе добие покана за цленство, што ќе се формализира на следниот самит заказан за септември 2016-та година во Варшава, Полска, на кој Црна Гора треба да стане 29-та членка на Алијансата. Впрочем, и самиот факт што овојпат конференцијата од процесот „Брдо-Бриони" се одржа токму во Будва, Црна Гора, е јасен сигнал за политичката поддршка на оваа земја.

Интересна е генезата на црногорскиот од кон членство во НАТО. Иако како членка на заедницата Србија-Црна Гора дирекно учествуваше во војната против Хрватска и особено против БиХ и е одговорна за многу злосторства во таа војна; иако сеуште се отворени судски процеси во Милано против балканската тутунска мафија чии главни актери беа црногорските раководители (патем: нивниот консилјере, т.е. советник, комотно ужива во Скопје без влакно да му фали), иако имаа проблеми со слабата поддршка во црногорската јавност за членство во НАТО, како и проблеми со известителните служби на земјата кои нагласено многу инклинираат кон Белград... сите овие проблеми преку ноќ исчезнаа од оној миг кога Русија им понуди на Црногорците да изгради поморска база кај Будва за дел од својата Средоземна флота. Велиме преку ноќ, бидејќи сите наведени слабости на Црна Гора се занемарија, како да не постојат, заради интересот на Алијансата да го освои и тој простор на северните брегови на Средоземното море, и особено да спречи Русија да добие своја поморска база во овој стратегиски важен дел од Средоземјето.

Така стојат работите според моето скромно размислување. Но што со пораката на претседтаелот Иванов на средбата во Будва? Дали да се задоволиме со тоа што само е упатена од јавна говорница на важен политички настан, или да се обидеме да направиме и дополнителен чекор напред? Мое мислење е дека во претстојниот период треба да настапуваме со уште поенергични и категорички до степен на ултиматум барања кон Алијансата за упатување покана за прием на Република Македпонија во НАТО сега и веднаш и без никакви условувања и дополнителни барања од нивна страна!

Република Македонија направи голема грешка и пропушти неповторлива шанса што не побара, или поточно речено што не го услови НАТО со упатување покана за членство за време  „бегалската криза" во 1999 година кога големата НАТО армада со огромни количества на опрема и оружје се упати кон Косово, од тоа 95 отсто транспортирано преку територијата на нашата земја. Ние, како што не дал Господ, не успеавме тоа да го материјализираме со категорицко барање на покана за членство што не ќе можеа да го одбијат, а во меѓувреме таа наша „добрина" и „услужливост" кон НАТО се заборави и ретко кој воопшто и се сеќава на неа.

Затоа, предлагам, веднаш да им се даде на знаење на НАТО факторите: доколку кон крајот на годинава Алијансата упати покана за членство само на Црна Гора, а ја изостави и овој пат Македонија, дека ќе распишеме референдум на кој нашите граѓани ќе го искористат своето демократско право и ќе се изјаснат дали сме за понатамошно продолжување на агонијата во очекување на фамозната покана до бесконечност, или ќе прогласиме воена неутралност по примерот на Швајцарија и Австрија со што ќе си ја загарантираме и зацементираме нашата безбедност и нема да дозволиме „кучиња на војната" и странските известителни служби, потпомогнати со слични структури од големите играчи во светската политика да ни мешетарат кај нас дома. Трета опција, за зал, не гледам.

Паралелно со состанокот во Будва, во Берово, во ладовината „под бричките", министерот за одбрана Зоран Јолевски покани група свои пријатели од невладини организации и тинг-тенг групи, т.е. „интелектуалци на високи позиции во американското и европското општество" (би сакал Јолевски да ми објасни што подразбира под „европско општество") со кои седум години другаруваше во Вашингтон, каде одржаа „работилница" на која се констатирало дека „Македонија што побрзо треба да стане членка на Алијансата". Кутриот Јолевски или не ги разбира, или се прави мутав и глуми дека не ги разбира работите. Ваквите седенки се истрел во празно и осем пи-ар ефектот немаат апсолутно никакво влијание на донесување на одлуки за членство во Алијансата.

Нашиот проблем со недобивање покана за членство е во Стејт Департментот и со име и презиме кај госпоѓата Викторија Нуланд. Токму таму, во Стејт Департментот се изгради и ставот за непризнавање од страна на НАТО на пресудата од Хаг во полза на Македонија за грчката блокада на самитот во Букурешт во 2008), токму од таму доаѓа инсистирањето да се најде решение за името (не разбирам каква врска има името на една земја за нејзино членство во НАТО) како предуслов да добиеме покана за членство. Од друга страна се заборава или игнорира нашето учество и придонес во „Вилниус" групата, „А3" групата, „А5" групата, придонесот на АРМ во Авганистан и повторно да ја споменам незаменливата улога на Македонија во воздух и на копно за време на бегалската криза и операциите на НАТО 1999.

Останува да видиме дали во овие турбулетни времиња каде се отворија толку многу фронтови и закани шрум светот (не ретко со дирекна вина и учество на НАТО) конечно ќе превладее разумот, или ќе продолжи старата пракса на проблемите да им се приоѓа механички, како машини/роботи, без да се води сметка за долгорочните ефекти и последици од таквиот пристап.

Ѓорѓи Поповски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе