Химната, знамето, грбот и политиката

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

Целта на овие промени во најава, сметам, не е само создавање на симболи што ќе го одразуваат карактерот на земјата во која живееме. Ако барањата се испорачани во прогресивна, демократска искреност, а не од етно-националистички побуди потковани со желба за ругање, креирање јазови и одмазди, тогаш во симболите на државата не треба да има место за етно-национални обележја.

Да почнам со химната. Се виде од нејзиното интонирање пред почетокот на ЕВРО 2020 натпреварите дека етничките албанци во репрезентацијата истата ја бојкотираат. На сите оние што се револтирани од чинот и очекувале да видат друга слика им порачувам да си ги заносат „реалните” очила за прилагодување на видот.

Според мене, националните односно државните химни се дух на едно друго време. Времето кога сите во една земја универзално се перчеле од гордост - искрена или задолжителна - помина. Денес, во значителен дел од европските земји каде етно-национализмот наидува на предизвик од страна на етно-неконформизмот на различните претставници во народот, химните ги одразуваат сентиментите на еден дел од народот.

Нека биде тој дел од народот мнозинство, но сѐ дури има голем број луѓе за кои химната не ја одразува нивната етно-културолошка меморија на колективното животно искуство, ќе има и кисело чувство кога од сите подеднакво се очекува химната да ја почитуваат и ревносно пеат.

Ќе споделам едно искуство од Америка (САД). Таму, пред 20 години имав можност да посведочам како црн Американец (од афро-карипско-доминиканско потекло) не станува од столчето за да оддаде почит на таканаречената „Заклетва на верност на државата” (Pledge of Allegiance) за време на почетокот на класниот час (еднаш во неделата).

Овој млад човек со неговите 14 или 15 години колку што ги имаше, без никакво сомневање, бил свесен зошто заклетвата не му говори нему лично. Неговиот беше политички чин. Сите други ученици стануваа, вклучувајќи ме и мене. Некои ја искажуваа заклетвата на глас, на други не им беше грижа.

Јас лично, контемплирав за значењето, трагав по резонот, ги согледував различните толкувања и страни. Некогаш интонирав, некогаш не. Во четвртата година од средното образование веќе имав дојдено до ставот што делумно го искажувам овде.

Нејсе, заклучокот е, верувам, очигледен. Секогаш и секаде ќе има луѓе за кои химните, знамињата и грбовите нема да го носат истото значење и истата емотивно-патриотска ревност каква што била наумена од страна на креаторите и пропонентите на државниот и/или националниот поредок.

Околу 15 години од спознавањето на различната национална реалност и перцепција како што беше тоа искажано од мојот соученик, во Америка станаа погласни обидите на некои луѓе да го предизвикаат навезеното историско-национално кажување на американската историја.

Истото се случува и во Европа, но стариот континент е стара гарда каде националната гордост се калела низ светски војни и колонијализам, па така, наспроти тоа национално искуство одвај може да припари до јавето сентиментот на различните.

Може да одбереме речиси која било западна земја и да констатираме дали во неа има групи кои не се огледуваат на химната. Еден Франк Рибери некогаш не ја пее, а некогаш тоа го прави со половина уста кога се интонира француската химна. Да не зборуваме за африканците во тимот кои доаѓаат од земји со тешко колонијално минато - а и сегашност.

Можам да очекувам дека во блиската иднина ќе стане погласен и повидлив диспаритетот помеѓу „домицилните” и „неинтегрираните” низ Европа, а тоа ќе се одрази и на поимањето и значењето на химните.

Кога веќе стана збор за химната на Македонија, темата ќе го поларизира општеството. Оние што сакаат химната да ги претставува и нив ќе тежат на своето, оние што сакаат химната да ги претставува само нив и нивното, ќе извикуваат „неправда” и „предавство” и ќе очајуваат.

Што на светов е трајно, треба да се запрашаме, а не па значењето и емотивниот полнеж на една химна. Јас лично сакам на светското првенство да видам како сите лица во македонската репрезентација стојат гордо пред химната. Но пред чија химна, пред каква химна?

Знам што не сакам да се случи и како да не биде. Не сакам химна на албански или на македонски. Не сакам химна со историски пораки или воопшто, химна што се интонира со зборови. И онака повеќето ќе ја пееме фалш.

Сакам химна што ќе го одразува природниот дух и мелос на народот во Македонија, наместо фигури од историјата и поезии. Не сакам, едноставно, кармакаша од химна. Треба да сме веќе поумни и позрели. Химната на Македонија треба да биде амалгам на мелодии и реченици. На композицијата нека работат и Џијан Емин и виолинистот-виртуоз Газменд Бериша. Композиторите нека црпат инспирација од Драган Ѓаконовски-Шпато.

Нека се создаде музика која универзално обединува и лекува, за да не им се остави простор на етно-националистите да ги преточат своите синкретски националистички религии во текст и нарав.

Што со знамето? Беше најавено и дека се бара промена на знамето, што според мене е непотребен зафат чија цел е да се грабаат етнички поени и да се сили етничкиот зајтгајст во доба во која таа историска практика треба да биде преточена во конструктивни и добронадежни потфати - наспроти актуелните и огромни предизвици - потфати кои треба да им служат на сите луѓе, а не на една или друга етничка група, било каде во светот.

Знамето на Македонија е сонце. Поуниверзален симбол од овој не може да има. Иако неговата употреба беше издејствувана преку покажување политичка сила, поголемиот дел од Македонците го прифатија, а верувам, на поголемиот дел од останатите групи, едно сонце на црвена позадина едноставно не им боде очи.

Кога сме веќе кај знамињата, верувам дека на албанскиот политички фактор нема да му се допаднат репликите што ќе надојдат - тоа дека самото знаме што е милувано од сите етнички Албанци, всушност има христијанска позадина и е стилизација на византискиот орел, каков што може да се види на знамињата на многу други држави.

Отприлика на таков начин зјае иронијата на етно-националниот општествен конструкт.

Истото го сметам и за националниот грб, кој е остаток од друго време. Тие што посакуваат истиот да се промени нека се огледаат на вредносните што човек вреди да ги спознае преку симболи - природата (без која нема живот), имагинацијата (без која нема напредок), животинскиот свет (кој го доведуваме до работ на егзистенција), ведриот дух (кој треба да ја краси земјата).

Ако бараме примери на кои сите ќе се огледаат, ене ни го племенското знаме на мијаците, каде има и ѕвезда и полумесечина (ѕвездата Мизар), има двоглав орел, и лав, и змеј (симбол за фантазија) и сонце. Друга верзија од мијачкото знаме има и дабово дрво. Сево ова според мене, е Македонија со сите нејзини различности, а историската подлога е на место.

За завршен збор ќе посочам на очигледното - Европа се менува а промените треба да бидат изведени на прав пат, со голема доза на разбирање за и од секоја страна. Наспроти ова, Македонија треба да стане држава со здрави закони, правила и почитување на универзалните вредности, каде закоравениот етно-национализам и закоравениот нео-либерален прогресивизам ќе бидат ставени на своето место од разумот и потребата од правда и еднаквост за сите луѓе.

Мартин Анастасовски

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе