Граѓаните наспроти тајкуните

Повеќе од очигледно е дека водечките политички партии одработуваат само и исклучиво за интересите на десетица економски моќници,  каде граѓанинот е помножен со нула.

Во една од моите претходни колумни напишав дека е апсолутно неразбирливо однесувањето на СДСМ, на три месеци пред локалните избори. Не постои пример во македонската политичка историја, па и во светот, каде власта на три месеци пред избори носи мерки и закони кои удираат најдиректно на џебот и стандардот на граѓаните. Поскапувањето на електричната енергија, нов данок на нафтените деривати, носење на нов Закон за отпад со кој  повторно се дозволува увоз на отпад за преработка и на РДФ гориво (гориво добиено од преработка на сите видови на отпад),  најава за нова мега фабрика за преработка на 1.000.000 тони отпад во Неготино, издавање дозвола за изградба на облакодери наспроти Холидеј ин во Скопје, најава за преговори за повторно отворање на рудникот Казнадол,  неисплаќање на субвенции на земјоделците и сточарите...

Исто толку неразбирливо е однесувањето и на ВМРО-ДПМНЕ. Секоја опозиција во светот, за само една од горе наведените тешки глупости што ги прави власта, ќе го дигне народот на генерален штрајк и блокада на државата. Во која било држава, со каква таква демократија, власта веднаш паѓа доколку во ист временски период  ја покачи цената на електричната енергија, цената на нафтата, бензинот и гасот. Овие покачувања значат драматичен удар врз секој граѓанин и стопанството во целост.

Од друга страна се носат закони и уредби кои се директно порачани од моќните тајкуни и служат за нивно екстра богатење (отпад, рудници, мали електрани...) Никој и не го чита до крај објаснувањето каде ќе завршат парите од новиот еколошки данок на нафтените деривати. Тие одат директно и само за финансирање и субвенционирање на обновливите извори на енергија. Овие извори на енергија 100% се во рацете на моќните тајкуни. Се работи за најмалку 50 милиони евра годишно.

Повеќе од очигледно е дека водечките политички партии одработуваат само и исклучиво за интересите на десетица економски моќници,  каде граѓанинот е помножен со нула.

Човек си поставува прашање: Па дали постои нормален човек кој би гласал за вакви политики и однесување на водечките партии во државата (тука спаѓа секако и ДУИ)?  

Да, постои. Тоа е послушната армија од 250.000 гласачи на СДСМ, 250.000 гласачи на ВМРО-ДПМНЕ и 80.000 гласачи на ДУИ. Таа армија е послушна бидејќи за мал дел од нив се обезбедени огромни привилегии и пари, а за најголемиот дел, плата на први.

Концептот на овие партии, за овие претстојни локални избори е да се направат сите напори излезноста да биде само со нивните гласачи, а другите од огорченост и апатија  да не излезат да  гласаат. Тоа значи незадоволните членови на нивните партии и неопределените граѓани овој пат треба да седат дома, а работата да ја завршат партиските војници. Едноставно и ефикасно. СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ секој на свој начин ќе прогласи дека е победник, малите партии и независните кандидати ќе испарат и проектот „Мојата феудална  Македонија“ може да продолжи.

Овој  план или концепт, како сакате наречето го, единствено може да го пореметат граѓаните. Не ја потценувајте интелигенцијата, паметта и мудроста на МАКЕДОНСКИТЕ ГРАЃАНИ.

Ангел Наков

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на МКД.мк. Редакцијата на МКД.мк се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе